Кукавичко и дрско претепување: „Нема правда“ на протестот во Битола
Објавено во: Македонија 26 Септември, 2020
Полицајците претепаа Роми на дрзок, на кукавички начин и ова во иднина никогаш не треба да се повтори - ова е суштината на ставот на битолчани кои денеска се собраа и протестираа против полициската бруталност. Најголем дел од нив беа припадници на ромската заедница. Протестот кој почна на пладне беше „декориран“ со пароли и извици „Нема правда, нема мир“, „Правда за Ромите“, „Роми полицајци“.
Граѓаните кои протестираа велат дека го изразуваат незадоволството од настанот и од одредени полицајци. Тврдат дека дел од претепаните Роми биле хендикепирани и немале можност да удрат.
Протестот беше организиран од иницијативата „Аваја“ заедно со здруженијата Ромалитико, Романо Авази, Ромаверзитас, Баирска Светлина, Сумнал, Ромско Јато. Откако случајот беше објавен на социјалните мрежи, МВР преку Одделот за внатрешна контрола поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал против еден од полициските службеници поради физичко насилство. Против него е покрената и дисциплинска постапка и суспензија од работа.
Инаку како што објавивме за во среда е закажан и друг протест преку кој ќе се бара повлекување на кривичните пријави и дисциплински постапки против полициските службеници, кои како што стои во повикот, биле нападнати и неправилно суспендирани. Најавено е дека демонстрантите ќе се движат по Широк Сокак, а протестот ќе заврши пред СВР Битола и Јавното обвинителство.