„Kronen Zeitung“: Со „помош на пропагандата“ Москва се обидува да освои симпатии на Балканот
Објавено во: Балкан 09 Април, 2017
Со „помош на пропагандата“ Москва се обидува да освои симпатии на Балканот, појавувајќи се како „најактивен“ учесник заедно со Анкара и Пекинг.
Слабеењето на влијанието на ЕУ ги поттикнува Русија, Турција и Кина кон „голема интервенција“.
За време на посетата во балканските земји, дипломатот број еден на ЕУ, Федерика Могерини сфати колку несериозно Југоисточна Европа се однесува кон Брисел, пишува германскиот новинар Курт Зајниц во „Kronen Zeitung“.
Весникот пишува дека во Македонија, премиерот дал отпор по прашањето за решавање на внатрешната криза, а во Србија Могерини ја исвиркаа за време на нејзиниот говор во парламентот.
Во Косово веднаш по нејзиното заминување се заострија конфликтите, а во Босна ја поканија само на незначителна протоколарна средба.
„Се создава впечаток дека ЕУ и Западот постепено го напуштаат балканскиот регион. Политичкиот вакуум може да стане уште поголем за време на претседателот Доналд Трамп“ - стои во текстот објавен во германскиот весник.
Според авторот, Европа доживеа неуспех уште во 1991 година за време на војната во Југославија, која требаше да ја завршат САД. И по војната сепак Европа не се заинтересира за овој регион и не забележа како се формираат нови огништа на конфликти кои можат да станат „непријатни изненадувања“, пишува новинарот Зајниц.