14 Мај, 2024
0.0283

МЖ ТРАНСПОРТ, МЕР, ОХРИД, ТЕТОВО, ГОБ 8 СЕПТЕМВРИ... - нема ли „чаре“ за државните должници

Објавено во: Економија 19 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Повторно расте долгот на државните борчлии, каде што влегуваат општините, нивните јавни претпријатија, трговските друштва кои се основани од државата, министерствата, јавните здравствени установи, како и на другите буџетски корисниции. 

Според најновиот извештај на Министерството за финансии, вкупно 1.030 државни должници, на крајот на првото тримесечје од годинава должеле близу 276 милиони евра.

Или, за три месеци, нивниот долг се зголемил за околу 4 милиони евра. 

Ако се погледнат бројките кои институции по групи најмногу должат, може да се забележи дека на прво место се јавните претпријатија и трговските друштва што се основани од државата, чии вкупни неплагени обврски тежат дури 112 милиони евра. Или, само за три месеци, нивниот долг е зголемен за 15 милиони евра, а негов раст можеше да се забележи и во претходниот период.

Општините на крајот на март годинава должеле 55 милиони евра, што е прибложно исто ниво како и на крајот на минатата година, што значи дека кај нив нема некоја позначајна промена. 

Локалните претпријатија што се основани од општините имаат заеднички борч од 45 милиони евра, и кај нив всушност се забележува позначајно намалување во однос на претходниот квартал. 

А она што загрижува, е колку всуност должат јавните здравствени установи во земјава. Нивните достасани, а неплатени обврски на крајот на март годинава, биле на ниво од дури 46 милиони евра. 

Кои се топ десетте државни должници во негативна смисла, Фактор анализира според извештајот на Финансии.

Неприкосновен лидер и натаму останува државната компанија „Македонски железници“ Транспорт Скопје, чии долг не само што не се намалува со текот на времето, туку постојано оди и нагоре, па сега тежи 58 милиони евра, или, има нов раст од 4 милиони евра. Ова акционерско друштво уште од стартот на објавувањето е прво на листата на државни борчлии.

Овој пат на второто неславно место изби АД Национални енергетски ресурси, со долг од близу 22 милиони евра. Зошто за само три месеци долгот на оваа државна компанија за вршење на енергетски дејности пораснал за дури 10 милиони евра, засега не е познато. 

Трето изби Јавното претпријатие Колекторски систем Скопје, со долг од 11 милиони евра, а Јавното претпријатие, пак, МЖ Инфраструктура, е на четврто место и има доспеани а неплатени обврски од 10,6 милиони евра.

Петто по висина на долг е ЈП Водовод Куманово со долг од 8 милиони евра, и има раст на долгот од околу 800 илјади евра за три месеци. 

Шестата и седмата позиција на листата на државни должници се резервирани за две општини кои долги години мака мачат со долговите и постојано се на списокот на топ десет државни борчлии. Тоа се општините Охрид и Тетово, кои на крајот на март должат по околу 7,4 милиони евра, слично како и три месеци претходно. То се огромни пари долг, а што следува откако претходно тој претходно беше преполовен, благодарение на владината помош од 50 милиони евра пред една година. Но, кога Владата им даде буџетски пари на општините за покривање на долговите, идејата не беше дека тие потоа пак ќе треба да го зголемат својот должнички товар.

На осмо место е ЈП Македонска радиотелевизија, со долг од 7,2 милиони евра, што е повторно раст на борчот на јавниот сервис. 

Градската општа болница 8 Септември, каде што сега се лекуваат пациенти болни од коронавирусот, е на деветтата позиција, со долг од 5,4 милиони евра, што е раст за околу 700 илјади евра во однос на претходниот квартал.

И десетти на листата неславни должници е општина Карпош, со борч од околу 5,1 милиони евра, слично како и претходниот квартал.

Следуваат уште голем број здравствени установи, општини, министерства и јавни претпријатија. 

Неплатените долгови на државните институции долго време беа тајна, а прв почна да ги објавува поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски. Тогаш бројките покажаа дека заклучно со мај 2017 година државните институции вкупно должеле 363 милиони евра. Таа сума сега е намалена, но не како што се очекуваше.

За многу од овие институции државата уште не најде начин како нивните раководни лица правилно да менаџираат со парите, за да не се доведуваат во ситуација да им стасуваат за плаќање силни обврски, а тие да не можат да си ги подмират. Владата, пред да се распушти парламентот, се обиде да истурка закон со кој би им се отпишале каматите и би им се репрограмирале долговите и трошоците на јавните претпријатија кои се основани од општините. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кои се „господарите“ на рентата во Македонија за 2023?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кои се „господарите“ на рентата во Македонија за 2023?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кој направи преку 30 милиони евра добивка од изградба на станови лани?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кој направи преку 30 милиони евра добивка од изградба на станови лани?

КИНА ЈА ЗАБРЗУВА ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ПРОИЗВОДСТВЕНИОТ СЕКТОР - придобивки за компаниите и намалени трошоци

КИНА ЈА ЗАБРЗУВА ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ПРОИЗВОДСТВЕНИОТ СЕКТОР - придобивки за компаниите и намалени трошоци

„ЦРВЕНОТО ЗЛАТО“ РЕЧИСИ КАКО ЖОЛТОТО: Цената на малините руши рекорди, ниту кајсиите не се многу подобри

„ЦРВЕНОТО ЗЛАТО“ РЕЧИСИ КАКО ЖОЛТОТО: Цената на малините руши рекорди, ниту кајсиите не се многу подобри

ВАКА ММФ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ ДО 2026 ГОДИНА: Каде оди глобалната инфлација?

ВАКА ММФ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ ДО 2026 ГОДИНА: Каде оди глобалната инфлација?

ДАЛИ ЕВРОПА Е ПРЕМНОГУ ЗАВИСНА ОД ЕДНА КОМПАНИЈА? Еве колкава моќ има таа

ДАЛИ ЕВРОПА Е ПРЕМНОГУ ЗАВИСНА ОД ЕДНА КОМПАНИЈА? Еве колкава моќ има таа

СУДБОНОСНА ОДЛУКА НА ВАШИНГТОН: Денеска започнува големиот конфликт меѓу САД и Кина, како ова ќе се одрази на светот?!

СУДБОНОСНА ОДЛУКА НА ВАШИНГТОН: Денеска започнува големиот конфликт меѓу САД и Кина, како ова ќе се одрази на светот?!

НЕ Е САМО БАЛКАНОТ: И Италија ја губи својата работна сила

НЕ Е САМО БАЛКАНОТ: И Италија ја губи својата работна сила

ММФ: Словенија наскоро ќе ја престигне Италија и ќе се доближи до Франција

ММФ: Словенија наскоро ќе ја престигне Италија и ќе се доближи до Франција