18 Мај, 2024
0.0261

Политички концепт на економско самоуништување

Објавено во: Колумни 09 Март, 2015

Добивај вести на Viber

И додека полека но сигурно детонираат бомите на Заев, Груевски се обидува со стара реторика да ја  реализира својата одбранбена стратегија. Тој и неговиот тим работеле 24/7,  а граѓаните го препознале и во иднина ќе го препознаат  сработеното. Груевски игра на картата дека ова е  рецепт да се амортизира бомбашкиот напад од чии експлозии нормален човек не може да  остане рамнодушен. Тоа што неговиот министер за финансии во излив на искреност и‘ признава на неговата „другарка полицајка “дека економската состојба е катастрофална и во услови кога немаме ни за леб купуваме чоколада, премиерот нешто многу не го засега. Како градоначалник на Република Македонија тој продолжува да оди од село до село и да пушта канализациони мрежи и  врши контрола на работите до каде е со изградбата на одводните шахти. Важно премиерот ги реализира проектите за граѓаните да бидат задоволни, впрочем, како што вели тој, граѓаните ги интересираат егзистенцијалните  прашања. А партизираното судство, пригушените  медиуми, партизираните и неефикасни државни институции, изборните манипулации, криминалот, корупцијата и одмаздничките афинитети кон партиските неистомисленици  се теми кои според премиерската одбрамбена стратегија не е добро да бидат во фокусот на интерес, а тие што бараат разврска на овие прашања, нели се партиски обоени, а тоа според владеачката структура е  „чума“ која треба да се сотре. Но, очигледно, со ваквата одбранбена стратегија со која се прокламира работа по цел ден, Груевски како да заборави дека не е проблемот во тоа да се работи нон-стоп, туку што се работи, како се работи, по која цена се работи и, нормално, дали законски се работи. Не е проблемот во бројот на проектите, туку во нивната општествено-економска оправданост и ефикасноста во нивната изградба. Со овие критериуми се мери успешноста на моделот на развојот, а не само со бројот на проектите. А според досегашните резултати повеќе од јасно е дека досегашниот модел за развој е во криза. Па, според тоа,  да се истрајува врз него е неразумно. Особено ако притоа е доведено во прашање   и досегашното авторитарно  управување со земјата, на што се потпираше елитата на власта. Имено, тоа се чувствуваше од порано, но по емитирањето на аудио снимките од прислушувањето на илјадници граѓани се покажа како  неспорна и неодржлива практика на владеење. Веќе е јасно дека протежирањето на концептот, работиме 24/7 и работиме на илјадници проекти ги потхрануваше авторитарните тенденции. Водачот требаше да биде во прв план и неприкосновен во донесувањето на одлуките. Имено,  страста за авторитарна власт  го произведе таквиот концепт, со цел  да се задоволат потребите на водачот за себе промовирање во спасител на државата. Во ваквиот концепт целосно се вклопува и потпирањето врз странските директни инвестиции насочени само на вработување, независно од  цената која се плаќа за тоа. Пропагандата за нивниот прилив е мелем на рана на огромниот број на невработени, кои набрзо сфаќаат дека се „продадени“. Оттука, очигледна е  врската меѓу концептот за развој на земјата и авторитарната практика. Меѓутоа, практиката потврди дека меѓу нив нема синергија. Не само што резултатите од таквата врска се незадоволителни земјата да се извлече од сиромаштијата и да се приближи до европските вредности во начинот на работење и живеење, туку се и пречка за остварување на споменатите цели. Што треба да се случи за да се сфати дека нема одржлив развој без здраво и напредно домашно стопанство? Во овој контекст, „фаќање за сламка“ е Груевски и понатаму да продолжи со погубната стратегија, а се‘ со цел  да се оправда досегашното владеење и да се одржи на власт по секоја цена. Тоа значи само повеќе  бегање од реалноста, но не и  решавање на заострените општествено-економски и политички проблеми, бидејќи продолжувањето на ваквата практика само ќе ги влошува состојбите. На земјата и’ треба нова развојна стратегија која ќе биде услогласена со можностите за доследно остварување на принципите за демократски развој, затоа што со нарушување на уставноста и законитоста,  партизирањето на државата, кршењето на човековите слободи и права, партиската контрола на судството и медиумите се повеќе заличуваме на диктатура отколу на деморкатија, а првиот човек се‘ повеќе ни се однесува како диктатор отколку како премиер избран на легални демократски избори. Отпорот кој го пружа актуелната власт за морално- политичка разврска на кризата и инсистирањето на институционално правни решенија, во ситуација кога има потврда за партизирани институции, заедно со продолжување на концептот за работа на општествено економски неоправдани проекти повеќе од јасно укажува на премирската стратегија за одржување на статус кво позиција со цел избегнување на одговорноста за досегашното работење. Како и до кога и на премиерот не му е јасно, но очиглено се игра на картата, до кога се може. Интензивното пропагандно убедување на јавноста  во успешното работење на власта, е се‘ помалку ефикасно со само седум објавени бомби . И понатаму главни аргументи кои треба да бидат одговор на „бомбашките експлозии“ се „напорите“ за зголемување на вработеноста со очигледни популистички мерки, исплатата на заостанатите субвенции, пред време  исплатениот кредит кон ММФ, како знак на стабилност на  финансиската ситуација на земјата. Се исплати и  долг од 25 милиони евра кон стопанството и тоа, иако е нормална обврска,  се претстави како прилог на власта кон подобрување на состојбите во стопанството. По кој знае кој пат се истакнуваат вработувањата во технолошко развојните зони, па веќе не знае ниту колку се вработени, ниту колку се очекува во догледно време да се вработат. Важно е да се зборува за можностите, а да се сокријат незаконитостите. Веќе не се знае што е нормално однесување  на власта, што е поддршка на бизнисот и на граѓаните, а што е популистичка мерка насочена кон билдање на рејтингот на водачот и на партијата. Во моментов, она што е сигурно е дека се спасува тоа што може да се спаси, ако веќе нешто може! Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе