05 Мај, 2024
0.0453

Минчо Јорданов: Со македонското вино го погодивме вкусот на Кинезите

Објавено во: Економија 19 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Македонското вино е еден од потенцијално најдобрите производи кои оваа земја може да го пласира на светскиот пазар со уникатен бренд и препознатливост. Македонското поднебје е идеално за развој на лозарството и производството на вино, па затоа го земаме примерот на винаријата Стоби која постигна одличен пробив на кинескиот пазар. Успехот на една компанија треба да се земе и како водилка за примена на квалитетна бизнис стратегија и инспирација. Затоа разговаравме со бизнисменот Минчо Јорданов, основачот на винаријата Стоби кој ни откри повеќе детали за успехот на кинескиот пазар и што се е потребно за етаблирање на мекедонското вино и поголем развој на винската култура во Македонија. Може ли македонското вино да го заземе своето место на пиедесталот во светски рамки и што е потребно за таков поголем исчекор?

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Фактор: Македонците се горди на своето вино и надалеку прочуениот квалитет. Некогашните врвни рангирања на француското, шпанското и италијанското вино се повеќе се менуваат бидејќи голем пробив се бележи од земји како Чиле, Нов Зеланд, САД. Како се вклопува тука македонското вино кое треба да расте како препознатлив производ?

Јорданов: Во светот има една состојба која трае со години каде луѓето кои сакаат квалитетно вино мислат дека тоа мора да доаѓа токму од тие класични земји, но во поново време има една силна тенденција која покажува дека не само новите земји кои ги спомнавте туку и дека Македонија има што да понуди со врвен квалитет. Виното кое што е наречено божји напиток не е како останатите алкохоли, има своја карактеристика и терорарот односно просторот на кое се произведува виното е исто така многу важен. На пример Вранецот од Македонија е навистина уникатен и многу се разликува од останатите земји што е наша огромна предност и таквите тенденции ги користиме во винаријата Стоби. Македонскиот теороар, нашата клима, сончевиот регион на Стоби, на Градско има продор на јужни топли и северни ладни ветрови што на виното му даваат посебен карактер, и врз тоа се базира нашата многу брза експанзија. Тоа го погодува вкусот на љубителите на вино во многу земји.

Фактор: Кина е еден од најбрзорастечките економски пазари кој секој би посакал да го освои. Како на Стоби тоа му успева, што беше клучно за да го направите пробивот и да се пласирате кај кинеските купувачи?

Јорданов: Ние во Кина работиме со партнер кој од самиот почеток не посети повеќе пати, го виде Тиквешкиот регион, ги разбра карактеристиките на нашиот регион, технолошките способности и знаења. Кина по многу параметри е најбрзорастечка земја вклучително и со животниот стандард. Ние направивме една широка акција во Кина со силни презентации за да ги објасниме сите атрибути на виното кое го нудиме. Вината на Стоби се произведуваат од најубавото грозје од нашето поднебје, исклучиво од сопствени лозови насади-што овозможува потполна нонтрола на производствениот процес, а со тоа и на квалитетот на произведеното вино. Кинезите пијат најмногу црвено вино и се запознаени со позитивните својста на антиоксидансот ресвератрол кој е многу корисен за здравјето. Ние нашето црвено вино им го приближивме и го прилагодивме на вкусот на кинеските купувачи и затоа успехот е на тоа ниво.

Фактор: Кажете ни нешто повеќе за вашето искуство при бизнис посетата на Кина. Со каков вид на култура се соочивте, колку е тешко да се воспостави контакт, а потоа и договор за соработка. Што е предност на една македонска компанија како Стоби и кои карактеристики ги препознаа кинеските партнери?

Јорданов: Јас сум долго во бизнисот и постои огромна разлика од тоа што сум го гледал во 90-тите години, сегашната Кина не може воопшто да се спореди колку е земјата напредната и во многу области подобра од Европа и САД. Движењето таму е многу лесно иако станува збор за огромни далечени бидејќи инфраструктурата рапидно се развива. Нашите вина освен преку вообичаените канали на продажба се достапни и електронски преку модерните технологии со нарачка преку интернет или мобилни апликации, а доставата е преку пошта, па така за нив илјадници километри не претставуваат ништо и тоа го искористивме. Кинескиот народ станува се посреќен и побогат и знаат да уживаат, виното е составен дел од едно пријатно доживување без оглед дали се консумира дома или во убави ресторани.

Фактор: Какви се навиките на кинеските конзументи, дали знаат да препознаат добро вино и колку им значи тоа што е чист македонски бренд, може ли преку бројки да ни опишете за нивниот интерес?

Јорданов: За кратко време, за околу три години, почнувајќи баш од нула, преку презентации и запознавање со нашите предности, па се до директната продажба успеавме да пласираме 1 милиони шишиња вино за три години вкупно. Тоа се должи на еден исклучителен концепт создаден со нашиот партнер „Стоби Шенжен интернешнл вајн“ кој покажа одлична соработка со нашиот менаџмент и веќе имаме 5 многу успешни продавници во Кина со брендот на Стоби каде се продава само македонско вино, односно вино на Стоби. Во овој регион кој сега сме присутни на шега велиме дека се „мали“ градови кои имаат по најмалку 5-6 милиони жители, па се до 20 милиони жители. Нашите перспективи се да отвориме продавници во сите големи кинески градови како Пекинг, Шангај со што ќе имаме пазар од околу 900 милиони корисници бидејќи во градските средини живеат две третини од вкупното кинеско население. Ќе продолжиме со презентации и гарантирање на квалитетот на нашето вино на кинескиот пазар.

Фактор: Како успехот на Стоби се рефлектира врз македонското лозарство и винската индустрија, но и воопшто за економијата. Дали гледате нови перспективи, се очекува ли сега од вас поголемо лидерство на тоа поле?

Јорданов: Секој поединечен успех на Стоби позитивно се рефлектира и на останатите македонски компании. Ние пред се сме присутни како Асоцијација на вина од Македонија на големиот изложбен салон во Шангај каде се претставени сите вина. Секоја афирмација на Стоби значи и афирмација на Македонија, а придонесува и во шансите за успех на другите партнери, како и на останатите винарии, но и на останатите гранки да оствaрат контакти и да добијат шанси за соработка, не само во винарството туку и во други области, па и можност од Кина да дојдат компании кај нас.

Фактор: Се развива ли винската култура во Македонија со динамика како во одредени земји од регионот каде статистиките покажуваат на зголемена консумација на квалитетно вино. Што треба да се преземе за поттикнување на македонските консументи?

Јорданов: Постои кај нас тренд на раст, но за жал,  не е на задоволително ниво - не е во рамки на тоа што ние го очекуваме. Потрошувачката е релативно скромна, мислам дека е од 8-10 литри по глава на жител, додека во земји со развиена винска култура како Италија, Франција, Германија и други е близу 45 литри годишно по глава на жител. Една од причините за оваа состојба е што во Македонија сеуште се троши многу ракија, но и во официјалните статистики не влегуваат бројките од произведеното вино во домашни услови. Нашиот пристап во Кина е многу сличен и во поблискиот регион- пазарите на некогашна Југославија Србија, Хрватска и останатите бидејќи ги применуваме истите методи на промоција со дегустација на вино, на македонска традиционална храна, македонска музика и афирмираме се што ја подобрува можноста за пробив на пазарот. Ние и во Македонија направивме такви презентации кои треба да доведат до поголема свесност за квалитетот на вината и потрошувачка. Можеби некој ќе се изненади, но мое мислење е дека за одредени квалитетни вина имаме општо високи цени што можеби ги одвратуваат македонските потрошувачи. Во Македонија и во поширокиот Балкански регион за релативно кратко време стигнавме до продажба од над 2 милиони шишиња вино годишно. Додека пак, останатите извозни пазари носат продажба од уште 1,5 милиони шишиња, што може да се подобрува, но за тоа секако треба да се зголеми капацитетот на винаријата.

Фактор: Сметате ли дека винскиот туризам во Македонија има уште простор за напредување, како за домашните така и за странските гости и што во понудата може да се подобри или иновира?

Јорданов: Винскиот туризам е на почетоците и според мене има голема перспектива. Треба да се искомбинира исклучителната убавина на Македонија која на само 200 километри има тотално различен пејсаж со десетина типа на природна убавина, реки, езера, планини. Тоа во комбинација со виските тури во винаријата Стоби, со античкиот град Стоби со изненадувачките содржини за туристите од антиката е одлична можност. Доста голем придонес за развој на винскиот туризам особено во земјите од новиот свет кој ги спомнавте се должи на помош од страна на државата. Кај нас тоа е во почетна фаза, но потребна е поголема соработка за да имаме повеќе туристи во Македонија бидејќи има огромна перспектива. Гостите сакаат да видат и природна убавина и еколошки чиста средина во комбинација со квалитетно вино и храна се разбира.

Фактор: Како ја оценувате бизнис климата во Македонија, очекувате ли подобрување на состојбите, што според вас како долгогодишен бизнисмен е неопходно за да имаме успешна економска приказна во домашни рамки, како и поголем пробив на македонските компании на интернационалните пазари од што бенефит би имале сите?

Јорданов: Веќе не станува збор за очекувања, време е да започнеме да работиме со акциони планови со точно утврдени рокови, ние сме во фаза кога треба да работиме енергично во повеќе области. Економистите утврдиле дека инвестициите во инфраструктурата на долг рок ја подобруваат конкурентноста на домашните компании и стопанството. Треба интезивно даги развиваме патиштата, железницата, авионскиот сообраќај. На пример железничкиот сообраќај е доста скап, од Куманово до Скопје е 4-5 евра, од Скопје до грчка граница е 7 евра што придонесува и камионскиот превоз да биде скап. Имаме скапи енергенси, 30% од електричната енергија ја увезуваме и тоа придонесува за поскапо производство што го отежнува извозот. Има недостатоци и во финасискиот пазар, парите за обртни средства се многу скапи што го отежнуваат производството. Доколку овие категории ги подобриме ние би имале за 30% поевтино произвoдство со што би биле повеќе конкурентни, како на домашниот пазар така во регионот и многу пошироко.

Фактор: Се повеќе инвеститори во Македонија пројавија интерес за отворање на винарии, дел од нив функционираат и на микро локално ниво, дел имаат и поголеми амбиции. Дали со винарските здруженија работите на остварување на зацртаните цели и дали се засилува компетитивноста?

Јорданов: Ние сме основачи и членки на Асоцијацијата Вина на Македонија преку која ги застапуваме нашите заложби, меѓу кои поставување на Македонија на светската винска мапа. За жал продолжува интересот на некои инвеститори да отвораат винарии за производство на наливно вино што влече корени уште од социјализмот, како и од повеќе винарии кои се приватизираа на еден несоодветен или сомнителен начин. Тоа не е перспектива бидејќи го нарушува угледот, па и цената на останатите винарии кои имаат конкретни производи со висок квалитет. Еве ќе ви посочам еден пример, експерти за вино од Европа ми имаат кажано дека ако македонското вино како Вранецот го ставиме во француска или италијанска амбалажа би го продале пет пати поскапо. Затоа многу енергија и време  потрошивме да го докажеме нашиот квалитет, да докаже дека македонското вино има врвни карактеристики и не е само наливното и евтино вино од Македонија. Тешко се враќаме на пазарите од регионот и Европа, а реално вложуваме многу труд и секако инвестираме во промоции. Конкуренцијата кај винското производство не е меѓу малите и големите винарии, туку постојано да се одржи квалитетот и да нема компромиси.

Фактор: Како Стоби ја развива општествената одговорност во Македонија, дали има подготвеност за поголема поддршка на заедницата и што се очекува од вас како етаблиран бренд, но и од вас лично како познат бизнисмен?

Јорданов: Општествената одговорност на Стоби, но и сите компании кои се во моја сопственост како и на мене лично се покажува со тоа што сакаме да нудиме помош и поддршка во многу области, од спортот до различни општествени манифестации и проекти. Треба да ги афирмираме луѓето кои ја помагаат заедницата со своите позитивни примери.Ние имаме позитивен став за општестената одговорност и ќе продолжиме како и досега.

Можеби ќе ве интересира

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години