05 Мај, 2024
0.0271

Нова етапа во украинската револуција!

Објавено во: Колумни 25 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Кутрата Украина, малку и е она што и се случува на истокот на земјата, а веќе има признаци дека и западот не е мирен. Западот, леглото на антируското расположение, деновиве беше во центарот на вниманието. И не поради антируски акции, туку поради внатреукраински судир, кој може да биде иницијална каписла на нешто поголемо. Засега, работите како да се смирени, но нема никаква гаранција дека и така ќе останат. На почетокот на месецов во градот Мукачево се случи престрелка во која загинаа три лица, а дестина беа ранети. Учесници во престрелката, официјално, се припадници на полицијата, од една и припадници на националистичкото движење  „Десниот сектор“ од друга страна. Овој настан предизвика вистинска тревога во Киев, па претседателот Петар Порошенко, го смени првиот човек во областа, побара апсење на припадниците на националистичкото движење и изјави дека во земјата нема место за незаконски вооружени формации. Националистите пак ги бранеа своите членови и бараа оставка од министерот за внатрешни работи Арсен Аваков, а и од раководството на полицијата во областа. Ако првите две работи „држат вода“, третата секако не држи. Владата на Украина, а и самиот Порошенко, по настаните во февруари минатата година во Киев, а потоа и војната на истокот на земјата, беа принудени да бидат во сојуз со националистите, бидејќи слабата украинска армија имаше потреба од поддршка на фронтот. Таму беа многу воени формации составени од доброволци, а финансирани од олигарси. Но сите тие беа надвор од сечија контрола. А оние од „Правиот сектор“ до денес не сакаат да се вклопат во редовите на вооружените сили на Украина, туку бараат да бидат војска во војска. Организации кои се грижат за заштита на човековите права во Украина дури обвинуваат некои воени единици од „Правиот сектор“ за тешки злосторства и за мачења. Она што се случи на Западот од Украина е само знак дека борби се можни и таму. Интересно е што настаните во Мукачево се случија само некој ден по посетата на Викторија Њуланд на Украина. Таа таму беше да го „притисне“ Порошенко да го спроведува Минскиот договор, а поконкретно да предложи измени во Уставот со кои ќе се излезе во престрет на проруските сили од Доњецката и Луганската област. Според украински медиуми, таа долго ги убедувала преставниците на сите партии во парламентот предлогот на претседателот да го добие потребното мнозинство.   Предлогот помина и сега Американците имаат уште еден адут во рацете во играта околу Украина со Русија. Се разбира сега е на потег Русија, која што ќе треба да ги притисне проруските сили и тие да спроведат нешто од договорот. На пример повлекување на оружјето и сл. Инаку, Според Минскиот договор, Украина практично се откажува од контролата само врз териториите заземени од проруските суили, значи не врз целата Доњецка и Луганска област,барем во догледно време. Треба да дозволи формирање на народна милиција во нив, која сигурно ќе ја составуваат луѓе од сегашните воени формации на проруските сили, па да води сметка за јазикот, па за судовите и згора на се за социјалните работи, пензии и сл....Ќе треба да се амнестираат вооружените сепаратисти. Ќе треба да се донесе нов Устав кој ќе води сметка за правата на жителите во источните региони. Да се организираат локални и парламентарни избори во тие делови. И токму за време на ваквиот развој на настаните се случи и Мукачево, со што се задре во егото на националистите од „Десниот сектор“. Па така, на почетокот на неделава, тие најнапред одржаа конгрес, а потоа и народен собир на плоштадот - „Мајдан на независноста“ во Киев. Според разни оценки се собрале од 2.000 до 15.000 луѓе. Токму таму, лидерот на движењето, Димитриј Јарош, пред насобраните обзнани дека веднаш во сите области на Украина почнуваат да формираат оперативни штабови за спровдеување на Сеукраински референдум за недоверба кон сегашната власт! Неговото движење нема да учествува на локалниоте избори во Украина закажани за 25 октомври. Ова и не е некоја голема работа, бидејќи на последните избори за парламентот Движењето освои 2,4 процентии од гласовите. Но, Јарош најави дури нова етапа во украинската револуција! –Ние покажуваме дека сме дисциплинирана револуционерна сила, која од овој собир и од нашиот конгрес почнува нова етапа во украинската револуција, изјави Јарош пред насобраните луѓе. Тој нагласи дека нема да ја дестабилизира ситуацијата во земјата, иако некои би го посакувале тоа, и дека имаат намера да ги исполни своите барања по правен пат. Исто така, според него, воено-политичкото движење „Десен сектор“, на Конгресот било преименувано во Национално-ослободително движење „Десен сектор“. Значи Украина, исто како што беше направено во Иран на времето, добива свои Стражи на револуцијата. До каде го доведоа Иран таквите стражи одамна ни е познато. Ваквиот развој на настаните не ветува ништо добро за претседателот Порошенко. Активисти од „Десниот сектор“ тврдат дека сегашната власт во земјата се дискредитирала себе си со следњето на патриотите, со борбата со доброволците и волонтерите, со соработката со рускиот окупатор, со антиуставното „предавање“ на украински територии и др. Украинскиот претседател е подложен на притисок од САД,  од Европа, а сега и од радикалните елементи. Веројатно под притисок е и од „своите“ олигарси, што го поистоветува со Путин, со таа разлика што овој своевременои направи голема чистка во руската олигархија. Во изјава за лондонски „Гардијан“ еден бивш украински градоначалник вели: -Порошенко го зборува тоа што сакаат да го слушнат западните политичари, кои од разни причини му веруваат, но тие не разбираат до каков степен е невозможна деолигархизација во нашиот систем. Олигарсите се крв и органи на тој ситем и засега ние немаме со што да ги замениме. На почетокот на април годинава Порошенко веќе имаше непријатна случка со Јарош. Тогаш се’ се заврши со негово поставување за советник во Генералштабот. Ова е веќе втор предизвик за претседателот. Јарош како да го испитува прагот на неговото трпение.Не поминаа оттогаш ни четири месеци. До изборите исто така има помалку од четири месеци. Не е исклучено дотогаш да се најде нов повод за „пресметка“.Но, прашање е дали и третиот предизвик ќе заврши на зборови. А тоа најмногу би и одговарало на Русија. Во услови кога не одат реформите, на голема корупција, и реки оружје се надвор од контрола, лесно е да се предизвика нешто несакано во земјата. А ако биде тоа судир Порошенко-Јарош, тогаш последиците ќе бидат непретсказливи. А каде се тука истокот, проруските сили, Крим...Затоа, таквиот судар би бил вистинска катастрофа за земјата. Многумина за време на минатогодишните настани во Украина зборуваа дека „Правиот сектор“ е американска творба. И дека токму Њуланд е нивниот заштитник. Ако е тоа вистина, тогаш Американците треба да имаат на ум што им се случи со Талибанците во Авганистан, кои беа нивни протежеа, потоа со припадниците од ИД, за што исто така се зборува, со радикалите во Либија, кои исто беа поддржувани од нив, Моментно во Украина најподдржуван од Американците е премиерот Арсениј Јацењук. Да не излезе, двајца се караат третиот користи. И токму така да заврши новата етапа во украинската револуција. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина