Работат во Минхен, а живеат на улица
Објавено во: Балкан 25 Јануари, 2017
Илјадници Бугари, голем дел од Пазарџик, работат во Минхен, но бидејќи заработуваат малку пари, многу од нив живеат буквално на улица, пишуваат бугарските медиуми.
Исмет е родум од Пазарџик. Од 14 години работи физичка работа во милионскиот германски град Минхен. Заедно со своите сонародници, од кои повеќето се бугарски Турци, секое утро си бара работа во реонот на железничката станица.
Но, парите што ги заработуваат, не стигнуваат за нормален живот. Затоа ноќева под мостот „Рајхенбах" - заедно со најдобар пријател Славчик, кој исто така е од Пазарџик. Двапати неделно ја посетуваат црквата „Свети Папа Бонифациј", каде имаат можност да се искапат.
„Ако воопшто најдат работа, тоа е само за неколку дена, за недела или најмногу две. Во татковината пак заработуваат не повеќе од 250 евра месечно, со цел месец работа. А со овие пари тешко се издржува семејство "- раскажува социјалниот работник Сава Тетик, кој е добро запознаен со проблемите на бугарските работници.
Метин работи како чистач и заработува околу 700 евра месечно. Голем дел од износот сепак го праќа во Бугарија, каде што има пет деца и пет внучиња.
Во споредба со многу од своите сонародници во Минхен, Метин е среќен затоа што редовно добива плата. Другите се сместуваат во центри за бездомници по завршување на работата доколку е можно, а некои работат и на црно, при што се случува и да останат без пари за сработеното.
Социјалниот работник Тетик објаснува дека секој еден од овие мажи станува барем два-три пати во годината жртва на измама од страна на некој работодавец.