18 Мај, 2024
0.0268

Осигурувањето на земјоделското производство, фактор во управувањето на ризикот

Објавено во: Агробизнис, Колумни 21 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Земјоделството е подложено на ризици, поради сложеноста на производството и неговото економско значење. Освен во процесот на производството исто така и резултатите од управувањето на земјоделското производство се несигурни. Несигурноста е последица на збиднувањата кои негативно се одразуваат врз финансиските резултати. Некои автори прават разлика помеѓу ризикот пресметан врз база на статистички податоци и објективната веројатност. Повеќе автори наоѓаат покорисно разграничување помеѓу несигурноста како резултат од несовршени знаења и рискот, како резултат од излагање на несигурни неблагопријатни економски последици. Во праксата двата поими се многу тесно поврзани и меѓусебно заменливи. Кај ризикот има акцентирање врз „веројатностите„ како резултат од влијанието на животната средина, а несигурноста е поврзана со „возможните„ негативни влијанија врз благосостојбата. Нема ризик без извесна несигурност и во повеќе случаеви несигурноста претпоставува извесен ризик. Голем дел од литературата за управување на ризикот е поврзана со социјална заштита наспроти сиромаштијата особено во земјите во развој (Dercom 2005 година Светска банка 2004 година) Во тој контекст поимот оштетеност (штетата) често се користи за определувањето на веројатноста даден ризик да доведе знатно намалување на благосостојбата т.е. одржливоста или недостиг на одржливост наспроти определени штети. Во таа врска, штетата зависи не само од карактеристиките на ризикот но и од расположивите активи во домаќинството за обезбедување на неговиот доход и располагањето со механизми за осигурувањата. Се повеќе истражувања се занимаваат со прашањето на ризикот од аспект на неговото управување. Тие се фокусираат главно врз ризиците со значителни последици за општеството или економиката, кои далеку ги надминуваат последиците за одредени економски субјекти. Тие „системски„ ризици можат да имаат значење и за земјоделството. Во литературата управувањето на рискот е дел од поширока рамка која вклучува најмалку три етапи: оцена на рискот, управување на рискот и информации за можните ризици. Првата етапа обично се однесува на систематска обработка на расположиви информации за идентификација на зачестеноста и нивото на конкретни собитија. Пресметувањето на ризикот се состои во конкретизирање на општествена „толерантност„ за некои ризици. Втората етапа е поврзана со управувањето на ризикот како систем од мерки од страна на приватни лица и организации кои придонесуваат за намалување, контрола и регулирање на ризиците. Третата етапа е поврзана со обемот и споделување на информациите за ризикот помеѓу оние што решаваат и другите заинтересирани страни. Постојат малку истражувања за однесувањето на земјоделските производители во однос на избраните стратегии за надминување на ризикот. Системот за управување на ризикот се стреми да влијае врз различните извори на ризик, кои имаат влијание врз земјоделството преку разработување на различните стратегии и инструменти за управување на ризикот. Стратегиите за управување со ризикот можат да бидат групирани во три категории:
  • Стратегии за превенција – за намалување на веројатноста, неблагопријатни услови да се случат
  • Стратегии за ублажување на потенцијалното влијание на неблагопријатно собитие
  • Стратегии за справување и за олеснување на влијанието на ризичните случувања
Стратегиите можат да се базираат на договори постигнати на разни институционални нивоа: земјоделско стопанство или општествени договори, пазарни механизми и владина политика. Земјоделецот има можност да бира помеѓу расположливите инструменти, комбинација од инструменти и стратегии кои најдобро одговараат на неговото ниво на изложеност и избегнување на рискот. На пазарот на осигурување земјоделецот склучува договор за осигурување. Со него тој плаќа осигурителна премија заради закуп на осигурувањето. Договорот дава право на обештетување за специфични случки (осигурување на еднократен риск) или со намалена добивка – производство под ниво на вредноста (мулти ризично осигурување). Големината на компензацијата е поврзана со пресметката на губитоците. Земјите во развој, членки на Европската Унија, најчесто земјоделството го осигуруваат од 5 ризици, бидјеќи и осигурителните компании прифаќаат заштита од: бура, пожар на корен, пороен дожд, оштетување од слана и поплава. Кај овие земји осигурувањето се остварува и само на еден вид ризик и на група ризици. Предлаганите осигурителни продукти од осигурителните компании се разновидни што овозможува клиентите (земјоделците) да направат избор и да изберат комбинација која им одговара.Земјоделските култури, објекти на осигурување за споменатите погоре видови ризик се групирани во неколку основни насоки: новски култури, овошни насади, зеленчукови градини, лозја, етерични и маслодајни растенија, цвеќе за продажба, семе, култури во оранжерии, тутун, едногодишни и повеќегодишни тревни смески и др. Осигурителните компании имаат различни барања за осигурување на земјоделската продукција, на пример: критериуми за специјални услови кај новоподигнати трајни насади како овошни градини, маслодајни и етеричномаслодајни култури и лозја осигурување на ризикот е од градобијност, бура, пожар на корен, измрзнување, пороен дожд и поплава. Такви се условите (продуктите за осигурување) кај една компанија. Според друга компанија, се предвидува можност кога се работи за штети на млади култури кои се уништени делумно или целосно, а има можност на тоа место да биде посеана (насадена) истата или друга култура, обесштетувањето е врз база на процентот од осигураната сума. Тоа се применува кај: летни култури, маслена репа, и повеќегодишни фуражни треви со надомест од 30% потоа кај пченка, некои окопни, ориз и др. надомест од 20%, потоа: тутун, зеленчук, бостан, цвеќе и др. – 15% надомест. Во однос на осигурувањето на животните, предложените продукти за осигурување се карактеризираат со голема разновидност, бидејќи во ЕУ се осигуруваат сите домашни животни според општи услови, а некои ситни раси, егзотични животни, спортско-натпреварувачки животни и друго по специјални услови во согласност од степенот на ризикот што се прифаќа. И кај сточарството како во растителното производство различните осигурителни компании нудат различни продукти, различни услови и различни цени.Во земјите со високоразвиена економија, бизнисот осигурување е важна услужна област на стопанството со релативно високо учество во бруто домашното производство. Се разбира, дека земјоделството, поради ниското учество во бруто-домашниот производ на развиените земји нема значајно учество во бизнисот осигурување, но тоа не значи дека не е развиен пазарот на осигурување во земјоделството, за разлика од нашиот пазар, каде осигурителните компании не покажуваат интерес за развивање на овој бизнис, не креираат производи, не пропагираат осигурување во земјоделстовто и др. Од тие причини, од неколкуте осигурителни компании во Македонија, само една или две нудат неатрактивни осигурителни продукти, па од неколку десетина илјади земјоделци, само околу 2000 осигурале по некоја култура и покрај, тоа што плаќаат само 40% од цената на полисата. Проф. Др. Борис Анакиев

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?