26 Април, 2024
0.0269

Македонија одумира на рати - еве веќе 30 години

Објавено во: Колумни 11 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Годинава, како и секоја, на 8 септември, го прославивме еден од најголемите национални и државни празници-Денот на независноста. Вообичаено, од нашите државни функционери, политичари, општественици ги добивме истите пораки за продолжување по патот на нашите предци, кои со крв и саможртва се избориле за слободна, независна и суверена Македонија, дека борбата на нашата генерација  денес, е подигнување на животниот стандард на граѓаните, благосостојба, повисоки плати, работа за младите, функционални институции, средено судство, демократија, слобода на медиуми, силен граѓански сектор, т.е се она што значи вредности за една уредена и престижна западноевропска држава. Три децении скоро, се доволен период да се направи пресек на (не)направеното, дали можеше и/ли мораше повеќе и каде сме денес, во однос на мечтите и декларативните заложби од  пред 30 години?

Најкрвни душмани да ни беа, резултатот немаше да биде во волку лош

Македонија, според сите параметри, за мерење на животниот стандард и благосостојбата на граѓаните, индексот за квалитет на живот, се наоѓа на дното на европскиот континент. Само Албанија и Босна и Херцеговина и Косово  од Балканот, и Украина и Молдавија од останатите европски земји се полоши од нас по овие параметри, а сите други пред нас. Кога ја изгласавме на најдемократски  референдум нашата независност и се одвоивме од поранешната СФР Југославија, ние почнавме со стартна основа, на ниво  многу подобро од една Унгарија, Чешка и Словачка, а за балканските Романија и Бугарија, и не станува збор. Подобри, веројатно бевме и од малите балтички земји, Естонија, Летонија  и Литванија, кои во суровиот сталинистички комунизам, беа последните „дупки на свиралото“, односно беа крајните небитни тампон зони на најголемата и една од  двете најмоќни земји  на земјината топка, поранешниот Советски Сојуз. Каде се сега, сите овие погоренаброени земји, во однос на нас, триесет години подоцна? Па во друштво на најразвиените, најбогатите, најмоќните и најфункционалните, а по сите параметри кои се мерливи со денешните статистички показателски инструменти, некои од нив се подобри и од Португалија и Грција ( Естонија, Чешка, Словачка, Словенија), и итаат да ги престигнат и поминат дури и едни Италија и Шпанија, т.е таканаречените стари земји членки на Унијата. 

Ќе остане само како една национално-романтичарска фрустрација дека на времето сме биле „Американци за Бугарите, Маџарите и Румуните“, дека не гледале со завист/ или восхит, и се ќе се сведе тоа на „раскажување од нашите за тие времиња“. Бугарија денес и покрај тоа што е најлошата земја во ЕУ, има за  50% повисок БДП по глава на жител од нас, Романија е по БДП пер капита скоро колку една Грција, а Унгарија и покрај авторитарното владеење на Орбан, наликува на една средена западна земја. Доволно е  да отидете во Будимпешта (може и да му однесете понада на лицето Н.Г), неколку дена да отседнете и да ја видите разликата помеѓу главниот град на Унгарија и тој на Македонија.

Кој е виновен за сето ова?

Нашите неспособни, криминогени, криминализирани, корумпирани политички  касти,  без визија и без идеја за децениски перспективен развој за тоа како треба да се уреди една земја која се простира на површина од  25.713 км квадрати, и има околу 2 милиони жители. Или милион и пол, ако успееме да направиме попис наредната година и да се преброиме. Триесет години како на фабричка лента се менуваат политички функционери и политички гарнитури (ѓомити „елити“),  на власт, и триесет години гледаме само постојано меѓусебно обвинување за гол и милионски криминал, наместени тендери, упропастена иднина, соголување на народот и доведување до питачки стап и  дополнителни малограѓанштини, кој украл, а кој е честит и чесен, кој е неспособен, кој спровел проекти, и слични долни и уличарски катадневни обвинувања, од кои на пристојниот човек му се смачи и згади, и затоа си ги собра куферите и фати јабана на Запад. А која е вистината?!

Па таа што ја кажуваат и едните и другите и третите за противниците,  само што важи истото  и за нив, ако не и бетер. Кога во политиката, „филтрите“, дозволуваат да се протне некој до самите врвови, искомплексиран, исфрустриран, полу или скроз неписмен, со психопатолошка и манијакална желба за власт и моќ, тогаш резултатот е  тој: крадење како за последно, концентрација на моќта и власта единствено во негови раце, патологија за максимална контрола и чувство на семоќност и непобедливост. Македонија го изнедрува од себе тоа што го има на претек, односно политичкото лице на државата е такво какво што е тоа на просечниот Македонец. Чест на тие исклучоци, кои пробале да го вложат своето знаење и искуство во политиката, па виделе со што се соочуваат, и се откажале доблесно и интегритетно. Другите не ни пробале, знаејќи што ги чека. Па така, вината за денешните состојби после 30 години независност, треба да ја бараме исклучиво во нас. Прстот вперен во друг, е погрешно насочен. Да ни е честита 29-годишнината од независноста, со желба наредните три децении независност да бидат за 180 степени различни од сегашните.

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД