Најостри мерки за тие што не ги почитуваат препораките за коронавирусот, па и за заразената директорка
Објавено во: Македонија 09 Март, 2020
Најостри мерки за непочитување на препораките и загрозување на јавното здравје на граѓаните, ќе има за сите .
-Таа сега е на лекување, практично ќе биде затворен целиот оддел а ќе бидат преземени мерки против сите за кои што ќе биде утврдено дека направиле нешто што го загрозува јавното здравје и тука јасно ја упатувам таа порака дека сите препораки кои што ние ги дадовме, ги предложивме, Владата ги усвои и понатаму ги предложи како одлука на Влада, мерки со кои што сме во предност во целиот регион, ние тоа го направивме многу, многу рано, апелиравме за немање масовни јавни собири на кои се очекуваат гости од странство, автоизолација после доаѓање од ризичните региони, добро спроведување на веќе препорачаната мерка со здравствен надзор и самоизолација, рече министерот Филипче запрашан дали ќе се преземат некакви мерки против Директорката за која јавноста денеска е информирана дека е позитивна на коронавирусот по враќањето од Италија пред неколку дена.
Филипче кажа дека секаде каде ќе биде виден прекршок, ќе преземат најостри мерки на санкционирање.
-Во однос на конкретниот случај и со оглед на тоа што сега новозаразената ќе биде хоспитализирана, сите други ќе бидат во домашна изолација, и колеги и колешки, вработени и пациенти на таа клиника , морам да кажам дека сум максимално разочаран, посочи министерот Филипче.