04 Мај, 2024
0.0271

Од нас зависи!

Објавено во: Колумни 02 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

После „Пржино“, посетата на Груевски на САД, преговорите со Хан и Ванхујте...останавме со подзината уста, полни со неверување. Но, веројатно требаше да ни биде јасно после изјавата на Хан дека избори на 24-ти мора да има оти регионот е исправен пред сериозни предизвици – за што веднаш, „со ништо не предизвикан“ да ја спомене „бегалската криза“. Ова е повод да се разгледа домашната политичка сцена apropos меѓународните констелации и да се извлечат некои лекции. Секоја држава, особено во регионов, сериозно е вплетена во мрежа меѓународни релации и меѓузависности од кои зависи како стабилноста, така и долгорочната иднина. Тука треба да се бара одговорот на прашањето – како дојдовме до тука? Како Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, фатени со „спуштени гаќи“, останаа кредибилен и рамноправен фактор во преговорите, една од страните што треба да ја донесе стабилноста, заборавајќи дека всушност се причина за нестабилноста!? Како се случи тоа да се преговара со ѓаолот и при тоа истиот да „победи“? Како оние што целосно го изгубија кредибилитетот, станаа кредибилен партнер во разговорите? Ова прашање мора да се одговори само во светло на меѓународните констелации. Значи, иако ДПМНЕ одамна го изгуби легитимитетот, но делумно, сеуште го има легалитетот. Тоа е партијата што на последните избори однесе над 42% гласови, наспроти 25%-те проценти на опозицијата! Еве, дури и да не се согласиме целосно со оваа констатација дека сеуште го поседува легалитетот, покрај ислушаните бомби за: „20 души во еден стан“, фалсификувани лични карти, закани, блокади и сл., сепак ова е партијата што сеуште сериозно има контрола на теренот. Заедно со ДУИ, а бога ми и ДПА тие имаат 60% од гласачкото тело на нивна страна! Еве, дури и половината нека се украдени, тие сепак поседуваат повеќе од оние на опозицијата! Парадоксално, но тоталатираизмот како психологија и технологија на владеење на ВМРО-ДПМНЕ во случајов на им ја донесе предноста – имено, тие имаат целосна контрола на сè: медиуми, институции, администрација, инфраструктура, капитал, луѓе, па и подземје..,а во моментот тоа е она што ù значи на меѓународната заедница во светло на претстојните случувања и воопшто во глобалниот геополитички контекст. Колку и да не ни се допаѓа тој факт, сепак ДПМНЕ во моментов може повеќе да го контролира теренот! И тоа и само тоа им е важно на западните партнери. Тука сега доаѓаме до она што за нас е важно и она што во неколку мои колумни го заговарам. Дека нашите кризи се од „нашите спржени глави“, дека уредувањето на внатрешните односи се наша и само наша работа и не се во релација со меѓународните констелации, т.е. домашното не е во равенство со меѓународното. Видете, ниту еден меѓународен фактор уво не го боли како ние живееме овде, дали е демократија или автократија, дали ни се почитуваат правата и слободите или сме тероризирани, дали сме среќни или несреќни – нашиот двор си е само наша работа. Затоа, ова е наша борба, оваа криза не се разрешува со Договорот од Пржино, ова не е прашање на договор помеѓу „племенските водачи“ на четирите партии, ова не е ВМРО vsСДСМ, ова е историска борба на граѓани/демос vs. моќ! Оваа криза, сите минати, а и сите идни се разрешуваат на планот на историското преку конечно ослобување на граѓанинот како демос, како некој што го твори политичкото и стои наспроти секоја моќ, независно дали е СДСМ, ДУИ, ВМРО или било кои. Ова е криза која повикува на еманципација на граѓанинот како демос, а не граѓанинот како плебс. Ова е повик за конечно разбирање дека посакуваме и можеме подобро и дека од нас зависи, а не од некој меѓународен фактор! Значи во однос на меѓународниот фактор единствено важно е како и за што ќе ги „продадеме“ нашите позиции, заради што ќе отстапиме, во името на што ќе преговараме – дали како во случајов (а и во минатото), за да спасиме нечија кожа или да зачуваме и избориме национални позиции. Меѓународната не ги интересира каков ви е дворот, сè додека се вклопувате во пошироката геополитичка слика. Значи од нас зависи дали оваа државичка ќе ја направиме, да речеме развиена и демократскаЧешка со 4% невработеност или апсолутна монархија како Саудиска Арабија, каде каменуваат неверни жени. И двете се вклопени во геополитичките потреби на меѓународната заедница, на која ич око не ù трепнува како тие земји внатрешно си ги уредуваат односите. Ним совршено им е гајле дали овде ќе каменуваме жени, ќе апсиме политичари или ќе затвораме медиуми. Она што нив ги интересира е како се вклопувате во големата геополитичка слика на која сте согласиле да стоите. Значи од нас зависи и само од нас како граѓани, дали ќе најдеме сили да го направиме ова општество демократско и дали ќе се претвориме во заедница на слободни граѓани и дали ќе дозволиме да се пазарат со нашите интереси за нивната кожичка. Видете, во овој случај пазарот е направен и тоа на моја, на ваша, на наша штета, на штета на нашите национални интереси, само да се спаси нечија нивна глава. Опозицијата веројатно требаше да разбере дека ова не е партиска битка и нема да биде кратка битка. Ова е битка за еманципација на граѓанството во која на историски план граѓаните како демос конечно ќе си го грабнеа политичкото назад, ќе станеа фактор од кој нештата зависат. Оваа држава може да успее, зависи од нас. Верувам во една нова сила која надоаѓа во лицето на онаа река од протестирачи кои стоеја еден до друг независно од нивната етничка, партиска, верска, социјална или било која друга разлика. Тие се генерациите кои и знаат и сакаат, ова мало и мило државиче да биде подобро. Голем дел од нив се обединија под новата партија „Левица“ која наскоро и ќе се регистрира и обзнани. Со нивната енергија, верба и умот на сите општествени слоеви, оваа држава може да се преуреди во нормална, европска држава. Од нас зависи дали ќе бидеме Чешка или Саудиска Арабија, дали ќе станеме општество на слобода, правда и демократија или ќе сечеме глави за неверство. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина