03 Мај, 2024
0.0335

Проблемот е во изборната корупција, а не во списокот!

Објавено во: Колумни 25 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Можеме до бессвест да плетеме прикаски, со што тоа Груевски тргува, дали со името, дали со бегалците, дали со финансирање на американски лоби групи, но на крајот - вистината е една,  изборите кога и да се одржат, на нив ќе мора да излезат и да гласаат единствено македонските граѓани и никој друг. Проблемот е што ние имаме системска фалинка која за жал не ја детектира ниту опозицијата. Не можеме да зборуваме за датум на избори се‘ додека пред лицето на правдата не бидат изнесени оние кои се одговорни за изборните фалсификати и неодговорното трошење на народните пари, а со кои се купуваат гласовите. Народот мора да согледа дека ваквиот начин на спроведување на политиките е казниво и дека за таквото нешто се одговара. Тие што се огрешиле ќе мора да одат во затвор, а народот да разбере дека во нив не треба да гледа спасистели, само затоа што ги вработиле во администрацијата, им дале субвенција или ги возат бесплатно во авобусите на ЈСП. Тоа се криминалци кои долгорочно им прават штета не само на „сдсмовците“ туку на сите чесни граѓани кои живеат во оваа земја. Значи се‘ додека не се санкционираат, најпрво, изборните злодела  нема можности за фер и демократски избори. Тоа е нужно за никому да не му текне  во наредните избори да се обиде да се послужи со незаконити постапки и однесувања. Па, нели наредните избори не се вонредни поради желбата на опозицијата, туку поради фактот што власта е фатена со „спуштени гаќи“ во недозволени изборни и други активности. Таквата власт најмалку се руши само со чист избирачки список и нов главен и одговорен уредник на МТВ. И на европејците ова им е јасно, освен ако поверуваат дека, после толку лаги и местенки, Груевски овојпат не им прави трговски финти. Навистина е небулозно да „глумиме“ демократија  со органзирање на избори   чиј исход однапред е познат, доколку до изборите нешто суштински не се промени. Се потценува влијанието од невидената јавна изборна корупција со буџетски пари и од непреченото учество во идните изборни активности на луѓе кои во претходните, учествувале во незаконски изборни ујдурми. Условите за организирање на избори ќе бидат вистински создадени, не тогаш кога ќе се прочистат избирачките списоци, туку тогаш кога во државата граѓаните ќе разберат  дека не смее лица осомничени за незаконити постапки и однесувања да бидат инволвирани во изборната камања. Затоа,  до пред изборите граѓаните мора да бидат охрабрени, без разлика на нивната политичка определба, дека доколку нивните партиски другари поради сторените гревови заминат во затвор, тоа не значи дека и тие се виновни, дека членовите на нивната партија се „кабаетлии“ и дека тие поради тоа треба да трпат последици. Последиците мора да ги сносат оние кои се огрешиле пред законите, а добрите и чесните граѓани мора да продолжат нормално да функционираат во системот без разлика на која политичка опција припаѓаат. Апсурдно е што „сламката на спасот“ Груевски се‘уште тврдоглаво ја гледа во интензивирањето на неговата досегашна практика на владеење, како ништо да не се променило. Факт е дека популистичката политика на „морков и стап“, клиентилистичка зависност и страв, му донесе голема доверба и висок рејтинг кај материјално зависните и осиромашените, а стравот за работните места парализира и голем број на вработени, особено во администрацијата. Тоа му овозможи неограничена моќ на владеење. Го наруши уставниот принцип на поделба на власта, докрај ја партизира државата и државните институции, го деградира пазарниот систем и односи и земјата ја доведе на ова дереџе во кое се наоѓа (најсиромашно население, работници со најниски плати, пензионери со најниски пензии, многу брз раст на долговите и опасност набрзо да се најдеме во ситуација нивното сервисирање да почнеме да го вршиме со намалување на таквите плати и пензии и бедни социјални примања). Очигледно е дека исцрпувањето на средствата за продолжување на досегашната негова политика го тера да брза со изборите. Веќе почна и со ситни ветувања кои ќе ги остварува  во месеците и деновите до изборите, што повеќе личи на јавна изборна корупција отколку на смислена социјална и развојна политика. Затоа без „изолирање“ на поткупувачите на гласови, проблемот со избирачкиот список е „мачкина кашлица“ во прикаската организирање на фер и демократски избори. Впрочем, веќе одамна и медиумите ги поклопија купувајќи ги со буџетски пари, а правосудните органи  ги ставија под свое. Лиферувањето на лаги и полувистини се интензивираа, а  правосудните органи не најдоа за потребно да реагираат за криминогени активности по допрен глас. Очигледно е дека  власта народот го претвори во клиент, а клиентите секогаш се со доверителите. Поради тоа тврдам дека се‘уште не се создадени услови опозицијата да се спротивстави на власта,  бидејќи реалните односи  во државата се далеку од нормални за одржување на фер и слободни избори. Но сигурно ваквата теза не значи дека тркалото не е поместено и дека полека но сигурно веќе не се движи. Тоа е тргнато и сега се дискутира само за брзината на неговото  движење. А, Груевски ако мисли дека со опструкциите на работата на СЈО може да ја запре и оневозможи правната разврска на случаите со индиции па и докази за бројни незаконитости извршени лично од него и од неговите најблиски соработници, значи дека не разбрал во каква ситуација се наоѓа. Со опструкциите само покажува дека оттаму чувствува страв. Затоа со сите средства настојува обвинителските одлуки да не видат светло на денот до одржувањето на изборите, на кои, сака да верува и го убедува гласачкото тело, дека тој ќе ги добие изборите и дека на клоци ќе ги избрка сите што му сметаат. А потоа, според неговите сфаќања, никој ништо нема да му може. Како да не разбра дека процесите веќе се започнати, се воспоставуваат нови правила токму поради досегашната недемократска практика и тој процес не може да го сопре. Д-р Крсте Шајноски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина