Македонскиот конзулат во Венеција со важни информации поради сериозноста со коронавирусот
Објавено во: Македонија 08 Март, 2020
Бидејќи северниот дел на Италија во моментов е жариште на коронавирусот во таа земја, од Генералниот конзулат преку соопштение и поради сериозноста на состојбата со COVID-19 издадоа неколку препораки.
Имено, се препорачува македонските граѓани да не патуваат во следниве региони и провинции: Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција а се посочува и да се избегнува непотребно патување и во другите делови на Италија,
„За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти. Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.“, посочуваат од нашиот Генерален конзулат во Венеција кој поради и понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации.
Во таа насока се одложува фотографирање на граѓани за нови патни исправи. За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат Генералниот конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или venice@mfa.gov.mk.