01 Мај, 2024
0.0251

Престана градењето, продолжи крадењето

Објавено во: Економија, Колумни 29 Август, 2016

Добивај вести на Viber

На 31 август ќе знаеме дали ќе се оди на предвремени избори. Ако не се оди, ќе мора поинтензивно да се работи на исполнување на условите за одржување на слободни и фер избори. Тоа ќе чини, веројатно, уште некое задолжување на власта, меѓутоа, таквата цена би била многу помала отколку актуелната власт да ги добие изборите и да го продолжи владеењето. Таквата разврска ќе кошта многу повеќе. Груевски досега со ништо не покажа дека е свесен за причините на длабоката општествено-економска и политичка криза во земјата. Нема ни трунка свест за сопствените слабости и грешки. Напротив, за се’ е виновна опозицијата и странските непријатели. Се повлече од  премиерската функција, но како лидер на владејачката партија  уште поинтензивно продолжи да работи по тергот со кој ја доведе земјата до сегашното дереџе.  Тој се’ уште верува дека на тој начин неговата партија ќе ја задржи власта, а тој, од таа позиција, ќе се одбрани  од сомненијата за криминогени постапки и однесувања. Однесувањето на Груевски може да се разбере како личен интерес за забошотување на одговорноста за состојбите во кои се наоѓа земјата. Меѓутоа, страшно е за идниот општествен развој што  неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, продолжува поданички и слепо да го следи лидерот. А некои од раководството, кои се споменуваат и како негови наследници, дури настојуваат да се прикажат и како „поголеми католици од папата“. Не гледаат ништо проблематично  во досегашното владеење на лидерот. Ваквиот инфантилен однос на поданиците се должи на фактот што се работи за лични мотиви зад кои се крие остварувањето на значајни материјални интереси, од една страна и силна зависност од лидерот, од друга страна. Најтрагично од се’ е што и тие малкуте во партијата што ве убедиле за кратко дека можат да функционираат без лидерот, набрзо ве демантираат и го покажуваат вистинското лице, а тоа е дека се подготвени партијата и без  Груевски да продолжат да ја водат и да функционира како со него. Патот веќе е утабан. Со или без Груевски, се’ додека е на власт  постојната коалиција повеќе од извесно е дека забрзано ќе ја водат земјата кон должничка криза. Тие  недвосмислено не убедија дека функционираат како систем на незаситни зависници од туѓи пари, и на тој начин ги остваруваат партиските и, пред се’, личните интереси. А цехот? Него ќе го плаќаат, не само сегашните, туку и идните генерации. Аргументацијата за ваквиот песимизам е едноставна. Додека инспираторот на „моделот“ на волунтаристички развој на земјата, се’уште е во позиција да му сугерира на премиерот кога да има владина седница и која точка да ја стави на истата и тоа бесрамно пред целата македонска јавност, реалните текови во економијата ќе бидат такви, катастрофални. Нема прогрес во Македонија доколку во најголемата партија на власт не се раскрсти со „груевизмот“.  Отсуството на сознанија  за потребата од коренити промени во делувањето на партијата, во насока на департизирање на државната управа и државните органи, само ќе го продлабочуваат „дефицитот“ во демократското владеење. А тоа ќе не’ оддалечува од зачленувањето во ЕУ и од придобивките од тоа. Демократски ориентирани партии ова не смеат да го превидуваат. Со некритичноста кон економската практика на Груевски, ДПМНЕ се легитимира како продолжувач на неговите погубни постапки и однесувања. До лани тоа можеби и можеше да се оправда (со недоволно познавање на состојбите), меѓутоа, по задолжувањето на земјата со една милијарда евра без никаков ефект врз економскиот раст (туку само за отплата на стари обврски и за финансирање на тековна потрошувачка, инспирирана, пред се’, за корумпирање на гласачите) отпадна аргументот „се кради, ама и се гради“, бидејќи растот и градењето се забавуваат. Со ребалансот на годинешниот буџет се редуцираа капиталните инвестиции, а се зголемија ставките преку кои се корумпираат значајни групи  од избирачите.  И без Груевски во владата, значи, се продолжи со неговата практика. Немаше ни обид за усогласување  со усвоената стратегија за финансиска консолидација со која се предвидува намалување на буџетскиот дефицит. Како да не постои таква обврска. И како тоа да не е проблем  и покрај брзиот пораст на јавниот долг, за чие сервисирање веќе не е доволна стапката на раст на БДП од 3%. А таа за годинава е корегирана на 2%. Тоа значи дека добар дел од населението ќе најде во ситуација  не само да нема фајде од растот, туку да се помири и со релативно намалување на својот дел во распределбата на БДП. Бидејќи, нели, долговите мора да се вратат. А тоа, ако растот не е поголем од делот на обврските што треба да се сервисираат, се прави или со помали примања, или со зголемени даноци или со инфлација. Или со некоја комбинација од овие ставки. Очигледно е дека власта веќе нема лек за зависноста од туѓи средства. Таа недозволи да помине и предлогот за задолжувањата поголеми од 100 милиони евра да одлучува Парламентот. Значи актуелната власт не сака да има контрола во задолжувањето и трошењето на позајмените средства. Тоа е јасна најава што може да се очекува во иднина кога пари и тоа како ќе и’ требаат, а, притоа, во изминатиот период не создаде услови истите да ги обезбеди со побрз раст. Допрва ќе биде „весело“ со задолжувањата, доколку Груевски и неговите поданици останат на позиција. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

НЕВРАБОТЕНОСТ: Колку Германци се без работа?

НЕВРАБОТЕНОСТ: Колку Германци се без работа?