Масовна гробница откриена кај Приједор во БиХ
Објавено во: Балкан 21 Септември, 2017
Кај градот Приједор, во централниот дел на Босна и Херцеговина, е откриена нова масовна гробница од времето на Војната во БиХ во 90-те години на минатиот век.
Таа е лоцирана во месноста Коричанске Стијене во близната на Приједор.
Гробницата е пронајдена на дното на еден амбис и била прекриена со големо количество камења.
Ова го соопшти денеска портпаролката на босанскиот Институт за исчезнати лица, Лејла Ченгиќ.
Таа кажа дека во гробницата се пронајдени вкупно 137 парчиња од коски, вклучително и 86 черепи.
„Тоа укажува дека во гробницата била закопани најмалку 86 лица“-изјави Ченгиќ.
На ова подрачје на 21 август 1992 година, силите на босанските Срби егзекутираа над 200 мажи - Бошњаци и Хрвати, кои пред тоа беа затворени во логорот Трнопоље.
Егзекутираните биле дел од конвој од околу 1.200 лица, кои ги напуштиле своите домови во реонот на Приједор, кога тој дел од БиХ бил освоен од силите на босанските Срби. Конвојот бегалци бил пресретнат од припадници на полицијата на босанските Срби, при што од него била издвоени група од над 200 мажи, кои подоцна се егзекутирани.
Во врска со овој случај 11 припадници на полициските сили на боснаските Срби беа осудени за воени злосторства.
Ченгиќ најави дека откриените посмртни останки утре ќе бидат пренесени во мртовечница, каде врз нив ќе биде извршена ДНК анализа.
Минатата недела во блзина на Власеница, во источниот дел на Босна, беше откриена гробница со посмртни останки на десетмина Бошњаци, ликвидирани во 1992 година.