На ќерка ми три пати и наредиле да влезе во автомобилот - кои се двајцата што го вознемирија семејството на пратеникот
Објавено во: Македонија 13 Декември, 2019
Три пати со остар глас и наредиле да влезе во автомобилот. Девојчето се вознемирило и почнало да писка, по што за среќа, дошол нејзин роднина, од кого тие се исплашиле и побегнале.
Вака пратеникот Сашко Костов од СДСМ за Фактор раскажува што всушност се случило пред два дена, кога двајца осумнаесетгодишници се обиделе неговото седумгодишно девојче да го натераат да влезе во нивното возило.
Кога Фактор првично утрово разговараше со Костов, тој најави дека официјално преку прес конференција ќе се обрати во Собранието, но потоа одлучи да не го стори тоа, туку да почека што ќе покаже истрагата.
„Настанот се случил пред два дена, кога возило со странски регистарски таблички, возејќи претходно со голема брзина, застанало на тротоарот веднаш со мојата седумгодишна ќерка. Тие со остар и силен глас три пати и наредиле да влезе во возилото. Таа се вознемирила и почнала да писка. Но, за среќа тука поминал мојот вујко и им наредил да заминат, по што тие избегале“, раскажува Костов.
Дали станува збор за некаква политичка пресметка, или можеби за деловни притисоци, тој не сака да зборува, се додека не разбере кои се луѓето што тоа го направиле, и кои биле нивните мотиви.
„Не знам кои се тие луѓе. Треба прво да научам кои се луѓето, па потоа ќе можам да коментирам“, вели Костов.
Од соопштението од полицијата може да се види дека ова дело го направиле едвај полнолетни лица. Тие биле приведени во текот на вчерашниот ден.
„Контастирано е дека 18 годишните М.Ѓ. и И.Ј. со патничко возило БМВ, управувано од МЃ се движеле низ улиците во градот и вознимирувале граѓани. Лицата се приведени во Полициска станица-Кочани, а за случајот е известен Јавен обвинител“, соопшти полицијата.
Костов досега има работено и како обвинител, народен правобранител, адвокат и во админстрација. Досега немал никакви закани.
Семејството, како што вели пратеникот, е вознемирено. Тој нагласува дека ништо не е како порано, а неговите три деца, од страв ноќта спиеле во ист кревет.