18 Мај, 2024
0.0384

Не можеме да бидеме сезнајковци

Објавено во: Колумни 24 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Потребен е целосен и итен ремонт во образовниот процес. Од Кембриџ, па се до разните наметнати глупости кои ги учат нашите деца. Не може нашите чеда да бидат сезнајковци. Како деца бевме послушни, бидејќи тоа од нас постојано се бараше. А ако се побуневме во училиште, ќе имавме проблем пред се дома. Она што денес радува е бунтовното кај денешните средношколци кои имаат храброст да излезат на улица, и да го изразат своето мислење. Да се спротивстават на наводните реформи, и на недостатокот на чувство за потребите и новите услови на пазарот на работната сила, кој не се задоволува со просечност, туку бара врвни специјалисти, од различни области. Тој што е надарен за математика, можеби не е надарен да напише убав состав, и обратно. Деновиве сретнав еден колега од факултет кој одамна го немав видено. Ме информираше дека изминативе два месеци бил во Америка, каде прошетал повеќе градови, а бидејќи роднината кај кој престојувал бил професор во средно училиште, имал и можност делумно да се запознае со нивниот образовен систем. Тој раскажуваше целиот под импресии од нивниот образовен систем, правејќи споредба со нашиот. Во Америка нема сезнајковци, како кај нас!- вели. И навистина е така. Уште од мали децата тесно се насочуваат во процесот на образование. Ако некој е талентиран за спорт, кон тоа е насочено целокупното негово образование. Бидејќи детето има спортски потенцијал, сите активности се насочени кон негово развивање. Ослободен е од многу останати школски обврски, со него се работи индивидуално, на принцип на менторство. Се проценува дека некои области се комплетно непотребни, и дека треба да поседува минимално општо образование. А кај нас е сосем спротивно. Ако некој е добар во математика, се задоволуваат и родителите и професорите со нивото, и веднаш ќе те опоменат дека другите предмети ги запоставува, доволно е математика ќе ви речат, работете историја и географија. И така децата најчесто ги тераат да учат и работи кои не ги сакаат, бидејќи нели мора се да знаат! Ваквата состојба со образованието е непроменета сите овие години наназад. Насоченото средно образование, се замени со општи гимназии со посебен фокус на одредени области. Но и во тие училишта кога ќе се погледне што се учат децата, не може а да не се извлече заклучок дека погрешно се насочуваат. Ништо поразлично од моето време. Кога учевме разно-разни глупости и непотребни работи, немајќи можност да се фокусираме на она што го сакаме, и она што навистина ни лежи. А кога некој така е образован, тоа ќе го следи целиот живот. Тој ќе биде експерт за се, и за ништо! Таквиот просечен човек ќе заталка на некое работно место каде минимално ќе си ги исполнува работните обврски, ќе ја зема истата плата со години, и ќе има недостаток на потреба и мотивација за нешто повеќе. А вредноста на еден универзитет како Кембриџ, не е во книгите, туку во традицијата, начинот на учење преку практична работа, и пред се во професорите кои таму предаваат. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе