ПО ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ РАБОТА: „Старбакс“ останува без човекот кој го рашири на глобално ниво
Објавено во: Економија 05 Јуни, 2018
Извршниот претседател на компанијата Старбакс, Хуард Шулц, ја напушта фирмата по скоро четири децении работа во неа.
Шулц надгледувал како овој ланец на кафе се шири и расте на глобално ниво, но на 26 јуни официјално ќе се откаже од својата положба, откако лани е пензиониран како извршен директор.
Овој негов потег доведе до шпекулации за негови можни политички амбиции. Во интервју за „Њујорк тајм“ Шулц не ја исклучил можноста да се кандидира за претседател.
„Една од работите кои сакам да ги направам во наредното поглавје на животот е да дознаам дали постои улога која можам да ја одиграм во враќањето“, рекол тој и додал дека ниту сам не е сигурен што точно тоа значи.
Тој објаснил дека сака да и служи на земјата, но тоа не значи дека мора да се кандидира за јавна функција и тоа да го постигне.
Шулц кој има 64 години, почнал да работи во Старбакс во 1982 година како директор на операции и маркетинг. Тој го предводел управниот одбор од 1985 година и бил извршен директор во поголем дел од тој период.
Во текот на неговиот престој во фирмата, Старбакс пораснал од 11 продажни места на повеќе од 28 000, а неговата вредност пораснала за 21 000 отсто, соопштила компанијата.
Старбакс бил еден од првите американски малопродавачи кој понудил здравствено осигурурање за своите работници.
Старбакс доаѓа во Србија
Во официјална објава на компанијата AmRest најавено е доаѓање на познатиот ланец на кафетерии во Србија. Првиот Старбакс локал ќе биде отворен подоцна оваа година во Белград, град кој е познат по љубовта кон кафето. AmRest е водечки оператер на кафе во регионот на Централна Европа, а Србија претставува уште еден пазар на која оваа компанија го отвора првиот локал, пренесоа медиуми од Србија.