03 Мај, 2024
0.0247

РУСИЈА: меѓу стагнацијата и модернизацијата!

Објавено во: Колумни, Свет 23 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Како ќе се развива ситуацијата во Русија во наредниот период? Ова е прашање со кое се соочуваат не само Русите, туку и државите кои будно следат, како ниските цени на нафтата и западните санкции влијаат врз руската економија. Противниците на Русија од Запад, политичари и медиуми, беа многу гласни при воведувањето на санкциите и бараа да се казни Русија за она што се случуваше на Украина, а подоцна и во Сирија. Тие тврдеа и тврдат дека Роналд Реган, американскиот претседател, успеал да го урне комунизмот, токму со истите мерки. Пред се со ниските цени на нафтата, бидејќи таа беше најголем полнач на буџетот на Советскиот Сојуз, кој тогаш се наоѓаше во стагнација голема економска криза. Во моментов и Русија се наоѓа во период на стагнација, после периодот на раст, благодарение на високите цени на нафтата, при што неколкукратно се зголеми благосостојбата на Русите.  Како последица на новонастанатата ситуација се побројни се повиците за модернизацијата на руската економија и напуштање на големата зависност од нафтата и гасот. Русија не е СССР. Таа е капиталистичка земја, со сите мани на системот, со пазарна економија. Но, сепак има некои работи кои не можат да се одбегнат и водат кон правење аналогии. Според некои историчари во периодот на стагнација од средината на 60-тите години на минатиот век до средината на осумдесеттите години СССР го достигнал својот најголем развој. Се градеа нови градови, активно се развиваше воената индустрија. Советскиот Сојуз ја освојуваше вселената, имаше успеси на социјален план...Некои велат дека стабилноста е вистинскиот забор за тие години. Но стагнацијата значеше и друго. Токму во тој период практично престана економскиот развој. Високите цени на нафата и гасот му овозможуваа на советското раководство да обезбедува добивка само од продажбата на нафтата. А економијата беше оставена настрана, немаше реформи, но поради општата благосостојба на таквите проблеми не им се псветуваше многу внимани. Затоа некои тој период го нарекуваат „затишје пред бура“. На тој начин од една страна, СССР во тоа време достигна најголем развој и обезбеди стабилност за граѓаните, а од друга не постави здрава основа за економскиот развој на државата во иднина. А која беше многу потребна особено во предвечерието на распадот на СССР, кога Горбачов молеше за пари кај западните партнери. Во време на стагнацијата СССР не направи никакви промени во политичката структура во земјата и речиси сите раководни функции станаа доживотни. Членовите на Политибирото во просек имаа над 60, ако не и повеќе години. Партијата ги контролираше сите пори на животот и сите претпријатија ги спроведуваа решенијата на партијата. Во тој период порасна надворешно поитичката и внатреполитичката улога на КГБ. Во епохата на стагнацијата Советскиот Сојуз се наоѓаше во состојба на Студена војна со САД и беше важно да се зголемува воената моќ. Нагло порасна бројот на воените фабрики, во огромни количества се произведуваше оружје, во тие рамки и ракетно и нуклеарно. Едноставно, индустријата беше подредена на воената сфера, како во време на војните. Во Авганистан започнаа воени операции. И нормално сето тоа доведе до прекинување на развојот на економијата, намалување на земјоделствто...А потоа се удри по обичниот човек. Со паѓање на цените на нафтата на површина излегоа сите стагнантни појави и на сите им стана јасно дека во време на стабилноста економијата се преврати во заостаната и не може со свои сили да ја поддржува државата. Се понатаму е јасно. Следеше тешкиот приод на перестројката, а потоа и распадот на целиот систем. Кои се денес сличностите со застојот од времето на Брежњев? Прво ниските цени на нафтата и гасот. Второ, зголемените издатоци за воената индустрија. Тие секако се неспоредливи со воениот буџет на САД, но и БДП на Русија не е како оној на САД. Трето непроменетиот систем на владеење. Еден човек е на власт веќе 15 години, независно што дел од власта мина како премиер и тоа номинално. За изминатите години, треба да се каже, се зголеми благосостојбата на народот, но и социјалата. И тоа, благодарејќи на високата цена на нафтата и гасот. За разлика од времето на СССР, народот патуваше надвор пд својата земја каде што ќе посакаше. За жал за изминатите години Владимир Путин и покрај големите дострели, не постави основа Русија да ги дочека подготвена и без проблеми ниските цени на енергенсите и санкциите од Западот. Да, таа има резервен фонд, но тој се подјадува и има изјави дека во 2017 година од него нема да остане ништо. Русија има отворен конфликт со Украина, и воено учествува во борбите во Сирија, иако не како во Авганистан. Повторно се зборува за руските специјални служби. Сега се намалува бројот на оние кои патуваат на одмор во странство. Анкетите покажуваат дека народот е загрижен за својата економска иднина. По сето ова се поставува прашањето дали на Русија не и е потребна нова перестројка? А како што знаеме, првата беше болна и видовме како заврши. Се распадна еден голем систем. Дали не и се заканува на Русија одново таква опасност? Можеби ваквите прашања-претпоставки се претерани. Но, ако не се направат радикални промени времето ќе го направи своето. Оттука и се почестите повици за реформи, за модернизација, за намалување на суровинската зависност. Но тие тешко минуваат низ умовите на многумина во власта во Русија. Минатиот четврток, директорот на Збербанка, Герман Греф, на еден економски собир гласно прозборе за промени. „ Треба чесно да кажеме дека ние изгубивме од конкренцијата. И тоа е технолошко паѓање во ропство, јас би рекол дека се најдовме во списокот на земјите кои губат, во списокот на земјите „неуспешници“. Земјите и луѓето кои успеаја навреме да се адаптираат и да инвестираат во тоа, тие се денешните победници. Земјите кои не успеаја да се прилагодат кон својата економија, кон целиот социјален систем и кон сите институции тие многу ќе губат. И заостанувањето ќе биде поголемо отколку во време на минатата индустриска револуција, изјави Греф.   Според него извозот на руско оружје, ИТ и други производи расте, но најголем извоз, кој што треба да се прекине е извозот на мозоци. „Не пресметуваме колку годишно извезуваме од нив. Според обемот на загубите тоа е најголемото количество на она што го извезуваме, за жал, бесповратно, рече на истиот собир Греф. По оваа изјава Греф падна под силен оган на оние кои се’ уште сметаат дека Русија е број еден во светот. Па така, вицеспикерот на Думата, Николај Левичев, побара оставка од Греф за искажаните зборови. И речникот на Левичев не се разликуваше од оној на советските функционери. „При сите наши проблеми, кои се очигледни, со колосалните напори на претседателот и милионите наши луѓе се успеа да се сочува уникатното технолошко јадро на нашата индустрија – врвниот воено-индустриски комплекс, атомската и аеро-вселенска индустрија. Еден куп разработки во тие сфери – принципиелно нови технолошки решенија“ рече Левичев. Жално е што се уште има такви луѓе во власта. Во горната изјава заменете го зборот претседателот со зборовите генералниот секретар, ете ви изјава од советско време.  Но тоа не беше се од Левичев. „Да се слушааат вакви понижувачки зборови  за нашата земја од страна на таканаречените либерални економисти од 90-тите не е зачудувачко – тие никогаш не верувале во сопствената држава и сите се стремеа што побрзо да ја продадат“, додаде тој. На Греф не му останаа должни ни од опкружувањето на претседателот. Прес секретарот на Владимир Путин, Димитриј Песков, му порача на Греф дека негова работа е да води грижа за акционерите на банката која што ја води и посебно нагласи дека најголем акционер е државата. Навистина поблага, но и поцинична изјава. Инаку Греф е од тајфата на Путин и не е баш од „најчистите“. Не е Греф единствениот во Русија кој заговара економски реформи и фаќање воз кон новата индустриска револуција . И поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин често повикува на промени. Кога беше министер се залагаше за инвестирање во воената индустрија, но не така како што замислило раководството. Тој не беше против да се даваат пари, но беше против сите пари да се дадат одеднаш, туку секоја година по одредена сума. Тој предупредуваше и предупредува дека резервниот фонд ќе се изеде за година-две, дека пикот на економската криза следи допрва, иако Путин при едно обраќање минатата година рече дека тој поминал. И никој како да не слуша. Веројатно се плашат од нови чекори. Но, модернизацијата не значи само желба. Американско-рускиот историчар и социолог Георги Герлугјан вели дека еден од условите за модернизација е внатрешното групирање. „Сега во Русија се појавуваат услови за индустриски скок. Но, чесно кажано, главен проблем, како и секогаш во историјата е проблемот на колективното дејствување на елитата. Не е така тешко да се намали нивото на потребите на обичното население или да се разбие левата или либералната опозиција, тоа многу авторитарни режими се способни да го направат. Но, да се дисциплинира сопствената олигархиска елита, да ја дисциплинираш сопствената армија, полицијата – тоа е потешко. А силен лидер се јавува таму каде што таа елита е доволно исплашена. Класичен пример за тоа е Сингапур, за кого денес толку многу сакаат да зборуваат“, вели Герлугјан. И нормално следи прашањето, а не е ли Путин тој силен лидер кој може да ја оствари политиката на модернизација? „Видете ги огромните противречности. Путин е најпопуларен лидер и покрај тоа што 16 години не објавил политичка програма. Фактички се спроведува либерална политика при нелиберален режим. Тој навистина, веројатно, може уште да тргне на разни страни. Ние не знаема какви можат да бидат рокадите внатре во тој режим. И на крај, ние знаеме, дека има и драматични рокади, кои се нарекуваат или дворски удари или револуции“, нагласува Герлугјан. За крај, останува да се верува дека работите во Русија нема да се одвиваат по пат на дворски удари или револуции. Зашто нејзината историја е полна со такви појави кои завршувале со крвопролитија. Впрочем како и историјата на сите деспотски однесувања, било во САД, било во Европа, или во колониите на големите европски држави.  Гаранција за ова нема. Факт е дека Путин ја спаси Русија од пропаѓање по периодот на владеење на Борис Елцин, но сега е пред голем предизвик, да не дојде некој друг да ја спасува Русија од пропаѓање по периодот на неговото владеење, кое не знаеме кога и како ќе заврши. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина