26 Април, 2024
0.0266

Најчевска: Не очекувам спектакуларни промени за СЈО, партиите сакаат марионети

Објавено во: Анализа 27 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Падот на Катица Јанева како прв специјален обвинител само делуваше како катализатор за соочување со неизбежното, наоѓање финално решение за статусот на СЈО, како истото ќе продолжи да работи, во која форма и капацитет. Случајот „Рекет“ создаде огромна рана на правосудството, па така постојат сомнежи дека повторно политичките партии ќе донесат решение кое ќе се базира на политички спреги, наместо вистинска реформа на обвинителството. Со професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања анализираме дали притисокот од јавноста ќе биде клучен за расчистување со „рекетарите“, како и за тоа кое решение во пресрет на испраќање на Законот за јавно обвинителство во Собранието ќе биде најдобро за менување на правосудните институции како решителни борци со корупцијата, организираниот криминал и неказнивоста. Политичките партии од власта и опозицијата не постигнаа компромис и по пет месеци на преговори на работните групи, па така законот ќе се „пегла“ со амандмани и лов на двотретинско мнозинство.

Фактор: За прв пат (специјален) јавен обвинител како челник на институција се најде во притвор. Дали спроведувањето на Катица Јанева е прв показател дека правниот систем може да функционира без оглед кој ќе биде сместен на обвинителна клупа?

Најчевска: Од една страна ова може да се перцепира како позитивен знак дека системот функционира и дека никој не е неказнив, меѓутоа од друга страна е поразително, ако се има предвид зошто беше воопшто избран СЈО и која беше и е неговата надлежност. Ова зборува за многу лоша кадровска политика, за правење компромиси за работи кои не трпат компромиси и за отсуство на разбирање колку е важен човечкиот фактoр кога станува збор за справување со високиот криминал на луѓе кои биле или се уште се на високи позиции во власта или пак имаат моќ која произлегува од нивниот статус во заедницата.

Фактор: Обвинителката Вилма Рускоска при одржување на прес конференцијата побара истрагата да не се претвори во „риалити шоу“, па колку притисокот на јавноста, ангажираноста на граѓаните, па дури и политичките калкулации ќе влијаат врз процесот „Рекет“?

Најчевска: Во едни други и поинакви услови можеби и би се согласила со обвинителката Рускоска, меѓутоа, во ситуација кога постои очигледна спрега во правосудниот систем за прикривање на прекршувањата на законите од страна на високи функционери (поранешни и сегашни), сметам дека влијанието на јавноста не е само пожелно туку и неопходно.

Фактор: Повторно се доведува во неизвесност опстанокот и иднината на СЈО. Решението ќе зависи и овој пат од волјата на политичките партии кои треба да обезбедат двотретинско мнозинство во Собранието. Тука нема голем простор за надворешна дебата и предлози, па што очекувате да донесе овој неизвесен процес на правосудни реформи?

Најчевска: Лично мислам дека новите решенија треба постепено да отворат врата за институционален наместо партиско-политички одговор на ваквите проблеми. Ингеренциите треба постепено да се враќаат во институциите, а вмешувањето на партиите да биде во доменот на определување што е можно поквалитетен и понезависен кадар.  Имајки го во предвид досегашното искуство, не очекувам спектакуларни промени, и, не мислам дека партиите созреале до ниво да ја разберат неопходноста од постоење вистински контролни механизми на власта, а не марионетски структури кои треба да создадат привид на контрола.


Х.С.