17 Мај, 2024
0.0275

Рамзан Кадиров – Распутин или новиот Сталин во Русија?

Објавено во: Свет 06 Март, 2016

Добивај вести на Viber

Пред две години на семеен ручек кај нас гостин ни беше еден млад русин, дипломец на елитен московски универзитет. Како што бива во такви прилики се водеа разговори на разни теми. Не можевме да ја одбегнеме Украина со настаните што се случуваа тогаш таму. И така разговарајќи и за Русија, младиот гостин ја спомена Чеченија. Ја спомена како неизвесност.  Неизвесност што се прави таму, неизвесност што претставува таа руска република, неизвесност што, всушност, може да очекува Русија од неа и од нејзиниот претседател Рамзан Кадиров. Некаков вид „црна дупка“, која голта федерални пари, не почитува федерални закони и во најмала рака како американска сојузна држава. Ама единствена во Руската Федерација. Она што важи за Чеченија не важи за другите субјекти на Федерацијата! А сето тоа предизвикува скриен револт кај другите федерални субјекти, но и во голем дел од јавноста Темата – Чеченија траеше кратко. Но, тој разговор оттогаш ме следи постојано. Веќе две години. Особено кога ќе сретнам четива за таа руска република.  А се интезивираше последниве месеци, кога Кадиров се појави жестоко во руската јавност. Со повици против „несистемската опозиција“,  против „американскиоте агенти“. И конечно со неговата изјава, пред некој ден, со која практично се откажува од нов мандат, бидејќи сегашниот му истекува токму денес. „Сега, за да не го користат моето име против мојот народ, сметам дека државното раководство треба да најде друг човек“, рече Кадиров. И додаде дека сака да се занимава со семејството, сопруга и девет деца, со личниот живот, бизнис и изучување на исламот. За многумина ваквата изјава е предизвик за рускиот претседател Владимир Путин, а други сметаат дека таа не треба да се сфаќа сериозно, во западна смисла на однесување. Лично сметам дека станува збор за провокација за јавноста и дека работите веќе се договорени во Кремљ. Со голема веројатност може да се очекува Путин да го назначи за вршител на должност претседател. Изборите за таа функција ќе се одржат во септември годинава, како резултат на променте на чеченскиот устав. Кој е Рамзан Кадиров? Роден е 1976 година. За неговото образование има многу дискусии. Но се знае дека завршил средно училиште, а потоа се стекнал и со висока образование во правната струка., во меѓувреме ја посетува Руската академија за државна служба.Официјално има пријавено и докторат. За време на Првата чеченска војна се бореше против федералните војски заедно со неговиот татко Ахмад Кадиров. За време на Втората воена кампања во Чеченија заедно со татко му преминаа на страната на федералната влада. Втората кампања започна во времето кога Путин стана премиер. Во 2004 година беше извршен атентат врз Ахмад Кадиров, кој беше прв човек на Чеченија. После тоа почнува одењето по нагорна линија на младиот Кадиров се до 2007 година кога стана претседател на Чеченија, а втор мандат доби во март 2011 година. Има звање генерал мајор на милицијата. Чеченија според некои извори има 25.000 припадници под оружје. Раководењето со Чеченија во негово време е обележано со стабилизација на ситуацијата во републиката Тој е немилосрден кон чечнските бунтовници. Во тие години доаѓа до голема обнова на Чеченија со огромна поддршка од федералниот буџет. Според некои податоци дури 90 проценти од буџетот тогаш бил полнет од Москва. Милијарди долари се слеани во Чеченија. Денес главниот град Грозни не може да се препознае, ако се имаат предвид големите разурнувања за време на чеченските војни. За време на Кадиров почнува изламизацијата на републиката. Од народот, низ кампањи, се бара да се почитува духовност, моралот. Жените ги тераат да носат шамии, сукњи, а не пантолани, Има еден виц на таа тема. Група млади Чеченци, со кратки бради без мустаќи, стегнати во униформи, и еден од нив почнал да убедува некоја девојка, „облечи сукња, сукња, ти реков облечи сукња“. А дрската чеченка му одговара, „а кој  си ти мене да ми кажуваш да облечам сукња“?  „Педагогот“ и вели: „А ако Рамзан ти рече да облечеш, ти што, пак нема да облечеш“? На тоа девојката одговара: „а ако Рамзан тебе ти рече да облечеш сукња, ти исто така би облекол“? И покрај ваквите девојки, Кадиров ја турка исламизацијата. Се градат џамии насекаде. Но тоа не му пречи на Инстаграм да поставува фотографии и коментари. „Во Русија има еден претседател, а сите други се пешадија“ напиша пролетта 2015 година на Инстаграм. Тој е верен на „Путин до смрт“, како овој нашиов политичар кон Сашо Мијалков. „Мој идол е Путин и сакам тој да биде доживотен претседател на Русија“, ќе изјави за „Њусвик“ Кадиров. Го сомничат дека тој знае кој стои зад убиството на Борис Њемцов. За него луѓето од вонпарламентарната опозиција се непријатели на народот. На Инстаграм не останува тој должен ни на Барак Обама, ни на први лица од ЕУ какви што беа Херман ван Ромпуј, Кетрин Ештон, Жозе Мануел Баросо. Сите нив ги ставил во список со санкции, како одговор на санкциите воведен од Западот кон Русија. Тој ги повикува лидерите на арапскиот и муслиманскиот свет „да се обединат против обидите на САД да го уништат светот на исламот“. За веднаш потоа да се корегира. „Ние не повикуваме на војна со Америка, ни со нејзините сојузници. Ние повикуваме да им се покаже местото на политичарите кои го изгубиле чувството на мерка, принесувајќи жртва на своите интереси – цели народи и држави“, ќе напише Кадиров. Ги навредува полициските сили, кои не се од Чеченија. Пишува дека Чеченци се борат во Украина. Ваквото негово однесување е толерирано од Кремљ. До каде оди тоа толерирање доволно е да се каже неодамнешниот пример на еден пратеник на Краснојарскиот градски совет. Константин Сенченко во Фејсбук напиша: „Рамзан, ти си срам за Русија. Ти дискредитираше се што е можно. Ти го дискредитираше звањето „Херој на Русија“. Си ги спомнувам времињата кога ние овде во Краснојарск собиравме помош за нашите момци кои одеа да војуваат во Чеченија. Ти тогаш трчаше по планините и ги убиваше нашите  деца. Тие сега лежат во земја, а ти си херој на Русија“. За 24 часа Сенченко, мораше да се извини на Кадиров. И тоа извинување беше објавено на чеченската телевизија, иако било договорено да не биде јавно. Извинувањето било плод на тефонски разговор со „човек кој е многу познат и кого јас многу го почитувам“, ќе изјави Сенченко за БиБиСи. Очигледно е дека Кадиров изгледа недопирлив. Но руската историја дава можности за аналогии. Некои веќе ги прават. На пример споредувајќи го Кадиров со Григориј Распутин, точно од пред 100 години. Човекот кој што играше непозната, за јавноста, улога во семејството на императорот. И оценките за Распутин биле нееднозначни. Бил неадекватен на европскиот Петербург, но сепак близок до царскиот престол. За незадоволните од императорот Николај II, токму Распутин бил симбол на сите несреќи што се случувале во државата, на сите несреќни кадровски решенија и на општата атмосфера на кризата во последните месеци од царизмот. Царот тогаш ги раскинувал односите со оние од неговото опкружување, кои негативно се искажувале за Распутин, а ги наградувал другите кои наоѓале начин да се доближат до „старецот“. Во суштина, велат познавачите, односот кон Распутин во 1916 година бил клучно прашање во руската политика. И Распутин тогаш и Кадиров сега се омразени во некои, тогаш аристократски, сега административни, како и политички и воени кругови. Кадиров не го сака бирократијата, ниту граѓанското општество, затоа што има можности, овластувања и ниво на недопирливост, што е туѓо на другите регионални раководители. Епилогот на рускиот цар е познат. Ја изгуби државата, а потоа животот. Но пред тоа беше убиен Распутин и тоа од рацете на политичката елита. Од друга страна се поставува прашањето, дали Кадиров не би можел да стане нов Сталин. Не советски, туку руски. Веќе се шират шпекулации дека  може да му биде понудено вицепремиерско место во Федерацијата. А тој, очигледно умен и дрзок, ќе се кали и ќе учи. Путин сигурно ќе владее со Русија до 1925 година, или „до крај на животот“ како што посакува Кадиров. Впрочем и Сталин, според биографот Едуард Радѕински, на почетокот на својата кариера никогаш не го ставале на маса со членовите на Политбирото, туку седел настрана. И од таму учел, „ учам, по малку учам“, пишува Радѕински. За потоа, кога ќе научи, постепено да ги ликвидира сите што биле на масата, додека тој бил настрана во некој ќош. Може и тоа да се случи. Кадиров да биде повлечен во Москва на учење. Руската историја знае за Катерина која ја променила верата, научила руски и беше еден од најуспешните руски владари. Сталин исто така е од Грузија. И Кадиров може да стане поголем Русин од Русите. Путин соблазнен од Сталин, но знаејќи ја и неговата биографија, тешко дека ќе се одлучи Кадиров да дојде во Москва. Нему тој му е потребен на терен. Кадиров не го сакаат и членовите на т.н. „Политбиро 2.0“. Тоа се сегашните негови најблиски соработници, произлезени, како и тој, од шинелот на КГБ. И за нив е најдобро и веројатно ќе навиваат Кадиров да остане во Чеченија. Не за друго, за да не се доведат во искушение како царската политичка елита. Секако, пред да се повлече сегашниот цар од тронот. Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

ФБИ НУДИ 250.000 ДОЛАРИ ЗА ИНФОРМАЦИИ ЗА ИЗМАМНИКОТ НА ВЕКОТ: Ова е најбараната жена на планетата

ФБИ НУДИ 250.000 ДОЛАРИ ЗА ИНФОРМАЦИИ ЗА ИЗМАМНИКОТ НА ВЕКОТ: Ова е најбараната жена на планетата

ПО НАПАДОТ НА ФИЦО: Смртни закани добил и Доналд Туск

ПО НАПАДОТ НА ФИЦО: Смртни закани добил и Доналд Туск

НОВИОТ РУСКИ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НЕ ПОМИНАЛ ВОЕН РОК: Дали Путин згреши со изборот?

НОВИОТ РУСКИ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НЕ ПОМИНАЛ ВОЕН РОК: Дали Путин згреши со изборот?

СОСЕДОТ ГО КИДНАПИРАЛ: Алжирец е пронајден по 26 години

СОСЕДОТ ГО КИДНАПИРАЛ: Алжирец е пронајден по 26 години

КАДИРОВ: Насочете ги сите сили кон безбедноста на Русија и нејзиното население

КАДИРОВ: Насочете ги сите сили кон безбедноста на Русија и нејзиното население

ВОВЧАНСК: Русите егзекутираат цивили?

ВОВЧАНСК: Русите егзекутираат цивили?

НЕКОЛКУ ДЕНА ГО ПЛАНИРАЛ НАПАДОТ: Човекот кој пукаше во Фицо откри што го налутило

НЕКОЛКУ ДЕНА ГО ПЛАНИРАЛ НАПАДОТ: Човекот кој пукаше во Фицо откри што го налутило

ШЕСТЕ КЛУЧНИ ГРЕШКИ - еве што погреши обезбедувањето на словачкиот премиер Роберт Фиц

ШЕСТЕ КЛУЧНИ ГРЕШКИ - еве што погреши обезбедувањето на словачкиот премиер Роберт Фиц

ДУБАИ Е ПОДОСТАПЕН ОД БИЛО КОГА: Цените на недвижностите се пониски отколку во центрите на многу балкански земји

ДУБАИ Е ПОДОСТАПЕН ОД БИЛО КОГА: Цените на недвижностите се пониски отколку во центрите на многу балкански земји