02 Јули, 2022
0.0313

Лина Дамјан: Мојата естетика е синтетичка и пластична, а се инспирирам од ренесансата

Објавено во: Интервјуа 29 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Свежиот поглед на уметниците од новата генерација се почесто е достапен на социјалните мрежи. Со или без пандемијата овие трендови исфрлија на површина многу иновативни уметнички идеи, но и при целата атмосфера на создавање на нешто ново, дел од уметниците се навраќаат на минатото со нивна обновена визија. Лина Дамјан инспирација црпи од ренесансата и антиката, но ги обработува со влијание на поп-артот и максимализмот. Делата одлично се вклопуваат во онлајн просторот, но и на повеќе нејзини самостојни и групни изложби. Младите уметници се повеќе се свртени кон човекот и општествените проблеми, но тешко е да се дефинира еден уметнички правец како посебна естетика.

Колку социјалните мрежи влијаат врз младите уметници, и врз твојот процес на креирање. Што те инспирира и кои визуелни или концептуални аспекти те мотивираат?

Лина ДамјанСоцијалните мрежи општо можат да имаат позитивни и негативни страни. Сметам дека на младите уметници можат да им бидат од голема корист без разлика дали станува збор за ликовна, литературна, музичка уметност итн. Одлични се за изложување и рекламирање бидејќи освен локални набљудувачи делата кои се објавени  онлајн можат да создадат и поширока публика. Иако посета на галериска/ музејска изложба не може да се спореди со „скролање“ на смартфонот, социјалните медиуми се голема предност за младите уметници. И јас ги користам за изложување на моите дела, не многу активно, но со секоја реакција за сликите кои ги објавувам мојата мотивација расте и секако дека влијае за понатамошната работа. Мотивацијата обично ја наоѓам во комбинацијата на боите и текстурите, а секако дека може да се најде и на социјалните мрежи особено кога ќе наидеш на уметнички профил во кој можеш да пронајдеш дел од себе во него, сличност во изразот, форматот, боите, концептот и слично.

Твоите дела се навистина свежи и одгвараат на новите изрази кои имаат свој печат. Како би ја опишапа естетиката на денешниот миг, што се обидува уметноста да ,,фати‘‘ од надворешните влијанија и интерното справување со модерните предизвици?

Лина ДамјанЕстетиката во моите дела би ја објаснила како синтетичка и пластична, бидејќи и тоа сакам да го постигнам. Кај мене најмногу има влијание од поп-артот и максимализмот, но тешко е да се објасни естетиката на денешницата бидејќи уметноста е многу разгранета и можеме да дојдеме во контакт  со многу уметнички стилови. Има уметници кои негуваат класична изработка на дела, дигитална, видео арт, уметност преку перформанс, книга итн. Исто така денешното време не припаѓа само на еден уметнички правец, а доколку зборуваме за високата уметност на светско ниво сметам дека концептуалната доминира.

Според мои заклучоци уметниците денес често сакаат да обработуваат социјални теми, свртени се кон човекот, неговите права, недостатоците во општеството, загадувањето на природата и животните и слично.

Како ги одбираш делата од класичната и ренесансната уметност за дигитална преработка. Што ти значат овие периоди во уметноста, зошто постои потреба од такво навраќање?

Лина ДамјанСеријата „Ренесансни фрагменти“ ја направив неодамна и беше супер предизвик за мене. Со таа серија за прв пат започнав со изработка на дигитални дела од која се родија нови идеи и нови видици за мене. Го одбрав ренесансниот период како значаен период за човештвото, преродбата, а следејќи ја историјата на уметноста авторите како од денешницата така и во минатото постојано се навраќале на старата уметност, уметноста од друго време. Земајќи ги предвид старите теми или старите техники како инспирација, ние се навраќаме во едно друго време, но со нова и модерена визија.

Инстаграм профилот на еден уметник станува и еден вид на негова јавна галерија. Колку уметноста станува достапна надвор од традиционалните изложбени простори?

Лина ДамјанТоа  е точно, речиси секој уметник има инстаграм профил каде ги изложува делата и си формира своја „онлајн галерија“. Уметноста во денешно време ни е подостапна од било кога, можеме да црпиме информации од многу мрежи, па дури и да учествуваме на онлајн изложби. Но, има нешто во тоа што не е до крај соодветно на традиционалното изложување дела. Не смееме да заборавиме да посетуваме галерии и музеи, бидејќи само таму можеме да ги видиме делата онака како што се замислени, ги гледаме и ги доживуваме во нивната вистинска форма. Секој љубител на уметноста го знае ова, мора да се негуваат посетите на изложби, самиот чин дава посебна енергија и културно воздигнување.

Освен со сликарство и дигитални цртежи изработуваш и видео концепти. Каде ќе се движи твојот правец и може ли да се дефинира изразот на денешното време преку твоите дела?

Лина ДамјанКако што кажав после серијата постери, преработките на ренесансните дела кај мене се родија нови идеи. Добив доста позитивни критики за нив па веднаш започнав и со преработка на дела од античкиот период. И нив ги работам во дигитален формат, но со поинаков третман и пристапувам поекспериментално.

Исто така започнав да изработувам видео уметност, анимации. До сега имам изложено едно такво дело „Lifeimitatesart“кое може да се погледне и на мојот инстаграм профил. Засега видео уметноста е таа што ме предизвикува и најмногу ме интересира. Во 2022 година планирам да изложувам повеќе анимации но, и слики кои ќе ги комбинирам со нив. Забавен е процесот до финалниот резултат кога се експериментира, а и тоа е возбудливото во уметноста што со секоја мала промена, со секое непланирано движење произлегуваат нови перспективи и нови сознанија. Претпоставувам дека натаму ќе се движи моето творештво и дека оваа година ќе биде „видео година“‘ за мене.

Х.С.