Добивај вести на Viber
Откако пред два дена беше убиен сопственик на казино во Тирана, Албанија денеска ја потресе веста за уште две убиства на познати бизнисмени. Како што јави МИА, првото убиство се случило утрово во Драч. Две маскирани лица кои биле на мотор, со четири истрели од огнено оружје го убиле 40-годишниот сопственик на градежната фирма Плауренд Цани, по што веднаш избегале. Бизнисменот бил погоден додека пиел утринско кафе со вработените во кафуле близу објектот што го градела неговата фирма.
Околу пладне се случило уште едно убиство кога во центарот на рударското градче Булќиза, неидентификувани лица пукале во 40-годишниот Ќерим Марку, сопственик на фирма за преработка на хром.
Како што пишуваат албанските медиуми, најверојатно станува збор за расчистување сметки поради бизнис конкуренција. Веќе се стравува дека овие убиства се дел од серијата напади чија цел се познати бизнисмени.