Преку државна ревизија до поголема финансиска транспарентност во Македонија
Објавено во: Мои пари 19 Септември, 2017
Во просек, ДЗР има по една или ниту една вест/известување за јавноста во еден месец, што е помалку во споредба со предходните квартали. На веб-страницата на ДЗР до јуни 2017 г. се објавени сите ревизорски извештаи за ревизија на регуларност, освен за Министерството за внатрешни работи, односно 38 од вкупно планираните 39, и се објавени сите ревизорски извештаи за ревизија на успешност освен за субјектот/проектот: Ефикасност на мерки, политики и проекти за заштита на Охридското Езеро, од годишната програма на ДЗР за 2016 година.
Во третиот квартал се мереше и перцепцијата на претставници од медиумите. Она за што сите испитани новинари дадоа идентичен одговор, е дека би било корисно барем периодично претставник на ДЗР да прави презентација/прес-конференција со наодите од ревизорските извештаи. , Ова е особено затоа што ревизорските извештаи, поголемиот дел од нив (речиси 60%) сметаат дека делумно ги разбираат, бидејќи некои работи се стручни и нејасни.
Во 2015 година до основното јавно обвинителство Куманово бил доставен извештај за Ревизија на успешност на Јавната здравствена установа Здравствен дом – Куманово, каде било констатирано незаконско работење на службите во установата, а во врска со тоа претходно била поднесена и кривична пријава против лице вработено во Здравствениот дом. Во текот на 2016 година, до Основното јавно обвинителство Скопје биле поднесени ревизорски извештаи на НУ Филмски фонд на Р. Македонија и извештај од ревизијата на успешност за ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта Македонија пат Скопје. Предметите се во предистражна постапка. Во текот на 2016 година, до Основното јавно обвинителство Кочани бил доставен Конечен извештај за работењето на Општина Кочани, предмет што сè уште е во предистражна постапка. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постапува по извештај од ревизија на регуларност во Министерството за образование и наука. Предметот е во предистражна постапка. Во основното јавно обвинителство Прилеп, во предистражна постапка е предмет по Конечен извештај за извршената ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2015 година до Јавната општинска установа Дом за стари лица „Киро Крстевски – Платник“ Прилеп. Според одговор на Државната комисија за спречување корупција, ДЗР, согласно член 35 од Законот за државна ревизија, до ДКСК во текот на 2015, 2016, заклучно со месец мај 2017 година, има доставено два конечни ревизорски извештаи, и тоа:
- Во текот на 2015 година е доставен Конечен извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на успешност „Ефикасност и ефективност на системот за управување и контрола и внатрешна ревизија“ во ЈЗУ Здравствен дом – Куманово. Постапката е завршена и нема елементи за понатамошно постапување во конкретниот предмет. - Во текот на 2017 година (заклучно со мај 2017 година) е доставен ревизорски извештај за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и aлергологија. Постапката за извештајот била во тек.
Извештајот, кој е подготвен во рамки на проектот: “Подобрување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“, е имплементиран од Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD), Центарот за економски анализи (ЦЕА) и Институтот за комуникациски студии (ИКС), со поддршка од Британската амбасада во Скопје.