19 Мај, 2024
0.0253

Наместо фискална Владата усвои изборна стратегија

Објавено во: Економија, Колумни 28 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Минатата недела владата ја донесе тригодишната фискална стратегија. Ја донесе на начин, небаре  за првпат носи ваков документ, и демек одсега натаму, како никогаш досега, ќе се води сметка за трошењето на народните пари од страна на власта. Така, јавноста веќе е информирана дека буџетскиот дефицит во 2016 година треба да се намали од 4,2% во БДП во 2014 година на 3,2%  во 2016 година, на 2,9% во 2017 година и на 2,6% во 2018 година. Оваа постепеност во намалувањето на дефицитот треба да остави впечаток дека „трошењето се става под контрола“. Се‘ би било во ред кога ваквата проекција би била прв чекор во консолидација на буџетската потрошувачка, како израз на денеска согледани негативни трендови во буџетската потрошувачка. Меѓутоа, не е така. Потребата за консолидација беше согледана уште во 2013 година кога беше утврдена Фискална стратегија на РМ (2014-2016), а за која и опозицијата и ММФ и Светската банка наголемо сугерираа. Според проекцијата во стратегијата, буџетскиот дефицит во 2014 година требаше да изнесува 3,5% од БДП, а се реализира со највисока стапка од 4,2%. Годинава требаше да се намали на 3,2%, меѓутоа, се проценува дека ќе изнесува 3,6%. Нема да се оствари ниту предвидувањето за намалување на буџетскиот дефицит во 2016 година на ниво од 2,6% од БДП, бидејќи со предлог буџетот за 2016 година се предвидува тој да се сведе на ниво од 3,2%. Ако и во новата проекција се‘ е „планирано“ како и во претходната, повеќе од сигурно е дека предвидувањата на нивото на буџетскот дефицит и на јавниот долг повторно да се изјаловат. Се чини дека посакуваниот буџетски дефицит од 2,6% останува недостижен. Сомневањата ги подгреваат податоците според кои во наредните три години државата треба да врати долгови од 1,1 милијарди евра, а за да го направи тоа ќе мора да се задолжи две милијарди евра. Повеќе од јасно е дека владата го изгуби „компасот“ и дека земјата веќе ја води во состојба на презадолженост која не може да остане без негативни последици врз идниот економски раст. Се обистини и дека јавниот долг, поради отплата на старите долгови, ќе расте побрзо од БДП и ќе води кон забавување на динамиката на растот. Со новата проекција за задолжување се влошува и степенот на задолженост на земјата. Јавниот долг на крајот на 2016 година ќе достигне 49,1% од БДП, во 2017 година ќе се искачи на 51,3%, а во 2018 година и на ниво од 52,4%. Многу пати досега сум укажал на фактот дека проблемот на задолженоста не е во висината на односот на долгот спрема БДП. Проблемот е во економските можности на земјата благовремено да ги сервисира обврските. Може да биде и повисок од наведените очекувани бројки, а да не биде проблем, ако девизните приливи по обем и динамика се такви што не изнудуваат задолжување за да се враќаат старите долгови, а задолжувањата да се користат за изведување на продуктивни капитални инвестиции, а не и за финансирање на тековна потрошувачка. Во тоа е македонскиот проблем, а се правиме како да не ни е јасно, бидејќи задолжувањето се става, пред се‘, во функција на изборна корупција од партиите на власт. Тоа се однесува и на новата фискална стратегија. Која е економската логика, во услови кога се декларира намалување на буџетскиот дефицит во стратегијата да се калкулираат и средства за пораст на пензиите, платите на администрацијата, надоместоците (кои ќе се финансираат со пораст на јавниот долг). Такви проекции со години правеа и Грците. Но, не може долго. Цехот од „лумпувањето“ (непроизводно трошење на позајмени, незаработени пари), кога-тогаш ќе мора да се плати. Задолжувањето е умно само ако се успее да се избегнат настаните кога ќе мора да се плаќа, а притоа да немаш ниту сопствени заштеди ниту пристап до поволни кредити. Да не забораваме дека цената на последната обврзница од 270 милиони евра е поскапа за над 25% од претходната. Кој знае колкава ќе биде каматата на наредната што се планира, бидејќи веќе се покрена бран на нивно зголемување на пазарите на капитал во светот. Веќе не смее да се потценува ниту неповолниот тренд на каматните плаќања на јавниот долг. Тие растат со неколкукратно повисока динамика од БДП. Во 2011, во однос на претходната година, се зголемија за 9%, а во 2012 година дури за 21% (не случајно, во оваа година и БДП беше помал за 0,5% во однос на претходната година). Во наредните две години плаќањата за камати, во однос на претходната година, растат за 10% годишно. Нема податоци колкав ќе биде годинешниот пораст на износот на камати што треба да им се платат на кредиторите. Меѓутоа, може да се изведе податок според кој каматните плаќања во 2014 година пораснале за 33% во однос на 2010 година и дека во 2014 година претставуваат 1% од БДП. Ова е, меѓу другото, и една од причините за незадоволителниот раст на земјата, кој се закатанчи околу 3% и покрај порастот на буџетскиот дефицит и на јавниот долг. Еден отсто изгледа малку, меѓутоа, тоа е половина од износот на странските директни инвестиции во земјата, за кои молиме и коленичиме како жеден во пустина. Ако на тоа се додаде и одливот на средства за отплата на главницата по основ на досегашните задолжувања од околу 2% од БДП тогаш сме на чекор до запаѓање во „должничко ропство“. Ситуацијата дополнително ќе се искомпликува доколу не се успее да се динамизира растот со повеќе од 3%. Во тој случај, во земјата ќе се работи само за сервисирање на ануитетите (главницата плус каматите). Во тие услови секој обид да се зголемат примањата во администрацијата ќе значи свесно туркање на земјата во амбис, затоа што истите ќе можат да се реализират само нови задолжувања. А, владата уште од сега почна да го реализира „финансискиот допинг“ кај дел од администрацијата. Како ќе се наближува датумот на изборрите очекувам дека користењето на овој прворен лек владата уште повеќе ќе го интензивира. Но тука, владата мора да биде свесна дека одговорноста за несовесното работење и злоупотреба на овластувањата ќе падне на нејзина сметка. Не смее да се крие зад одлуките на Собранието, бидејќи, и на врапците им е јасно, тоа е доминирано од извршната власт. А само таа е надлежна за трошењето на буџетските средства, но не и спротивно на принципите на економичност и одржлив развој на земјата. Трошењето по ќеф е можно  само со лични средства, а буџетските воопшто не се лични, а најмалку на владата. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ВАЖНО: Граѓани, проверете ја вашата даночна пријава за 2023 година

ВАЖНО: Граѓани, проверете ја вашата даночна пријава за 2023 година

АЗЕСКИ СЕ СРЕТНА СО МАЈК ЗАФИРОВСКИ: Потребно е запирање на сивата економија

АЗЕСКИ СЕ СРЕТНА СО МАЈК ЗАФИРОВСКИ: Потребно е запирање на сивата економија

„ДА СЕ КРАДЕ ОД БУЏЕТОТ 32 ГОДИНИ, НА НАМИЛОСРДЕН НАЧИН, И ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ...“: целиот разговор со Бранко Азески на „Бизнис муабети“

„ДА СЕ КРАДЕ ОД БУЏЕТОТ 32 ГОДИНИ, НА НАМИЛОСРДЕН НАЧИН, И ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ...“: целиот разговор со Бранко Азески на „Бизнис муабети“

„СО БРАНЕ И РИЛИНД НЕ СЕ ПЛАШЕВ ОД НИТУ ЕДНА БИТКА“ - средба на Тевдовски со некогашните соработници

„СО БРАНЕ И РИЛИНД НЕ СЕ ПЛАШЕВ ОД НИТУ ЕДНА БИТКА“ - средба на Тевдовски со некогашните соработници

„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа

„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа