19 Мај, 2024
0.0276

Подготовки за апокалипса?

Објавено во: Колумни 03 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Човек да престане да чита. Од сите страни го бомбардираат. Вистини - невистини. Пропаганда – контрапропаганда. Така беше чувството и вчера кога лононски „Тајмс“, објави текст, во кој, црно на бело, пишуваше дека „според сознанија на „Тајмс“, во средината на март во германскиот град Торгау тајно се сретнале поранешни руски и американски разузнавачи. На таа средба, наводно руската делегација искажала редица отворени закани на адреса на Западот. „Тајмс“ заклучува дека тоа „несомнено не биле празни зборови на разузнавачките ветерани, бидејќи на средбата имало генерали, руски, од кои најмалку еден бил непосреден учесник во минатогодишната анексија на Крим, а други двајца помагале во разработка на нуклеарната стратегија на Русија“.

И да не должам многу, според лондонскиот „Тајмс“ има три клучни моменти на кои ставиле акцент поранешните руски генерали. Првиот е дека било кој обид Крим да се врати во Украина ќе биде оценет како акт на воена агресија, на која Кремљ ќе може да одговори и со нуклеарно оружје против САД. Другите две се дека Русија нема да трпи разместување на НАТО сили на своите граници во Балтикот, и третиот е дека на било кој обид НАТО да даде воена помош на Украина ќе биде одговорено со сила од страна на Русија.

Кога го прочитав ова веднаш помислив дека станува збор за пропагнаден одговор на Западот на руската пропаганда. Поточно за војна со пропаганди. Таков е заклучокот, ако се види итниот одговор на прес секретарот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, кој рече дека станува збор за хистерија која ја демонизира Русија. „И тоа со нагнетување на ситуацијата во информационен план, при што не се водат од некоја конкретна информација, а потоа самите се плашат од она што го напишале“, вели тој и додава дека Русија не се заканувала кон Запад со нуклеарно оружје за заштита на Крим.

А, треба Песков да биде праведен и да каже дека во филмот „Крим – Пат кон татовината“, кој што беше нашироко афиширан во Русија, а неодмна Алфа Тв го прикажа и кај нас, станува збор за нуклеарно оружје. Во филмот снимен е и Путин кој на едно прашање, одговара дека „Ние бевме готови тоа да го направиме, да бидат воведени во воена готовност нуклеарните сили. Јас разговарав со западните колеги и им велев дека тоа е наша историска територија, дека таму живеат Руси, кои се нашле во опасност и ние не можеме да ги отфрлиме“. Значи, не е директна закана, но мислеле и на таква варијанта. Овој филм беше направен од пропагандни причини спроти годишнината од присоединувањето на Крим кон Русија.

Капак на се вчера беше еден текст во он лајн изданието на „Дејли меил“ во кој се пишува дека руски воен аналитичар вели дека: Америка може да се уништи со нуклеарен удар врз паркот Јелоустон, за да се разбуди „заспан“ вулкан или врз раседот Сан Андреас во Атлантскиот океан и да се предизвика цунами висок повеќе од еден километар и да се уништат стотици милиони Американци. Човек ќе разбере некој што седнал и мечтае да напише нешто за уништување на светот и да се најде на страниците на странски весници.

Но, кај им е умот на овие од „Дејли меил“. Во битка за тираж продаваат ефтини приказни или пак, и нив ги вклучуваат во пропагандните игри.  Авторот е претставен како руски воен аналитичар, ама повеќе личи како овие нашиве „аналитичари“ кои знаат се и сешто.

Пропагандата е опасна работа. Тоа го знеме , бидејќи сме го почувствувале и го чувствуваме и на своја кожа. Едвард Бернајс може да им носи вода на нашиве пропагандисти. Не знае човек што се се крие зад нивните закани до противниците, за кои велат дека се закануваат на стабилноста во државава. Добро е што не се закануваат со нуклеарно оружје.

Но, шегата настрана. Во моментов во светот има повеќе активни, но и потенцијални воени жаришта. На Далечниот Исток Кина им создава главоболки на Американците и нивните сојузници, но не само на нив. НАТО по секоја цена сака да дојде до границата на Русија. Таа пак се заканува со воени бази во Латинска Америка, Аргентина, Никарагва, Венецуела. Можно е одново да ја користи базата Камран во Виетнам за поддршка на руските воени авиони. Да не зборуваме за бази во Сирија и во Кипар. Саудиска Арабија и редица арапски земји, па дури и Пакистан водат војна против Јемен. За војната во Сирија и Ирак да не зборуваме. Северна Африка гори, ништо подобро не е и во Централна Африка или на афричкиот брег на Индискиот океан. Светов како да оди кон подготовка за апокалипса. Трета светска војна? Неминовно, таа ќе биде нуклеарна.

М.А

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе