Премиерот Спасовски неуредно бил повикан на судењето за „27 април“
Објавено во: Македонија 09 Март, 2020
Премиерот Оливер Спасовски беше повикан денеска во Основниот кривичен суд во Скопје на продолжението на судењето за организаторите на насилствата во Собранието од 27 април 2017 година, но не се појави.
Причината е што имало неуредна достава за него и за Михаил Младеновски, уште еден сведок кој беше планиран за денеска, но и тоа што судското рочиште ќе треба да заврши до 14 часот бидејќи обвинетиот Миле Јанакиески има јавна седница во Апелацискиот суд во Скопје за куќниот притвор.
Спасовски инаку е сведок на предлог на обвинителката Вилма Рускоска, а на нејзин предлог треба да сведочи и Михаил Младеновски. Рускоска најави дека како сведок ќе биде повикан и Александар Василевски – Нинџа, осуден на осум години затвор за „27 април“.
На првото рочиште за организаторите на насилствата во Собранието одржано на 26 февруари, обвинетите Трајко Велјановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски и Владимир Атанасовски, се изјаснија дека не се винови за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност”. Поранешните државни функционери од времето на ВМРО-ДПМНЕ, кои се товарат за организирање на „крвавиот четврток”, кажаа дека го сметаат обвинието против нив за политички прогон.
Обвинителката Рускоска, пак, тврди дека ќе докаже оти обвинетите изготвиле план со намера за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата со акти на насилство за да спречат мирно примопредавање на власта, што резултира со насилствата на 27 април 2017 година.
Во истрагата за организаторите на „27 април“ беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.
Судскиот процес го води судијата Илија Трпков.