Добивај вести на Viber
Властите на Јужна Кореа се надеваат дека вештачки пловечки острови и изместување на сите државни службеници во посебен град, ќе ја олабави гужвата која владее во Сеул.
Се проценува дека во престолнината и економскиот центар на земјата живеат околу 25 милиони луѓе, со густа населеност која е меѓу најголемите на планетата, а граѓаните се жалат дека „хипер-урбанизацијата“ ги изела речиси сите јавни површини и дека се заканува наскоро да го уништи и она малку што преостанало од парковите.
„Пловечките острови“ се изградени уште во 2011 година по цена од 128 милиони долари, но веќе со години се неискористени поради лошото управување, тврдењето дека се со лош квалитет и обвинувањата за корупција.
Сепак, градските власти одлучиле да пристапат кон реновирање, да го променат комплетното раководтсво и да го препуштат управувањето со нив на приватен фамилијарен конгломерат, па наскоро футуристичките зданија со површина од околу 10.000 квадратни метри, повторно ќе ги отворат своите врати, мостови и пристаништа.
Островите немаат станбени единици, но имаат паркови, сали и театри, бидејќи се предвидени за културни и забавни случувања и би требало да го надоместат недостатокот од јавни површини во градот.
Што се однесува до пренаселеноста, за неа е задолжен уште еден контроверзен проект, „мини-престолнина“ Сеџонг Сити.
Во него веќе живеат и работат повеќе илјади државни службеници, а кога проектот ќе се заврши со астрономска цена од 20 милијарди долари, би требало најголемиот дел од администрацијата да биде населен таму.
Сепак, станарите уште сега се жалат дека се чувствуваат изолирано, дека немаат забавни содржини и дека градот „нема душа“. Сеџонг е на два часа возење од Сеул и не е поврзан со железница.
А.А.