Москва е против формирање на косовска армија
Објавено во: Балкан 05 Април, 2017
Москва e со став дека иницијативата за формирање вооружени сили на Косово е неодговорна од аспект на безбедноста во регионот и спротивна на постоечките договори, како и на резолуцијата 1244.
Ова го изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
„Се осврнавме на зборовите на американскиот амбасадор во Приштина, Грег Делави за поддршката на Вашингтон на иницијативата за формирање вооружени сили на самопрогласената Република Косово со услов дека тоа ќе се случи преку усвојување амандман на косовскиот устав. Идејата за транформација на Безбедносните сили на Косово во полноправни вооружени сили властите во Приштина ја туркаат со години. Се прават обиди тоа да се стори во псевдоправен контекст“ - стои во коментарот на Захарова, кој денеска го пренесува Спутник.
Таа додава дека според Москва тоа прашање има сосема поинаква смисла.
Според нив, клучно е тоа што овие акции сами по себе се кршење на меѓународното право, затоа што се спротивни на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244, која предвидува воено присуство во покраината, исклучиво врз основа на мандат на СБ на ОН, односно ЕУЛЕКС и КФОР, кое во најголем дел е составено од контингенти на земји-членки на НАТО. Се смета дека овој чекор е сосема неодговорен од аспект на безбедноста во регионот и на европскиот континент во целина.
„Појавата на нова воена компонента на Балканот, како што се „Вооружените сили на Косово“ би била во спротивност со Фирентинската спогодба (член 4, Анекс АБ од Дејтонскиот договор за БиХ, кој се наоѓа во рамки на усвоената резолуција на СБ на ОН 1031), со која треба да се одржува регионалната стабилност со помош на ОБСЕ. Се испостави дека на територијата на една од учесничките во Фирентинската спогодба, Србија, се појавила воена струтура, која не е под контрола на земјата“ - вели Захарова.
И властите во Србија први се изјаснија дека Косово не може да формира армија.За косовската армија, косовскиот претседател, Хашим Тачи изрази увереност дека тоа ќе стане реалност и дека косовската армија ќе ја краси мултиетничноста.