ОН ги повикаа САД и Трамп да продолжат да даваат азил на бегалци
Објавено во: Свет 28 Јануари, 2017
Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ) ја повикаа денеска администрацијата на Доналд Трамп да продолжи да им дава азил на луѓе кои бегаат од војна и прогон, нагласувајќи ја виталната улога на американската програма за прием на бегалци.
Трамп стави четиримесечна забрана за прифаќање на бегалци и привремено им забрани на граѓаните на неколку муслимански земји да влегуваат на територијата на САД. Според Трамп овие мерки ќе ја заштитат земјата од терористички напади.
„Бегалците и мигрантите во светот никогаш немале поголема потреба и програмата на САД е меѓу најважните во светот“, истакнаа двете организации во заедничката изјава.
Тие изразија надеж САД да „продолжат да вршат силна лидерска улога и да ја следат долгата традиција да ги заштитат оние кои бегаат од конфликти и прогон“.
Во петокот новиот претседател потпиша уште една извршна наредба за „заштита на нацијата од влез на странски терористи во САД“. Декретот предвидува привремено запирање на политиката за азил и привремена забрана за граѓаните на неколку муслимански земји - Ирак, Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен - да влегуваат на територијата на САД.
На времената мерка реагираа и големи технолошки компании. Google ги повика своите вработени кои се погодени од забраната „веднаш да се вратат во САД“, а основачот и извршен директор на Facebook, Марк Зукерберг изрази загриженост поради последните извршни наредби за ограничување на имиграцијата.