19 Мај, 2024
0.0279

Разговор со Иван Мирковски, магистер, дипломиран архитект, универзитетски предавач и стручен соработник при Факултетот за Архитектура и Дизајн, на Американ Колeџ

Потенцијалот кај младите има голема моќ, тој веднаш се приметува и зрачи

Објавено во: Мои пари 04 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Во потрага по професии кои преку својот глас и грло значајно ги калибрираат позитивните пракси во општеството логично застанавме на една од најблагородните дејности, а тоа се професорите. Септолете Тотал, овој пат, го избра универзитетскиот предавач,  Иван Мирковски, стручен соработник при Факултетот за Архитектура и Дизајн, при Американ Колеџ. 

Како чувар на гласот кој е многу важен, посебно кога станува збор за двонасочната комуникација, пренесувањето на добрата мисла и знаење, Септолете одвои неколку прашања на оваа тема и искуството да се биде професор и ментор на младите сили.  Во продолжение ви посакуваме удобно да се сместите и да уживате во овој оптимистички разговор кој веруваме ќе ве инспирира и уште еднаш ќе ви влее надеж и доверба во даскалскиот занает.

1.  Сведоци сме на статистички мерења кои покажуваат поразителни бројки во однос на степенот на образование кај младата популација. Во разговор со професори често наидувам на поплаки декa постојат студенти на високо-квалификувани факултети каде имаат сериозни пропусти во правописот и трапаво се служат со мајчиниот јазик. Каде сметате дека погрешивме?

Во реалноста и повеќе од статистиката, но најверојатно никаде не сме погрешиле, туку се уште грешиме и само што не сме почнале да ги увидуваме последиците кои длабоко ќе се одразат врз кожата на нашето општество. Најверојатно тоа започнува некаде во фазата на претшколска возраст, кога децата според истражувањата на швајцарскиот психолог Jean Piaget сèуште се во пред-оперативна фаза и го примаат светот околу себе симболично односно повеќезначно. Најважниот сегмент за детската едукација е токму оваа фаза, повеќезначната, каде е потребено интелигентно менторирање и водење на детската мисла во современ контекст! Времињата се менуваат, и децата се менуваат, не може да очекуваме дека истите методи, покриени со слој прав, а зачинети со летаргија и незнаење ќе произведат сериозни индивидуи. Мораме да целиме на овој проблем уште во самиот почеток на едукативната фаза!

2.  Како гледавте на ангажманот како професор на студиите по Урбан дизајн пред да ја започнете работата и како на ова гледате денес сo 11 годишно искуство? Постои ли голема разлика меѓу вашите очекувања и она што ве дочека на школските клупи?

Да бидам искрен додека бев студент, на самиот почеток на моите студии во Виена немав убаво искуство со темата урбан дизајн. Првиот професор кој што ја водеше катедрата по урбан дизајн беше премногу едноличен, со монотон глас без никаква емоционална хармонија зборуваше за градот како за безначаен артефакт. И немав никакви очекувања, се додека не го запознав мојот ментор за кого градот е грандиозна тема, театарска сцена на која секој граѓанин има право. И одеднаш бев преплавен од очекувања! И сè уште имам очекувања, со нетрпение ја чекам следната генерација и таа по неа, барам оган во очите на мојата млада публика додека ги држам моите редовни предавања. Потенцијалот кај младите има голема моќ, тој веднаш се приметува, зрачи, создава некоја аура и ги претвора предавањата во разговор, двонасочност на мислата. Не секогаш ме дочекува тоа за жал, иако потајно секогаш ја очекувам таа искра потенцијал. Најверојатно тука нема правила, генерациите се непостојани како некоја берза на интелектуален капацитет кој зависи од премногу социо-општествени фактори. Ете и моите студентски денови покажуваат дека и јас сум бил дел од таа непостојаност.


3.  Кон какви вредности се стремите како професор?

Видете вредностите се личен товар кој некој со задоволство го носи сосебе додека друг по секоја цена се труди да си олесни и да го фрли во првата канта за смет. Вредностите се градат низ животното искуство и мислам дека тој стремеж фактички е генералната насока на мојата кариера. Упорноста и постојаноста се можеби двете вредности кои најмногу допринесуваат во тој мој стремеж.

4.  На каква просторна и урбанистичка етика сакате да ги научите вашите студенти?

Ах тоа е тоа прашање, кое многу често останува без одговор или само со филозофски став. Но ќе се обидам. Студентите со кои се сретнувам се веќе во некоја напредна фаза на своите студии, односно работам со студенти од шести, седми и осми семестар. Односно крај на додипломски и првите два семестри од мастер студии. Тие млади индивидуи помалку или повеќе се со изграден став, иако понекогаш и самите не знаат за тоа. Мојата работа ја гледам во контест на будење и согледување на нивната идна професија од една сосема поинаква перспектива, дотогаш непозната за нив. Работиме на темата простор и контекстите кои тој простор ги создава, се трудиме да ги формулираме вистинските прашања, за да бидеме моќни да дадеме сериозен одговор. И токму тука се крие тежината на прашањето, етиката во урбаниот дизајн носи со себе многу потпрашања. Кому  му припаѓа градот? Како се создава простор? Кој има право над јавниот простор? Каде се чита човечката димензија во градот? Дали корисникот треба да се адаптира на градот или пак градот да се прилагоди за наша акомодација? Човек не треба да се занимава со урбанизам за да му се јасни работите, погледнете го само Spencer Tunick со неговата критика за јавен простор преку фотографски инсталации или пак групата Improv Еvеrywhere (https://improveverywhere.com) со нивните герилски настапи. За етички да делуваме (со нашата професија барем) во град, треба добро да се запознаеме со социо-општествените процеси и нивниот глобален контекст а тоа пак да бидеме во состојба да го пресликаме врз урбаната морфологија. Токму тоа се трудам да го постигнам со моите предавања.

5.  Би рекла и неслучајно денес покрај другите обврски се занимавате со професорска дејност, вашата мајка Елизабета Аврамовска е долги години професор на Архитектонскиот Факултет во Скопје, каде сите студенти ја паметат  и доживуваат како непосреден и посветен професор по предметот Ликовна уметност...дали можеби покрај воспитанието и гените си го прават своето? Гледате ли некаква корелација или се работи за случаен избор?

Бети сè уште е фантастичен ментор и инспирација, пораснав со мојата мајка и сите вредности кои ги понесов со себе понатаму во животот ги добив токму од неа. Но, изборот да се занимавам со академска работа е случаен и не е поврзан со Скопје. Тука постои моја интимна врска со Виена каде и случајно започнав да работам на факултет, да бидам студентски помошник на мојот ментор и денешен пријател Професор Ерих Рајт па потоа и да станам стручен соработник на институтот за урбан дизајн при Техничкиот Универзитет на Виена. И моето враќање во Скопје е случајно. Случајно добив понуда да продолжам со мојата кариера на Факултетот по архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Премногу случајности за мој вкус! Релациите се нормално видливи, афинитетите кои ги носам сосебе од таа страна на мојата фамилија најверојатно си го направија своето.


6.  Сигурно е голем предизвик да ја имате уникатната можност да го пренесете знаењето на студентите. Од вашето досегашно искуство што е она што го држи вниманието на студентите за време на предавањето? Материјата која ја предавате, начинот како ја презентирате, самоувереноста на вашиот тон на глас...претпоставувам сите фактори заедно?

Секоја материја може да биде ужасно досадна или фантатично интересна! Методот на кој ја пренесувате сигурно е важен и балансира да не прејдете во првото. Но тука има од се по малку: самоувереноста најверојатно никому не му недостасува кога ја познавате темата, но гласот со кој се обраќате до публиката како и интонацијата сигурен сум дека ја игра своја улога. Сум имал денови кога предавањата не биле онакви какви што сум ги замислил, едноставно грлото е блокирано и веднаш концентрацијата опаѓа.

7.  Скопје се чини е ваша тема на која многу често и се навараќате, каков аманет сакате да им оставите на генерациите во чии раце лежи иднината на Скопје? На што ги подучувате студентите и вашите деца?

Во едно интервју кое го правев со Богдан Богданович во Белград кажа: „Чувајте ми го Скопје но, чукнете се по главата и размислете добро што правите со него!“. Иако едноставна, таа негова мисла ме прогонува секогаш кога ќе се сретнам со ова прашање, во било која форма. Секој град има некоја своја чудна енергија, со која непрекинато зрачи. Тоа е неговиот метаболизам, се чуствува да знаете! Градот живее исто како и човекот, се раѓа, расте и се развива, умира и повторно се раѓа. Со своето постоење остава траги, слични како оние на музичките плочи. Со вистинската игла, низ тие временски бразди, може да ги прочитате неговите најдлабоки тајни, да ви разкаже приказни долго заборавени. Неговата физичка структура може потполно да ја снема, но неговата меморија уште долго ќе биде дел од менталната мапа на Светот. Градот е комплексна биолошка машина, премногу комплексна за секого, и како таква треба да ја почитуваме и многу да внимаваме на сензибилитетот со кој ѝ пристапуваме.


Можеби ќе ве интересира

ЖИМ Коскоска се врати на тронот, ИМ Тони Лазов првпат до титулата

ЖИМ Коскоска се врати на тронот, ИМ Тони Лазов првпат до титулата

РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика

РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика

Проширување на хоризонтите за трговија и инвестиции: мисијата на WTCA во Европа и Западен Балкан

Проширување на хоризонтите за трговија и инвестиции: мисијата на WTCA во Европа и Западен Балкан

В НЕДЕЛА СИТЕ НА ВОДНО – ДАЛИ СТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА НАЈМАСОВНИОТ ПЛАНИНСКИ НАСТАН ВО РЕГИОНОТ „SPARKASSE LIFE ПРВ ДО ВРВ“?

В НЕДЕЛА СИТЕ НА ВОДНО – ДАЛИ СТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА НАЈМАСОВНИОТ ПЛАНИНСКИ НАСТАН ВО РЕГИОНОТ „SPARKASSE LIFE ПРВ ДО ВРВ“?

Гранд Скопјe PRIME SPONSOR на овогодинешната Конференција за недвижности

Гранд Скопјe PRIME SPONSOR на овогодинешната Конференција за недвижности

Промотивен станбен кредит на Силк Роуд банка со фиксна каматна стапка за 10 години

Промотивен станбен кредит на Силк Роуд банка со фиксна каматна стапка за 10 години

Лирски почеток на „Видик“ со фузија на поемата „Коњски житија“ и боса нова ритамот на „Акварела“

Лирски почеток на „Видик“ со фузија на поемата „Коњски житија“ и боса нова ритамот на „Акварела“

БЕКУТАНОВА РАБОТИЛНИЦА ЗА РОДИТЕЛИ: Секој маж може да стане родител, но не може секој да биде ТАТО

БЕКУТАНОВА РАБОТИЛНИЦА ЗА РОДИТЕЛИ: Секој маж може да стане родител, но не може секој да биде ТАТО

TTK Банка АД Скопје по втор пат ја зголеми основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда

TTK Банка АД Скопје по втор пат ја зголеми основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда