05 Мај, 2024
0.0260

НАТО-Русија: Брак од интерес

Објавено во: Колумни, Свет 22 Април, 2016

Добивај вести на Viber

Во Брисел деновиве се одржаа преговори на Советот Русија-НАТО. Тоа се први преговори по две години. Работата на Советот беше прекината по настаните во Украина и присоединувањето на Крим кон Русија. Но дипломатските односи не беа прекинати. Од она што се слушна по преговорите јасно е дека меѓу двете страни не постои голема доверба. Но и двете се заинтересирани дијалогот да продолжи. Пред многу години имаше едно истражување кое покажуваше дека најцврсти се браковите од интерес, а не од љубов! И токму сега НАТО и Русија се пред предизвикот, како меѓусебната недоверба да ја преточат во некаков брачен документ во чија основа би бил интересот?  И на едните и на другите им се сака тоа, но барем засега, никако да го состават документот. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг смета дека е време за адаптирање кон новата реалност, поточно да се преработи обновениот „Виенскиот документ“ од 2011 година, а за прв пат усвоен во 1991 година за мерките за зацврстувањето на довербата и безбедноста. Овој документ-договор е потпишан од членките на ОБСЕ. А која е новата реалност што ја спомена Столтенберг. „Многу работи се изменија , ние гледаме зголемување на военото присуство и можности на вооружените сили“, рече тој во Брисел. И навистина тој е во право, многу работи се изменија последниве две години. Членките на НАТО, особено оние од „нова Европа“ постојано повикуваат за воен одговор или поточно воено одвраќање на Русија на тој начин што Алијансата ќе ги зголеми своите воени капацитети, човечки и оружени, на нивните територии. Тоа значи натрупување на војска и оружје на границите во близина на Русија. Сето ова, најмногу како последица на настаните во Украина. Русија исто така одржуваше и големи воени маневри во кои учествуваа десетици илјади војници и голем број воена техника. Но, да не се заборави дека НАТО веќе имаше планови и работеше на нивна реализација, за поставување на противракетен штит во близина на границата со Русија. Освен тоа неуморно се прошируваше. Русија се противеше на ваквите намери на Алијансата и беше за поставување на заеднички штит. Но нејзиниот предлог не беше прифатен. Причинита беше во тоа кој да го има последниот збор во управувањето со тој штит. Недовребата надвладеа и штитот ќе биде едностран. Во меѓувреме сме сведоци на многу инциденти. Те, руски авиони летаат над американски бродови, те британски ловци ги пресретнуваат руските бомбардери надвор од британскиот воздушен простор. И од сето тоа се прават приказни. Како такви работи да не се случувале во минатото! Реалноста е неумолива. Светот е вратен назад на работ на нова Студена војна. И нормално дека и работите на градење на меѓусебна доверба треба да се вратат назад. Новите реалии бараат нови решенија. Или, пак, навраќање и наоѓање на вредното во заборавеното, но добро, старо решение во „Виенскиот документ“ и негова надградба. Русија уште во 2008 година, по кризата во Грузија, преку тогашниот претседател Димитриј Медведев побара склучување на нов договор, кој би го подобрил системот за колективна безбедност во Европа и би ги прецизирал магливите термини. Главната закана за Русија тогаш беше ширењето на НАТО на исток. Русите дури направиле и нацрт на таквиот договор, кој во 2009 година легнал на работната маса на тогашниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмунсен, но останал таму да лежи, а веројатно лежи до ден денешен. Некои експерти во Русија сега сметаат дека идејата на Столтенберг за преработка на „Виенскиот документ“ , всушност значи копирање на предлозите на Медведев од 2008 година. Што се однесува до документот на Русите, според вршителот на должност на директор на Информативното биро на НАТО во Москва, Роберт Пшел, а како што пишуваат руски медиуми, „тој бил многу амбициозен и имал многу барања од НАТО, ограничувал некои активности на Алијансата. Освен тоа тој документ главно се разгледувал во рамките на ОБСЕ. И токму таа организација, а не НАТО го отфрлила рускиот предлог.“ И Пшел смета дека „Виенскиот документ“  е надминат и треба да се менува. Значи, го имаме Медведев од 2008 година и го имаме Столтенберг од 2016 година. И двајцата, еден порано, друг сега, бараат нов договор незадоволни од однесувањето на едната или на другата страна. Зарем не може тука да се бара интересот за брак меѓу НАТО и Русија? Ако „Виенскиот документ“ се темели на идејата дека по падот на комунизмот Алијансата и Русија не се главни противници на воен план, што беше повторувано многу пати во деведесеттите години и од Борис Елцин, тогашниот руски претседател и неговиот колега Бил Клинтон, тогаш колку и да е наивно да се верува, можно е да се бара почетната точка за нов договор. И покрај се што се случи во меѓувреме. И покрај нараснатата недоверба. Потребна е обострана волја да се договорат новите правила на игра. На начин кој би ги задоволил интересите на двете страни. Патот ќе биде тежок со оглед на напнатоста во односите меѓу нив која владее денес. Но, секое решение е подобро отколку останување на статус-кво ситуација, полна со неизвесности за иднината. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина