17 Мај, 2024
0.0334

ПЕНДАРОВСКИ СО ТОНИ БЛЕР, ДУДА, КОРМАН, ЛАЈЧАК..., А ВУЧИЌ СО БЕЛГИСКИТЕ КРАЛ И ПРЕМИЕР, ДИРЕКТОРОТ НА АФИНИТИ, НО И ЛОРДОТ ПИЧ - еве со кои се „битни фаци“ разговараа балканските лидери

Објавено во: Македонија 18 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

Моќниот Светски Економски Форум во Давос, една долгогодишна елитна традиција, секогаш е место на кое врвните светски лидери и државници, политичари и бизнисмени, не само што формално дискутираат за глобалните проблеми, пред се климатските промени, а годинава и војната во Украина и енергетската криза, барајќи солуции, туку и дестинација на која државниците од помалите и помалку познати држави имаат прилика да се сретнат со „видните светски фаци“ и пред нив да ги претстават перспективите на својата земја, секако, во надеж за инвестиции и нови знаења од силните економии.

Годинашниов форум во Давос беше прилика да направиме и малку споредба со кого се се сретнаа државниците во регионот.

Како што е познато, од земјава во Давос отпатува шефот на државата Стево Пендаровски, а таму е и неговиот колега, српскиот претседател Александар Вучиќ.

Со кого разговараа двајцата претседатели и какви бенефити ќе донесат во своите дипломатски куфери за своите држави, Фактор се обиде да направи мала анализа.

Го прашавме Кабинетот на претседателот Пендаровски какви билатералки имаше шефот на нашата држава, но и какви средби на маргините на настанот, а и на какви се настани тој учествуваше.

 „Претседателот ги имаше следните активности и средби: со претседателите на Литванија и Полска и министерот за надворешни работи на Шпанија имаше заеднички настап на панел, се сретна со генералниот секретар на ОЕЦД, со Тони Блер, во моментов има средба со Мирослав Лајчак, а утре исто зборува на панел за Западен Балкан со повеќе лидери од поширокиот регион“, објаснуваат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Еве ги деталите од досегашните средби.

Претседателот Стево Пендаровски, како што се вели во едно од соопштенијата од неговите настапи, во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, се обратил на панел сесијата „Во одбрана на Европа“, на која говореа и Анджеј Дуда, претседателот на Република Полска, Гитанас Науседа, претседателот на Република Литванија, како и Хозе Мануел Алваерез Буено, министер за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија и Светлана Тихановскаја – лидерка на Демократските сили на Белорусија.

„Претседателот Пендаровски оцени дека и покрај војната во Украина, предизвиците и мултиплицирањето на кризата, охрабрува покажаната солидарност, не само на европско ниво, туку и трансатлантската солидарност, што, според негова оценка, е на ниво кое не било со години и оттаму треба да се црпи надежта за годината пред нас.

Нагласи дека е неопходно и по завршување на војната во Украина да биде одржана европската, како и трансатлантската обединетост и солидарност, додека ако секој се сврти кон националните интереси, тоа ќе биде тешко одржливо. Претседателот потенцираше дека демократиите мора да се држат заедно, и да се борат за зачувување на демократските вредности затоа што во спротива ќе преовладаат автократските и диктаторските режими. Најважно, според него, е да биде одржана целосна обединетост и солидарност по завршување на војната во Украина“, се вели во белешката од настанот.

Нашиот претседател на тој панел бил прашан за безбедносните предизвици на Западен Балкан, на што одговорил дека во регионот има две чувствителни точки – Република Српска и северот во Република Косово, каде што има обиди за нарушување на интегритетот на овие земји. Претседателот Пендаровски оцени дека ранлива точка во европската безбедносна архитектура, настрана од Украина, е Западниот Балкан и НАТО и ЕУ на нив треба да обрнат внимание.

Исто така, претседателот Стево Пендаровски остварил средба со генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Матијас Корман.

„Двајцата соговорници разменија мислења за глобалните економски текови, како и за можностите за унапредување на меѓусебната соработка, со цел креирање на квалитетни економски развојни политики во земјава, како и зголемена техничка поддршка од ОЕЦД  во однос на спроведување на реформските процеси во клучните области и јакнење на институционалните капацитети со цел обезбедување на економска стабилност и покрај глобалните предизвици“, се вели во соопштението.

Еве и еден политичар кој е навистина познат во светски рамки, поранешниот британски премиер Тони Блер.

„Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, оствари средба со Тони Блер, поранешен британски премиер и извршен претседавач на Институтот за глобални промени. На средбата се разговараше за севкупните активности на институтот, насочени кон изградбата на отворени, инклузивни и просперитетни општества, како и поддршка за технолошки развој на земјите кои имаат амбиции да бидат компетитивни и да бидат во чекор со технолошки напредните земји. На средбата беа разменети мислења за досегашните активности на институтот во Северна Македонија, како и за можностите за продлабочување на соработката. На средбата двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните случувања во поширокиот регион“, се вели во соопштението од таа средба.

Претседателот на Србија,пак, Александар Вучиќ, како што јавуваат српските медиуми, а и самиот тој објави на фејсбук, бил на средба и со белгиското кралско семејство, но и со белгискиот премиер.

На панелот за зајакнување на европската индустрија, на кој присуствуваа белгискиот крал Филип и кралицата Матилда, белгискиот премиер Александар де Кро му се заблагодарил на Вучиќ што дошол на приемот.

„Чест ми е што сите сте тука во присуство на кралот и кралицата на Белгија, а воедно и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ“, рече премиерот на Белгија. Тој му се заблагодари на претседателот Александар Вучиќ за приемот и присуството на панелот на Самитот во Давос.

Претседателот на Србија на маргините на самитот се сретна и со премиерот на Шпанија, Педро Санчез.

Вучиќ имаше и, како што напиша на Инстаграм, средба со Џаред Кушнер, основач и извршен директор на компанијата Афинити Партнерс.

„Одличен разговор со Кушнер за потенцијалите на Србија за голема и долгорочна инвестиција во сигурно и атрактивно деловно опкружување. Горд сум што имав прилика на извршниот директор на Афинити Партнерс, еден од најголемите глобални играчи во доменот на големите вложувања, детално да му ги презентирам некои од инвестициските можности во нашата земја, затоа што сериозноста на државата токму се мери со големината на инвеститорите кои се заинтересирани да делуваат кај вас. И во наредните деновио ќе се борам нашата земја да го подигне на уште повисоко ниво својот имиџ на главен инвестиционен центар во регионот. Да живее Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Претседателот Вучиќ се сретнал и со специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич.

„Се сретнав со Лорд Пич со ставот на Србија во однос на актуелната ситуација во регионот, особено на Косово и Метохија. Укажав на зголемениот број инциденти и еднострани потези на Приштина кои суштински ја загрозуваат безбедноста и опстанокот на Србите и неалбанците на Косово и Метохија.Нагласив дека Србија, како и секогаш досега, останува искрено посветена на зачувување на мирот во регионот, за што сведочат бројните иницијативи за регионална интеграција, чиј иницијатор е нашата земја.Сепак, за нас клучно прашање останува формирањето на Заедницата на српските општини, како што се преземени и прифатени обврски на Приштина во согласност со меѓународните договори, како и безбедноста на српското население на Косово и Метохија, за што очекуваме целосна поддршка на Обединетото Кралство“, напиша претседателот на својот Инстаграм.

Инаку, Светскиот економски форум трае до 20 јануари, каде што ќе собере рекорден број бизнисмени, претставници на најголемите светски компании, државни лидери и познати личности.

Покрај Вучич, Србија ја претставува и министерката за култура, Маја Гојковиќ.

Главниот слоган на форумот е „Соработка во фрагментиран свет“, што укажува дека најголемите експерти ќе зборуваат за актуелните светски проблеми како енергетската криза, можната рецесија и меѓународните економски односи потресени од украинската криза.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ПОРТПАРОЛОТ НА ВМРО- НАУМ, СО УШТЕ ЕДЕН ПОЗДРАВ ДО АЛИ: Не напиша ништо, но со фотографијата кажа сѐ

ПОРТПАРОЛОТ НА ВМРО- НАУМ, СО УШТЕ ЕДЕН ПОЗДРАВ ДО АЛИ: Не напиша ништо, но со фотографијата кажа сѐ

„ВМРОИДИТЕ СИ КУПИЛЕ ЧЕТВОРИЦА ПРАТЕНИЦИ НА КВАНТАШКИ“: Се огласи Апасиев за тоа што ВМРО-ДПМНЕ обезбедија 61 пратеник

„ВМРОИДИТЕ СИ КУПИЛЕ ЧЕТВОРИЦА ПРАТЕНИЦИ НА КВАНТАШКИ“: Се огласи Апасиев за тоа што ВМРО-ДПМНЕ обезбедија 61 пратеник

СЕ АПЕЛИРА НА ВНИМАТЕЛНОСТ – МОЖНИ СЕ ШТЕТИ: Од ноќта сабота кон недела во Македонија доаѓа силно невреме, кое ќе продолжи и наредната недела

СЕ АПЕЛИРА НА ВНИМАТЕЛНОСТ – МОЖНИ СЕ ШТЕТИ: Од ноќта сабота кон недела во Македонија доаѓа силно невреме, кое ќе продолжи и наредната недела

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ има 61 пратеник

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ има 61 пратеник

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Идниот премиер на Северна Македонија ја следи линијата на Силјановска Давкова

ГРЧКИ МЕДИУМИ: Идниот премиер на Северна Македонија ја следи линијата на Силјановска Давкова

ТОШКОВСКИ: Mакедонската јавност во наредниот период ќе види многу интересни случаи

ТОШКОВСКИ: Mакедонската јавност во наредниот период ќе види многу интересни случаи

ЏАФЕРИ: Има обиди за изборен инжинеринг

ЏАФЕРИ: Има обиди за изборен инжинеринг

МИЦКОСКИ ДО ГРЦИЈА: Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле договорот тогаш постои Меѓународен суд за правда

МИЦКОСКИ ДО ГРЦИЈА: Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле договорот тогаш постои Меѓународен суд за правда

MИЦКОСКИ: Покрај 58 пратеници на коалицијата, имаме консолидирано точно 61 пратеник

MИЦКОСКИ: Покрај 58 пратеници на коалицијата, имаме консолидирано точно 61 пратеник