Македонија и натаму на висока тревога од нов бегалски бран
Објавено во: Македонија 29 Јуни, 2017
Собранието го продолжи рокот за постоење на кризна состојба на јужната и на северната граница заради зголемен обем и транзит на мигранти до 31 декември оваа година.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека одлуката е значајна пред се поради околностите поврзани со глобалниот проблем со мигрантската криза која не стивнува и може да ескалира во секој момент.
„Армијата, заедно со МВР, ќе може да учествува во обезбедување на државната граница со Република Грција каде што како што знаете имавме сериозен прилив на мигранти во изминатиов период“, изјави Спасовски.
И додека нашата Влада стравува дека повторно ќе има бран на бегалци, Организацијата за соработка и економски развој (ОЦДЕ) во денешниот свој извештај тврди дека не треба да има страв од нов наплив на бегалци во Европа.
Според ОЦДЕ пикот на хуманитарната криза на бегалците е завршен а сега приоритет е нивната интеграција која е вистински предизвик за националните политики, вели ОЦДЕ во својот годишен извештај.