26 Април, 2024
0.0290

Од „Изворот на мирот“ може да протече војна

Објавено во: Колумни 12 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Средата што измина, на  9 октомври, Турција започна нова воена кампања во Сирија наречена „Извор на мирот“. Во најголем дел, барем според официјални кажувања, таа е насочена против сириските Курди, кои Анкара ги нарекува терористи. Според развојот на настаните лесно може да се случи наместо извор на мир воената кампања да биде извор на војна од пошироки размери. Зашто во игра се интереси не само на Турција, туку и на самата Сирија, Русија, Иран, САД, па дури и на Франција и Британија, посебно, но и на целата Европска унија. Објавувајќи го почетокот на кампањата, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, рече дека нејзина цел ќе биде и Исламската држава.

Што всушност сака Турција? Ердоган војната ја најави уште на петти октомври. Според него “целта на Турција е да воспостави мир на истокот од Еуфрат“.  Намерата на Турците е да ги протера борците на курдските милиции на 30 километри од нејзината граница со Сирија. Курдските Одреди на народна самоодбрана(ОНС) Анкара ги смета терористи, воено крило на Работничката партија на Курдистан(РПК), која од 1984 година се бори за создавање на курдска автономија  на југоистокот од Турција. Оваа партија  за терористичка ја сметаат и во САД и во ЕУ, а од ОНС велат дека не се дел од РПК. ОНС и Сириските демократски сили(СДС) во чиј состав влегуваат одредите, изјавија дека ќе ја заштитуваат територијата на која се наоѓаат. А СДС објавија сеопшта мобилизација.Инаку СДС и ОНС со американска поддршка учествуваа во разбивање на Исламската држава и зедоа под контрола дел од сириската територија.

Турските војски имаат цел да влезат длабоко на сириска територија. Министерот за надворешни работи, Мевљут Чаушоглу изјави дека во првата етапа се планира да се создаде зона на безбедност долга 120 километри, а потоа 400 километри, широка 30 километри. Тоа значи дека Турција би „окупирала“ најмалку 12.000 квадратни километри сириска територија, што е малку повеќе од половина Македонија.

Во четвртокот турскиот претседател Ердоган реагираше на првите сигнали од ЕУ со изјава дека доколку Унијата ја нарече турската воена операција инвазија, тогаш Турција ќе ги отвори своите граници и ќе пушти во Европа над три милиони сириски бегалци. Тој наоѓа правна основа за интервенција во Сирија во Аденскиот договор, потпишан меѓу Турција и Сирија во 1998 година. „Тие(САД) се наоѓаат во Сирија не по покана на режимот. А ние сме во рамките на договорот од Адана. Според тој договор, доколку режимот не презема мерки против РПК, тогаш нашите воени сили имаат право да ги гонат терористите“, изјави Ердоган. Според него воздушното пространство над Сирија е меѓународно и сириско, па поради тоа не им припаѓа на Американците. „Бидејќи тоа не им припаѓа на САД, тогаш прашањето за негово користење се решава со режимот(претседателот на Сирија Башар ел Асад)“, вели Ердоган. Турскиот  претседател тврди дека нема да ја прекине воената операција на северот на Сирија без оглед на повикот на некои земји, па и САД. „Имаме закани и од десно и од лево, за да ја сопреме таа операција“, изјави вчера тој.  Ердоган додаде дека барал од Трамп и други странски политичари, САД да ја сопрат воената поддршка на Курдите, но тоа никој не го направил. Па затоа Турција сега нема да се повлече.

Инаку, Договорот од Адана е донесен по турско-сириската криза во 1998 година, кога Сирија се откажа од поддршката на РПК, која Сиријците ја користеле како политички адут во односите со Турција. Според условите на договорот, Сирија за прв пат призна дека РПК е терористичка организација. Понатаму, Сирија се согласи на следново: да го избрка лидерот на РПК Абдула Оџалан од Сирија, каде што се најде во притвор од раните 1980-ти; да ги уапси милитантите на РПК кои се активни во Сирија и да ги искоренат камповите на РПК таму; да престане да обезбедува оружје и логистика за користење на сириско тло за комерцијална корист или пропагандни активности против Турција; и конечно, да ја прошири соработката со Турција против РПК во иднина. За таа цел, Сирија се согласи, иако со резерви, да воспостави „одредени механизми“ кои ќе помогнат во спроведувањето на сите овие мерки „на најефикасен и транспарентен начин“.

Американците, за кои Ердоган вели  дека не се во Сирија на покана од режимот, спроти инвазијата направија неочекуван потез. Претседателот Доналд Трамп по кој знае кој пат изјави дека од тој регион ќе ги повлече американските војски. Потоа, во понеделникот, Ердоган и Трамп разговараа за создавање во Сирија зона на безбедност. Американците нема да учествуваат во таа воена акција на Турција, а отсега натаму таа ќе ја има одговорноста за припадниците на ИД во тој дел на Сирија, кој пак Американците го зазедоа заедно со Курдите, како нивни сојузници. Според некои медиуми, таму има неколку логори во кои се сместени припадници на ИД и нивните семејства. Во Сирија има околу 70 илјади заробеници и членови на семејствата на ИД. Голем дел од нив се директно под контрола на Курдите. Не мал број од заробениците се дојдени од Европа. Освен тоа ИД држи под контрола дел од Сирија на границата кон Ирак, а кој граничи со територијата под контрола на Курдите. Последниве на тој начин ќе се најдат меѓу Турците и ИД. Иако Американците заминувајќи изјавија дека „одговорноста за ИД сега ќе падне на Турција“.

 Досега во борбите во овој дел на Сирија загинаа над 300 Курди, војници и цивили, и еден турски војник. Сето ова предизвика револт во САД и покрај тоа што Трамп ги „предаде“ своите сојузници. Тој не го прифати противењето на Пентагон и на некои конгресмени и сенатори. Трамп и лани два пати најавуваше повлекување од Сирија и два пати пред тоа разговараше со Ердоган, како и сега. Во Вашингтон сето ова предизвика бурни реакции.  Во медиумите и конгресмени најавуваат сериозни мерки против Турција. Државниот секретар Мајк Помпео изјави дека САД не и дале на Турција зелено светло за напад врз Курдите и покрај решението за повлекување на војниците. „Виновникот“ Трамп се закани со економски санкции, „кои ќе ја уништат Турција“, доколку „таа направи било што, што јас, при мојата голема и исклучителна мудрост, ќе го сметам за недозволиво“. Пеколни санкции најави и сенаторот Линдзи Грем, соборец на Трамп. „Ако Турција влезе во северна Сирија, од Конгресот ќе тргнат пеколни санкции. Широки, длабоки и разрушувачки санкции, рече тој во едно интервју. Од демократскиот табор дојдоа вести дека двете партии веќе подготвуваат закон за санкции. Трамп само ден подоцна твитна три варијанти за дејствување поврзани со турската инвазија. Прво, да прати илјадници војници и да победи по воен пат. Второ, да нанесе на Турција сериозен финансиски удар и санкции. И трето, САД да станат посредници меѓу Турција и Курдите. 

Повик до Турција да ја сопре операцијата на северо-истокот на Сирија упати и првиот човек на Пентагон, Марк Еспер во разговорот со турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар. Еспер решително ја повикал Анкара да ги прекине воените дејствија, па на тој начин да се зголемат шансите САД, Турција и други партнерски земји да  најдат начин за деескалација на ситуацијата, пред таа да стане непоправлива.

Заканата на Ердоган дека ќе пушти кон Европа над три милиони сириски бегалци беше дадена по првите реакции од Брисел. Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија ја повика Турција да ја прекине воената операција, зашто Европа нема да плаќа за турските планови. Осуди дојдоа од Германија, каде укажаа на опасноста од дестабилизација на регионот и преродба на ИД, а истовремено и појава на нови бранови бегалци и хуманитарна катастрофа. Французите повикаа на средба на претставниците на меѓународната коалиција за борба со ИД. „ Главна задача на средбата е нашата безбедност која е под удар поради турската инвазија“, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив Ле Дриан. И Советот на ЕУ истапи со залагање за прекин на турската воена операција во Сирија. Таму нагласија дека Турција ја подрива стабилноста на регионот и го зголемува страдањето на мирните жители. Сега се очекува самитот на ЕУ кој треба да се одржи на 17 и 18 октомври. На него можеби ќе се одлучува за воведување санкции кон Турција. Засега тоа прашање се разгледува.

Многумина на Запад сметаат дека турската акција во Сирија и повлекувањето на американските војници ќе биде од полза за Русија. Турците  пред операцијата против Курдите разговараа и со Русите. Ердоган го запозна Путин со нивните цели во операцијата. Путин повикал Турција внимателно да ја извага ситуацијата за да се избегне штета врз решавањето на сириската криза. „Притоа била нагласена и важноста од обезбедувањето на единството и територијалната целосност на Сирија, почитување на нејзиниот суверенитет“, пренесоа од Кремљ. Путин подоцна ја нагласи опасноста од бегство на заробените припадници на ИД од затворите. Зашто на северот на Сирија се уште има зони каде што се наоѓаат терористи. Досега тие беа чувани од курдските сили. Но сега турската армија ги напаѓа тие делови и Курдите бегаат од логорите во кои се држеа заробениците на ИД. Путин се сомнева дека Турците брзо ќе ја земат ситуацијата под контрола.

Русите повикуваат прашањето на Курдите Турција да го реши во преговори со Дамаск, да се води сметка и за неговите интереси, иако Турција одбива да го направи тоа. „Зашто можеме ние да разговараме со луѓето кои убија милион граѓани на Сирија“, изјави деновиве Мевлет Чаушоглу. Тој додаде дека владата на претседателот Асад не може да ја обедини Сирија. Американската политика кон Курдите за рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е противречна и може „да го запали целиот регион на Блискиот Исток, а тоа треба да се избегне“. Тој не исклучува дека американските војници сепак ќе останат во Сириски Курдистан. „Доналд Трамп навистина веќе многу пати изјавуваше дека ќе ги повлекува своите војници од Сирија и други земји. Потоа тие изјави на некаков начин беа сопирани, но веќе од страна на реалните извршители. Не е исклучено дека ние сега гледаме нешто слично“, додаде Лавров. Според него Американците во последните три години работат наспроти барањата од резолуцијата на СБ на ОН за почитување на територијалната целосност и суверенитетот на Сирија. Лавров тврди дека Американците „организирале квазидржавни структури, им обезбедувале да опстојуваат и многу активно ја унапредувале курдската тема“. И покрај противењето на локални арапски племиња, кои традиционални живееле на тие територии.

Некои руски експерти сметаат дека Москва не смее да им вети заштита на Курдите. Затоа што односите со Турција сега се многу поважни отколку мешањето во курдското прашање. И, да влијаат врз Курдите да сфатат дека за да си ја обезбедат долгорочната безбедност тие треба да се договорат со Дамаск. Кој би им ја гарантирал безбедноста во реоните каде што живеат, па дури и од турски напади. Има сомнежи кај експертите дека САД и Турците имаат некаков договор, дека им е даден карт-бланш, но со ограничување. „Не мислам дека станува збор за целосно предавање на Курдите. Каков и да е Трамп и неговите соборци, тие, генерално разбираат дека никогаш не се знае како може да се сврти работата“, вели Фјодор Лукјанов. Тој претпоставува дека во сенка се водат консултации меѓу Русија, Турција и Америка. Зашто деновиве имаа меѓусебни разговори првите луѓе на министерствата за одбрана на трите земји. Тој смета дека Русија може да има полза од сегашната ситуација во поглед на Идлиб, каде што Турција не опстои на договореното. И доколку Турците бидат задоволни од сегашната операција, тогаш би имало шанса да им дозволат на Русите и Сиријците да преземат конкретни чекори во Идлиб. Покраина која е под контрола на разни воени групи противници на Асад.

 Русија инсистира да не се нанесе штета на сегашните политички процеси околу Сирија и посебно делот за подготовката на новиот устав на државата. Инаку, претставникот на Русија во ОН, Василиј Небенза, смета дека воената операција на Турција е плод на дејствувањата на меѓународната коалиција во неколку сириски реони. „Таа операција е резултат на демографскиот инженеринг, кој го реализираа некои партнери од коалицијата во североисточна Сирија. Ние одамна ги повикувавме да не експериментираат со тоа“, изјави Небенза. Според него Русија одамна ги повикувала Курдите на дијалог со Дамаск, но тие одбрале други покровители. Па сега ги чувствуваат последиците од тој избор.

Што да прават во сето ова Сирија и Курдите. Нив никој не ги прашува. Сирија ја осуди турската операција, но не може да направи ништо повеќе. Таа ги има Русите со себе, но кога тие не сакаат конфронтација со Турција, тогаш и Сирија ќе мора да го прифати тоа. Курдите, пак, добиваат само декларативна поддршка. Некои курдски команданти деновиве им се налутиле на Американците и отворено им рекле дека тие „ги продале“ на Турците, но дека се навикнале да бидат продавани од странските партнери. Тоа е судбината на магарињата кога се клоцаат коњите.

Имајќи ја предвид решеноста на Ердоган, може да се претпостави дека ќе дојде до целосна победа над Курдите. Се разбира доколку Американците не им дале некакви ограничувања на Турците во тој поглед.  Ако дојде до тотална победа над Курдите, тогаш ќе може да се зборува за почеток на партизански воени дејствија. Некои сметаат дека  Турција всушност не сака создавање на тампон зона, туку окупирање на што поголем дел од Сирија. А источно од Еуфрат се наоѓаат големите наоѓалишта на нафта. Нив ги бара и сириската влада, но засега таа е заглавена на десната страна на Еуфрат и околу судбината на покраината Идлиб.

Дали Трамп има некаков договор со Турција? Тој во својата предизборна програма најавуваше дека ќе ги повлече американските војници од Блискиот исток и од Авганистан. Според него само на Блискиот исток Американците потрошиле осум илјади милијарди долари за воени операции и поддршка на сојузниците. Бидејќи тој е бизнис-ориентиран во политиката, со оглед на приближувањето на изборите сигурно ќе инсистира на повлекување од Сирија или останување со симболична бројка. Тој не сака да се конфронтира со Турција која е голема воена сила во НАТО, веднаш по САД, па не би му било сеедно да дојде до директен судир со неа кој би повлекол и американски жртви. Што во предизборие може да влијае многу врз гласачите. Освен тоа Трамп од порано се заканува дека на Европа ќе и ги испорача сите нејзини припадници во ИД. А чие држење во логори и затвори влијае врз американскиот буџет. Што ќе стане со Коалицијата за борба против ИД? Дали и таа ќе се распадне? Британија и Франција се сериозни во своите намери да се спротивстават на Ердоган. Тој дел од Блискиот Исток некогаш бил под големо влијание од овие две држави. Па тие не сакаат така лесно да се откажат од него.

Конечно, деновиве некој проговори и за неоосманизмот, па го постави прашањето дали во Сирија не се спроведуваат акции за негово возродување и во таа држава? Со оружје, ако веќе не може по мирен пат, како што тоа го прави Турција на Балканот, во делови на Русија и некои држави на постсоветското пространство. Ова е посебна тема, но не треба да се оттргне од видикот.

По сето ова прашањето: Дали сегашната воена операција на Турција, „Извор на мирот“ може да прерасне во војна? Несомнено. Зашто се јави и Иран, кој исто така бара од Турците да ја сопрат операцијата. Неспокојни се Израелците. Неспокојни се и Курдите во Ирак, каде што изминативе денови Лавров беше во посета. Американците најавија праќање на две до три илјади војници во Саудиска Арабија. Не е исклучено одново да ги вратат војниците во Сирија и покрај изјавите на Трамп. Можеби некаква контролирана војна би му ги зголемила шансите за победа на изборите догодина.  А што ако таа излезе од контрола?


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД