18 Мај, 2024
0.0291

Почеток на крајот на партизираната  држава или крај

Објавено во: Колумни 02 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Нема сомнение дека земјата сериозно навлезе во подлабока политичка криза. Политичките тензии полека но сигурно се   заоструваат   до загрозување на стабилноста на земјата. На ваквата состојба секако влијае директниот судир меѓу двајцата лидери на најголемите политички партии во кој и Груевски и Заев изиграа потези за меѓусебно уништување и симнување од политичката сцена во Македонија. Се разбира, на сцената ќе остане тој што ќе преживее. По неколкумесечното отчукување на политичката „бомба“ од Заев, Груевски  искористувајќи ги разговорите со Заев во врска со материјалите што тој ги поседува,  го оптужи соговорникот  за шпијунажа со странски известителни служби. Дури, објави и видео снимка на која „шпијунот“ во владиниот кабинет „признава“  дека компромитирачките материјали за власта ги примил од странска известителна служба, не од соседството, туку од подалечна земја. Не навлегувајќи во кривично-правното значење на постапките на двајцата актери (бидејќи и овде, меѓу двајца правници има три мислења за нивниот карактер)  очигледно е нервозното и брзоплето реагирање на премиерот. Штотуку почна да слабее интересот за содржината на бомбата на Заев, премиерот, од само нему познати причини, се одважи на постапка која до највисоко ниво го крена интересот за содржината на бомбата и можните последици од нејзината „експлозија“.  Го оптужи лидерот на опозицијата дека подготвувал пуч во спрега со странски разузнавачки служби. „Доказот“ за соработката со странците се приложи со објавување на видео снимка од разговорот меѓу премиерот и Заев воден во неговиот кабинет (без објаснување на легалноста на постапката).  Круна на брзоплетото реагирање е издавањето на соопштение од основното јавно обвинителство во кое стои јасна закана за кривичен прогон на новинарите доколку објавуваат материјали што можат да станат предмет на кривична постапка. И сето ова без повикување на валидни законски одредби, додека другата страна приложи и домашни и меѓународни правни норми кои таквиот потез го карактеризираат како воведување цензура и заплашување на новинарите доколку известуваат за содржините од бомбата на Заев. Од формата на изведениот нападот веднаш може да сфати дека станува збор за  обид да се испревари јавното обзнанување на наодите за однесувањето на власта во изминатиот период. А таквата намера  е   доказ дека сепак нешто сериозно се крие во „бомбата“ и, според интересите на власта, треба да се спречи. Тежината на аргументот се зголемува и поради тоа што самиот премиер се подметна и како тужител и како сведок за лошите намери на опозиционерот кој сака со „пуч“ да го симне од власт. Во навијачките страсти за двајцата актери и интересот за тоа кој ќе победи во судирот се потцени вистинскиот проблем- има или нема криминогени однесувања и постапки во редовите на власта. Поважен проблем стана да се утврди кој ги доставил односно од кого се набавени информациите со компромитирачка содржина отколку да се види каква опасност претставуваат за натамошниот општествено-економски развој на земјата и како најефикасно да се сузбијат.  А тоа мора да се направи брзо. Вистината мора да се истера на чистина. Но, се разбира, не со  политиканства и навијања, туку со поефикасна и непристрасна работа на институциите на системот.  Проблемот треба да се реши со намера да се санкционираат незаконитите постапки и однесувања на поединци од власта кои ги злоупотребиле своите позиции и овластувања и заглибиле во корупционерски води. Само така може да се избегне да се загрози елементарната стабилност во земјата. И сега прашањето што се наметнува е, дали може да се очекува вистинска правна разврска на постојниот судир? Тешко е да се верува доколку се имаат  предвид  функционирањето на правната држава, особено на нејзината партизација. А, реален е стравот дека во овој дел промени нема и нема да има.  Охрабрени од  успешното протуркување  на законите за восокообразование во парламентот (и покрај јавните протести) и експресното потпишување на указот од страна на претседателот на РМ, владателите веќе веруваат дека можат да направат се’ што ќе посакаат. Па, зошто не и да ја „обезглават“ најголемата опозициона партија, особено поради тоа што сериозно  ги стави во теснец во намерите неказнето да  продолжат да владеат со сила, а не според правото. Очигледно, земјата е на точка во развојот од кој или ќе се стави крај на владеењето со сила (со откочување и продолжување на демократските процеси во земјата) или се’ подлабоко ќе се струполува во бездната на авторитарноста и диктаторството. А со тоа и самите побрзо ќе се дестабилизираме отколку што тоа имаат намера да го направат некои „надворешни фактори“. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе