07 Март, 2021
0.0199

Новиот Мојсеј, е последна надеж во македонската пустина

Објавено во: Колумни 08 Јануари, 2021

Најновата анкета, објавена на телевизијата Телма, а спроведена од М-Проспект, по барање и нарачка од истата, исфрли на површина две тенденции, кои паѓаат во око: првата е стабилизирањето на маргиналната грешка во разликата на соодносот на двата политички блокови (мастадонти), кои се менуваат перманентно и наизменично на власт во изминатите три децении ( коалцииите предвидени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ),  и нивен константен пад во гласовите кај традиционалното гласачко тело, и  второ неверојатен пробив нагоре на „контроверзната“ и популистичка Левица.

Често пати сум се изјаснувал против  политиката  на партијата, не конкретно кон партискиот субјект, туку кон ликот и делото на нејзиниот „Че Гевера“, од проста причина, што човечки, не само што се сомневам во неговите чесни и искрени намери на сцената на  македонското политичко миље, туку воопшто не му верувам. Особено што начинот, вордингот, гестикулациите и односот, се одлика на едно длабоко до болка исфрустрирано, човечко битие, кое своите одлуки за се, ги носи врз база на своите емоции ( крајно фрустрирачки), а не како разумен човек ( со 10,00 просек). Впрочем сметав/м, дека таквите и се најопасни. Се сеќавате на почетните години на Љубчо Георгиевски, во оној излитен мантил, кога делуваше крајно сиромашно, со жар и плам во своите говори, дека ќе расчисти со олигархискиот криминал, и организираниот капитал ( криминален), на новопечените (пост)транзициски тајкуни и магнати? И што се случи после неговото, толку благонадежно доаѓање на власт во веќе далечната 1998 година?! Ништо особено, освен што тој влезе во редот на тие кои „ќе ги стрелаше“, ( да го парафразираме лицето Д.А), како средностоечки македонски бизнисмен. Верувајте, од сето тоа што се изнагледавме да продефилира и да ја запоседне македонската политичка сцена/ дограбувајќи се до врвовите на власта, и како ја упражнува истата, лично попрво би сакал 79 ( седумдесет и девет) клонирани МиткоЈанчевци, на позицијата градоначалник во  Македонија, луѓе реализирани во животот ( особено на професионално поле), одошто тие кои се наектрелизирани со бес, гнев и фрустрации во младоста ( плачеле по возови, шетале сами низ парк, бидејќи кога ги викале студентските колеги на кафе, немале пари за едно кафе), да дојдат и  да владеат. Во нив, живее и  вирее самиот Сталин, па и Хитлер, ако сакате, не знам кој е полош!

Од друга страна пак, искрено сум среќен, што конечно на македонскиот политички небосклон, се појави некоја политичка партија/организација, која сериозно се заканува да ги измести од своето тридецениско политичко тежиште двата доминиони. Дури, по згаснувањето на ДА ( Демократска Алтернатива), на Васил Тупурковски, многумина се сомневаа и се прашуваа, дали ќе се појави, некогаш нова „трета“ опција, која сериозно ќе им „дише во врат“ на добропознатите. Крајно време беше, некој после се,  да фрли камен во застоениот и засмрдениот политички жабарник, и  новите анкетни проценти, на  кои апсолутно им верувам, веќе ја лансираат Левица во орбитата на партија која ќе освои  6-9 пратеници, доколку изборите се одржат утре, при постоечкиот изборен (донтов) модел со шест изборни единици. Со оваа прогресија на рејтингот, до регуларните избори во 2024-та, оваа партија, предводена од нејзиниот атипичен лидер, кој налепи неверојатна поддршка кај резигнираното младо гласачко тело, може да ги подели подеднакво гласовите со останатие две партии. Како и да е, тенденциите, укажуваат само на едно: при ненормална блискост во изборниот резултат на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ( 2 пратеници во корист на едната/како при последните два изборни циклуси  на парламентарните избори), Левица ќе биде дефинитивно тасот на постизборната вага и  клучот за идната македонска коалициска влада. По само пет години, постоење и егзистирање на македонската политичка сцена, со многу перипетии и расплети во функционирањето на  оваа партија,  самата го најде модусот за успех во длабоко истрауматизираното, крајно исфрустрираното, и целосно безнадежното македонско општество. Апасиев е Мојсеј, за многумина кои се изгубија во пустината на македонската транзиција, кои веруваа наивно на сите шарени и портокалови лаги на македонските постоечки опции. Да не се надеваме дека  „нашиов Мојсеј може да ги поведе Евреите кон ветената земја“. Да не се лажеме, 40 нови  години, се премногу за ново „скитање низ македонската пустина“. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Вирусот, банките и копнежот

Вирусот, банките и копнежот

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!