04 Мај, 2024
0.0276

Многу проекти, малку политика

Објавено во: Колумни 26 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Овие, еве скоро десет години, се изнаслушавме на терминот „проекти“. Проекти вакви, проекти онакви, проекти за ова, проекти за она...сè саде проекти. Да бидам искрен, тој поим мене отсекогаш ми бил прилично одбивен. Сите сфери од општественото живеење се упатени на работа на проекти. Проекти во образованието, проекти во здравството, проекти во науката – сите сме гонети на некакви проекти! Што по ѓаволите е тоа проект, какви проекти? Па мене животот ми е проект, целата моја творечка, наставна, научна, но и животна активност е еден, единствен и голем проект. Истражување, макар и колку краткорочно и мало било не може да е проект, тоа е дел од мене, од она што сум јас. Пишувањето книга, макар сум ја завршил и за месец, не е проект, тоа е само едно поглавје од едната и единствена книга што ја пишувам цел живот. Затоа во денешново општество генерално нема напредок – оти сите трчаат по проекти, од проекти не ја гледаат ниту сопствената цел, ниту целта на заедницата. Од еден проект, на друг, од една област во друга...што ти е гајле, сè додека функционира, сè додека има пари и сè додека создава привид дека нешто навистина се работи. Но, ајде да не одиме во сферата на такви метафизички спекулации, ами да се обидеме овој концепт да го ставиме општествено-политичко рамниште.

Прво, ајде да видиме што е тој фамозен проект? Во секој посериозен речник ќе најдете ваква, или слична дефиниција: „проект е временски одредена активност, со цел да се создаде одреден производ, услуга или резултат.“ И веќе од тука ни е јасно зошто овие денес толку ги љубат проектите! Ете, таа „временски ограничена“ активност им трае веќе десет години! Десет години нè маслосуваат со некакви проекти, затоа што во принцип не знаат каде одат! Појма немаат! А ние десет лета ве прашуваме Quo vadis? а вие поим немате ниту што ве прашуваме! Каде врвите море! Каде сте кинисале, тоа е суштинското прашање, а не проектите! Државата не е фирма, не е А.Д., не е локално гранапче!Quo vadis? – не бадијала му го поставил Ристе на Петрета кога овој бегал од Рим да не го разапнат, а со тоа впрочем му порачал – каде ќе бегаш море Петре, врати се во Рим, макар и да те разапнат, оти целта, смислатае важна, поважна од самиот живот. Живот без смисла, живот ли е? Каде одиш? – тоа е прашање на кое и секоја личност и секое општество мора да си одговори! Ако и ова не го разбирате, еве наместо на ова религиозно, да ви појаснам на научно рамниште.

Проект (или на вашиот омилен – пwоект), е краткорочна активност. Дури и во литературата се прави разлика меѓу проект и „операција“ на пример. При што не само што операција е подолгорочна активност, туку и далеку посуштинска од проектот, оти е репетитивна и во функција на долгорочното одржување на компанијата, фирмата, државата, ако сакате. Проектот ја исполнува задачата и завршува, а операцијата го поддржува и одржува работењето долгорочно, иако целите можеби во текот на таа работа се менуваат. Ете, гледате како вие не сте ниту на рамниште на операција, а камо ли на рамниште на едно такво метафизичко прашање - Quo vadis? Ја исполнувате задачата на проектот и...и тука завршува сè, крај, одите на нов проект и на нов и на нов...и така во недоглед. А во меѓувреме се чудите како не ви тргнало, зошто и покрај толку проекти никако да ви тргне ниту вам ниту на државата. Па од толку многу проекти! Како не гледате дека се мотате во круг. Нè мавтосувате, се мавтосувате така со години.

Ако сакате да конретизирам, наместо Quo vadis, би ве прашал – која е вашата политика? Наместо проекти во образованието - која ви е образовната политика, наместо проекти во здравството - која ви е здравствената политика, наместо субвенции, донации, корупции....која ви е земјоделската политика, социјалната политика....Немате! Затоа и сте „ко муви без глави“ – денеска една одлука, утре друга, денеска високи казни, утре ги намалувате, денеска екстерно, утре нема екстерно, затоа денеска еден закон, утре друг, денеска една бесмислена одлука, утре друга...уште побесмислена.

Еве уште поблиску да илустрирам. Славниот ви Кембриџ на пример, кој се разбира, го направивте како „проект“ – едноставно ги преведовте учебниците и им ги тутнавте на наставниците да работат по нив. Видете, учебниците Кембриџ не можат да бидат проект – превод, туку цел сет на образовни мерки во образованието. Така, тој Кембриџ подразбира: курикулум за трите клучни области:Math, Science, English; тие области се развиваат со соодветен Classroomsupport; реализацијата исто така подразбира интегрален систем на оценување - Integrated assessment; сето тоа бара соодветна вклопеност во интересите на образовната заедница – Educationalcommunity...И сето тоа во еден поширок образовен контекст, кој треба да спроведе одредена образовна политика!На пример, учат јазик (англиски), врамен во поширока рамка базирана на Council of Europe’s Common European Framework of Reference for Languages (CEFR), која е светски прифатена рамка за напредокот во англискиот јазик. И т.н. и т.н.

Значи, во заклучок - не може да земете едно парче од некаде по белиот свет да го засадите во нашата почва, да го наречете „проект“ и да речете дека тоа е реформа за подобрување, во случајов на образованието. Затоа што не разбирате политика, а правите проекти, затоа ви се раѓаат карикатури. Имате Кебриџ во основното образование „по Британски“ и тестови и на учениците и на наставниците „по Балкански“.  Во резултат добивате Квазимодо! Затоа што исто така на пример, не знаете дека во Британија учениците не се тестираат! Да, не ги тестираат тие сиротки мали главчиња еднаш неделно на разно-разни тестови, по разно-разни предмети, не носат дома тројки, двојки, единици, ниту петки! Се разбира наставниците имаат „суптилни“ методи за проценка на нивниот напредок, но не и „официјално“ малтертирање секоја недела. Единствено „официјално“ тестирање за проценка на нивото на напредок се т.н. SATS тестови (Standard Assessment Tests), кои се прават во 2, 6 и 9 - та година. Значи само 3 (три!!!) официјални „екстерни“ тестирања! И сето тоа, драги мои е врамено во еден поширок општествен контекст и сеошшта цел за градење и промовирање на околина на „социјална правда“ (promoting an environment of social justice), како една од најважните и најпосакувани вредности во британското општество. Значи – политика! Образовните „проекти“ им се врамени во образовна политика, а истата во една поширока општествена политика!

Аман од вашите пwоекти, пwоекти, пwоекти...Вие од дрвјата не ја гледате шумата! Впрочем, убеден сум дека немате ниту очи, ниту ум за политика!

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина