18 Мај, 2024
0.0280

Менаџери професионалци или послушници?

Објавено во: Колумни 07 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Во нашата земја за жал ,,тазе испилени,, ,биднаа директори, менаџери, лица на многу одговорни позиции. А кога ќе му дадеш овластување, моќ, власт на дете, тоа е погубна состојба, оти детето прво треба да порасне, да созрее, а потоа да научи и да се справува со проблемите и со најразличните ситуации. А ако тоа дете има и недостаток на домашно воспитување, и нема систем на вредности, тогаш мали се изгледите институција која ја води да има добри резултати. Тоа се најчесто ,,нечии,, деца кои ги наместиле да управуваат, кои ќе бидат послушни, и ќе работат во интерес на тие кои ги поставиле. А токму брзото стекнување на многу големо богатство на сомнителен начин, е и причина да не се вработуваат менаџери-професионалци, кои ќе работат на развој, и додавање нова вредност на компанијата, туку послушници, “нивни луѓе”. И како некој таков послушник, поставен на некоја позиција, да биде личност која ќе биде почитувана, која креира доверба, и ќе ги мотивира останатите во компанијата. Како некој таков може да ви биде партнер и со него да комуницирате, кога таа личност прескокнала повеќе степени на развој. Ќе ви кажам еден позитивен пример како работат подготвени менаџери со одредена компанија во Македонија. Таков е примерот со еден наш спортски центар, каде сопственикот наместо да го даде бизнисот да му го води некој братучед, внук или некој друг близок кој и нема потенцијал за тоа, прави договор со група претприемачи за стратегиско менаџирање на објектот. Тие му ветуваат раст на приходите за 20%, а она што го бараат е, ако тоа успеат да го постигнат да добијат мал сопственички удел. Дури и се обврзуваат ако евентуално не успеат во тоа, финансиски да го надоместат она што не било остварено. Ќе се сложите тоа е win-win ситуација, каде сите добиваат. На сопственикот му расте вредноста на компанијата, а претприемачите добиваат учество во сопствеништво. Ова е тренд кој се случува во светот, каде компаниите не се управувани од деца, внуци кои за тоа немаат потенцијал, иако постојат и исклучоци. Доколку се анализира тонот и нивото на деловна комуникација во Македонија, независно дали е тоа на хоризонтално ниво, или пак вертикално, на претпоставени со подредени, дефинитивно може да се заклучи дека е на ниско ниво. Не постои толеранција, разум, почит, основна култура, а случајно поставените менаџери управуваат со критика, повишен тон, закани и заплашувања. Тоа не е случај со вистинските претприемачи кои знаат што значат поими како одговорност, карактер, доблест, хуманост, мотивираност. Тие се трудат максимално да ги мотивираат своите вработени, да ги поттикнат да се чувствуваат како да работат за себе, а не за некој друг. Работат на интерен ПР, на зближување, на сплотеност и поддршка, бидејќи знаат дека само така еден систем може да се развива, а дека секоја единка од тој систем е важна. Знаат дека кога на некој ќе му се покаже почит, дека тој ќе врати повеќекратно. Токму тоа го знаат вистинските менаџери, и затоа негуваат однос на взаемна почит. Една од најважните работи во бизнисот е вештината на комуникација. Само оној кој ќе ја совлада заслужува одговорна раководна позиција. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе