05 Мај, 2024
0.0231

Реалните шоуа – идеален опиум за масите!

Објавено во: Анализа 09 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Изгледа навистина неверојатно кога собирате неколку луѓе, со сомнителен интелектуален капацитет, ги затворате во една куќа, ги снимате и потоа истите тие луѓе постигнуваат исклучително големи рејтинзи. Еден регионален стендап-комичар во неговата точка кажа дека шоу од типот на „Големиот брат“ би можеле да го измислат само надувани Холанѓани, бидејќи таква глупост може да му текне само на надуван човек. Но веќе втора декада реалните шоу-програми од типот на „Големиот брат“ лепат огромен број гледачи и огласувачи пред ТВ-екраните. И навистина, Холанѓанец ја измисли оваа форма на реално шоу, која денес е толку многу популарна. Патем речено, човекот што ја измисли е мултимилијардер. Една од најдобрите работи за телевизиите што ги продуцираат ваквите типови емисии е исклучително ниската цена за снимање. Во основа потребни ви се една куќа, релативно ниско платени учесници и многу камери. И толку. Нема приказна, нема сценарио, нема заплет, буквално ништо. Реалните шоуа буквално се пишуваат сами од себе. Самите актери си креираат почеток на приказната, заплет, кулминација и крај во вкупно 100, 200 или колку и да се епизоди. И тоа секој ден, без реприза, по 24 часа. Но мораме да го поставиме прашањето колку е добра таквата серија? Сериите од типот на Зајнфилд, Пријатели и Биг бенг се во основа слични на Големиот брат. Се следи животот на група луѓе. Разликата е што во првиот случај дијалозите ги пишуваат сценаристи и луѓето што глумат се актери, додека во вториот случај актерите се учесници во шоуто и кажуваат што ќе им текне. Впрочем, можеби ова е првата причина поради која луѓето гледаат вакви типови емисии – тие личат на вистински ТВ-серии. Интересно е што ваквите емисии активираат неколку типови поттикнувачи, кои се активираат и кои тераат да продолжите со гледање. Велат дека во денешно време на голем избор и голем број информации, потребно е нешто да ве фасцинира за да може да му придадете поголемо значење. А тоа е и втората причина што ваквите емисии се гледани - тие фасцинираат. Исто така, активираат чувство на моќ, гледачот се чувствува како да ги контролира тие што се внатре. Вие сте надвор, правите што сакате, додека тие се затворени за вие да ги глеадте и потоа преку гласање да решавате за нивните судбини. Чувството на моќ е еден од главните мотиватори генерално и многу свесно доколку некој го активира кај нас може да не злоупотреби. Во случајов јасен е начинот на кој моќта го поттикнува седењето пред екранот. Да гледате луѓе во живо како се соблекуваат, облекуваат, имаат секс, се караат, поттикнува чувство на порок, кое, исто така, доколку биде правилно активирано, може да побуди потреба да се гледа ваквата програма. Секој гледач потајно има чувство дека прави нешто што не треба да го прави, а секако се што е забрането изгледа многу попривлечно. Забележувате дека преку активирање на повеќе тригери, секој што сака да ни продаде нешто, без разлика дали се работи за возило или за телевизиска емисија, тоа може многу лесно да го стори. Потребно е само да ве погоди на вистинското место. Токму поради овие причини пред да донесете одлука за што било, запрашајте се какви чувства тоа нешто разбудило кај вас и зошто толку многу сакате да го имате. Можеби одговорот што ќе го најдете нема да ви се допадне. Милан Димитриоски

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад