04 Мај, 2024
0.0292

Пред и по Катица

Објавено во: Колумни 13 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Со вчерашната акција  „Титаник“,  што ја поведе Специјалното јавно обвинителство се отвори долгоочекуваниот широк фронт  за  демократизација на општеството. Се почна со одлуки за расчистувањето на случаите за криминализација на изборите  индицирани  во прислушуваните материјали. Тоа е важно не само за да се санкционираат сите оние кои ги прекршиле уставот и законите во оваа сфера досега, туку и ,пред се,‘ еднаш за секогаш да се разбере дека во земјата нема да се толерираат незаконити постапки и однесувања од било кого, најмалку од носителите на власта. Тие, впрочем, треба да се борат да ги оневозможуваат нерегуларните однесувања на поединци и групи, а не да бидат организатори кои, искористувајќи го своето реално влијание и службената положба, да создаваат групи кои имааат за цел да вршат кривични дела против изборите и гласањето заради натамошно опстојување на власт и остварување на привилегии од практикувањето на власта. Од успехот во справување со овој криминал во голема мера зависи дали ќе може да се смета на слободни и фер избори кои треба да се одржат наскоро. Досегашните нерегуларности мора што побрзо да се санкциониураат. Неможе да има  регуларни избори со насилства, поткупи, со злоупотреба на државни капацитети за партиски цели, со злоупотреба на медиумите и јавните фондови, со незаконско финансирање на изборната кампања. Нетолеранцијата кон нив треба практично, судски  да се покаже. Долгогодишното нивно неказнето практицирање доведе до деформации во свеста на поединци како да е тоа право на носителите на власта. Нема сомнение дека од успешната прва борба на фронтот за демократизација на општеството во голема мера ќе зависи и инензитетот во решавањето на проблемите идентификувани во Изваштајот на Прибе во другите сфери на општествено живеење- следењето на комуникациите, судството и обвинителството, надворешниот надзор од независни тела, медиумите. Без санкционирање на  узурпаторите на власта, не може да се очекува исчекор во воспоставувањето на правната држава. Во оваа смисла со право може да се каже дека од успехот во работата на СЈО зависи дали времето ќе го определуваме  на период пред Катица и  период потоа. За периодот пред неа најголемиот дел од граѓани не ќе сакаат ниту да се потсетуваат, а во периодот со неа и потоа, ослободени од стравот и притисоците на власта ќе делуваат самостојно, ограничувани единствено од законите и прописите. Тоа е слобода во демократско општество. И затоа ќе се борат против узурпаторите. Во нивен интерес е државата да се департизира, а државните органи и институции да делуваат во функција на граѓаните, наместо да бидат извршители на желбите на партиите на власт. Со тоа ќе се укине зависноста  од волјата на врхушката  на власт, од партиските послушници и осилените партиски војници кои, заради вршењето на нерегуларни активности, манифестираат недопирливост  и тормозат чесни граѓани. Со отстранување на канцерогеното ткиво во  врвовите на власта, кое се храни со политики кои ги форсираат нивните партиски и пред се‘ лични и групни интереси, ќе се отвори простор и за  воспоставување на нормални пазарни услови за стопанисување во земјата, со што таа ќе се врати на патот на развојот, по речиси децениското остварување на ниски стапки на раст, со огромни вложувања, обезбедени со кредити кои ќе ги враќаат наредните генерации. Ќе се редефинира односот на државата и пазарот во регулирањето на економијата и општеството, за што постојната власт не сака ни да дискутира, жнеејќи ги поволните ефекти за себе од функционирањето на економскиот систем кој ни самите властодршци не се во состојба да го дефинираат. Ќе се елиминира  и зависноста на граѓаните од партиската припадност. Ако нешто добиваат од власта тоа ќе биде зошто така треба, а не заради тоа што лидерот на водечката партија е „милозлив“ и им подарува. Со исти средства кои ги дели „дародавецот“ може да се изгради социјална политика, при што граѓаните не ќе мораат да се заблагодаруваат на власта. Во изминативе неколку години јасно се покажа дека таквата практика, особено со субвенциите во сите сфери и дневната  социјална „поддршка“ на ранливите категории е фрлање прашина во очи, за да не се види  дека тоа се трошки во однос на ќарот на „дародавците“. И што е најлошо, се чини дека тоа не е од незнаење, туку свесна активност, подржувана со добро платена организирана гола пропаганда, со цел да се прикрие дека државата ја ставиле  во функција на остварување на личните интереси. И бизнисмените ќе сфатат дека треба да бараат консеквентно уреден државно- пазарен систем, отколку постојано да зависат од волјата и интересите  на врхушката на власт, за да се приклучат на државните јасли. Во овој контекст, и новата власт, независно од тоа кој ќе ја формира, ќе мора да се ослободи од раководства кои се склони кон  незаконито работење и кои не се во состојба да признаат грешки во своето работење и да понесат одговорност за тоа. Партиите  мора да знаат дека се може без секого, но не и со секого,  особено ако се работи за политичари кои се демаскирани како авторитарни личности и „дил ориентид“ на сметка на средствата на граѓаните. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина