26 Април, 2024
0.0291

Коронавирусот не е „од мачка кашлица“

Објавено во: Колумни 28 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Баба ми имаше обичај, кога нешто ќе може лесно да се реши или за нешто што не треба голем напор или што не е тешко, да каже тоа е „од мачка кашлица“ или ќе мине како „од мачка кашлица“. Им се извинувам на љубителите на мачки, можеби ваквиот израз и не е точен. Но, денес во време на пандемија од корона вирус и според моето лично искуство,  јас тврдам дека коронавирусот не е „од мачка кашлица“.

ЗАРАЗУВАЊЕ

Кон крајот на февруари во државава се крена алармот за опасноста од коронавирусот. Особено по појавувањето на првиот случај на заразен од коронавирус. Но надлежните делуваа импровизаторски. Препорачуваа носење маски или ракавици, помалку дружење. Повикуваа да не се шират шпекулации и да не се создава паника.. Немаше кампања или конкретни мерки за опасноста од коронавирусот. Така беше до појавувањето на заразата во Дебар. Кон крајот на првата половина на март власта како да се созеде. Беа донесени конкретни мерки. Затворање школи градинки, кафеани...Е токму тогаш имавме семеен собир. Три до четири дена подоцна некои членови од семејството почнаа да манифестират симптоми на коронавирус. Направените тестови ја потврдија заразата. Веднаш потоа тестови направивме и сите останати. Позитивни, беше резултатот од нив. Деветмина позитивни. И деца и возрасни. Самоизолација, две недели.

Кој со симптоми, кој без симптоми, ги минувавме деновите. Но, вирусот,  кај некои членови од семејството дава знаци дека е силно присутен . Нагони за повраќање, температури, потење, кашлање, физичка слабост. Деветтиот ден од заразувањето, почнав да кревам големи температури, со слабо кашлање. По консултација со матичниот лекар, тој ми препорача дека треба да заминам на Инфективна клиника. И така се најдов на прием во клиниката на 31 март.

КЛИНИКА

Љубезната докторка ме прегледа, малку ме потпраша за некои работи и ми препорача да бидам задржан на клиниката.  Како пациент во средно тешка состојба. Во собата заминав во придружба на медицински персонал. По пат се чувствуваше мирисот на хлорна вода. Дезинфицирано, но и преземени мерки за заштита од евентуално пренесување на заразата кон медицинскиот персонал. Во собата веќе имаше еден пациент. Ја прашувам сестрата која ме донесе до собата: „Колку дена се лежи на клиникава“. „Обично од 14 до 16, зависи“ , ми одговара. Искрено, според состојбата во која се наоѓав, лично мислев дека за најмногу една недела ќе заминам дома.

Цимерот беше еден пријатен човек. Десетина години помлад. Но во многу потешка состојба од мене. Започнавме вообичаен муабет. Кој си од каде си и слично. Првите денови имавме многу заеднички разговори. Речиси се си искажавме што требаше да се каже. Па другите денови минуваа со муабет за дневни работи. Те да го чуеме Филипче што ќе каже на прес конференција, те некој коментар за кажаното. Или за некој настан во државата. Те ги коментиравме лекарите или сестрите. Со него останав точно 14 дена. Тој, поради здравствената состојба остана уште една недела и ене го дома. Се слушаме, се опоравува.

Атмосферата во клиниката беше потешка од моето лично чувство. Слушате кашлање од три соби, но не обично, туку ти се чини дека луѓето ќе ги искашлаат дробовите или џигерот. Почнав да разликувам машко од женско кашлање. Ене, сега кашла госпоѓата од соседната соба. Или мажот од спротивната соба. Да не зборувам за мојот цимер. Препотувања, температутури, офкања и после полноќ. Некои ќе добијат лекови, па заспиваат. Дали спијат мирно, се прашував. Зашто утрата одново носат кашлања. Понекогаш си велев како би било од соседните соби наместо кашлање да ја слушам музиката од црковни ѕвона. Од три соби, како од три цркви. Но во животот нема тоа што го сакаш. Реалноста е сурова. Особено во болниците.

Овде би сакал да кажам некој збор за оние кои постојано викаат дека мерките за борба со коронавирусот се строги. Пред некој ден кажав нешто, но би се повторил. Повторувањето е мајка на науката. Ним би им предложил барем една ноќ да поминат на Инфективна клиника. Да чујат кашлање, како што кажав погоре, кога ти се чини дека болниот ќе ги искашла дробовите. Офкања, повици од болни кои горат од температури или кои се бањаат во пот. Ако поминат ноќ на клиниката, тогаш критичарите на мерките  ќе почнат да ги благословуваат. Мерките не паѓаат од небо, тие се предлагаат од стручни лица, и добро е што е така. Политичарите помалку да се мешаат, па затоа мерките мора да се почитуваат. Во прв ред носење маски. Мора да се држи растојание. Можеби и јас не се согласувам со некои рестрикции, но кога се донесени мора да се почитуваат. Посебно кога даваат резултати. А мене ми се чини дека даваат.

Болниците влијаат и врз психата на човекот. А уште повеќе кога ќе се најдеш таму во време на пандемија. И кога знаеш, од она што си прочитал за коронавирусот, што се’ може да ти се случи.  Она што најмногу ми помогна на психолошки план беа телефонските повици од семејството, разговорите. Не помалку од другарите, колегите или пријателите кои ќе се јават да те чујат за состојбата со здравјето, но и да ти кажат некој збор, да те бодрат. Да не ја заборавам музиката. Многу се добри сегашниве паметни телефони. Ќе отидеш на Ју-тјуб и си бараш музика по желба. За ова ме инспирираа постовите на ФБ на некои помлади пријатели, кој од старо маало, кои другари на синовите, или мои врсници, диск џокеи во клубот во кој работевме пред педесетина години. Па така ќе го земев телефонот во раце, шетав низ собата и слушав. Слушаше и цимерот. Бетовен со неговиот оптимизам, Чајковски со увертирата со која ја слави победата над Наполеон, Лист со „Љубовниот сон“, Шопен и неговите ноктурна, валцерот на Шостакович,. ..Се разбира и Луис Армстронг со пеењето за убавиот свет, за Рамона, Витни Хјустон, Б.Б. Кинг, ја слушавме и песната за Лили Марлен. ..Битлси, Ролинг стонси, Лед цепелин...Има и други. Еден ден доаѓаат на визита лекар и две сестри, едната можеби беше главна. На излегување од собата јас си ја потпевнувам „Лили Марлен“ на германски, а сестрата ме прашува: „Што велиш?“ „Ништо, си пеам“, како да ја збунив. А цимерот, по некој ден слушање музика, ми вели: „Кога ќе излезам од овде и ќе се опоравам ќе одам на викендичка, ќе легнам надвор, ќе ги ставам звучниците околу мене и ќе ја слушам оваа музика“. Посебно Витни Хјустон од „Телохранител“. Не можете да си претставите колку музика може човек да ислуша за десетина дена. Особено во болничка соба. И да се лечи.

ПЕРСОНАЛ

Медицинскиот персонал на Инфективната клиника е за пофалба. И лекарите и медицинските сестри. Но и хигиеничарките. Лекарите се одликуваат со професионализам и однос кон пациентите, полн со оптимизам. Не сите, но повеќето. Имаше и рутинери, но и нив треба да ги сфатите. Доаѓаат во контакт со лица заразени од корона вирус. А токму тие лекари најмногу знаат за коронавирусот и последиците од него.

Медицинските сестри се посебна приказна. Работат по 12 часа. Ги имаше и од други клиники. Беа од Скопје, Илинден, Куманово, Черкези... Да работиш од седум наутро до седум навечер, голем дел од тоа време со маски, заштитни очила или визири и друга заштитна опрема не е лесно. Плус, пациенти во разна здравствена состојба, непрекинати повици преку ден или на полноќ од страна на болните. Инфузии, инјекции. Доаѓаат наутро, температура мерење, даваат потребни лекови што треба да се пијат, па инфузии ставање, ако треба инјекција, па по завршувањето на првата инфузија доаѓа втора, па носат појадок. Инфузии попладне, инфузии навечер, ручек, вечера...Не знам за колку пациенти водеа грижа, но само во нашиот дел имаше шест соби, а во соседниот можеби беа повеќе. И така цел ден. Треба да си јунак да издржиш под нивните маски, наочари, визир и стегнат со заштитни одела, три пара ракавици. Кога ќе се наведнат над тебе да ти стават инфузија гледаш само убави очи, трепки и негувани веѓи, но и чело стегнато од очилата и маската, кое ти се чини дека ќе пукне во секој момент. Веројатно сестрите ги вадеа маските по  неколку часа работа. Да се одморат малку. Но сепак нивната работа не беше лесна. Плус  имаа пациенти во разна здравствена состојба,  со непрекинати повици преку ден и на полноќ. Со цимерот сестрите ги викавме мравки, бидејќи беа многу вредни. Згора на тоа и покрај напорната работа наоѓаа време и да се пошегуваме на наша или на нивна сметка. Една сестра ми става инфузија и и’ велам: „Не наполнивте со отрови“. А таа се смее и ми одговара: „Ви даваме и благи работи“. Веројатно во инфузијата додавале и некакви шеќери. Не знам. Деновиве веќе реков и ќе повторам. Медицинските сестри се ангели чувари на пациентите.

ДОМА

По двонеделен престој во болница, бев испуштен како здрав. Со потреба од двонеделна изолација. Тоа значеше дека веќе нема низ големиот прозорец да ја гледам Шар планина, ниту врвот Љуботен. Кога заврна снег тој беше цел покриен со него. Само неколку денови потопло време и снегот почна да се топи,  а подножјето на Љуботен и падините под него да се прошаруваат.

Нормално ми беше препишана и терапија  за дома. Но во неа имаше еден лек кој беше контраиндикативен за мојата состојба. Му се јавив на докторот, а тој ми вели да земам друг антибиотик и ме праша дали сум алергичен на него. Реков  дека не знам. И така го купив антибиотикот. Испив една таблета и по пет минути, почна чешање, зуење во ушите, тахикардија, црвенило...Алергиска реакција. Имав среќа брзо дојдоа две млади од Брза помош, ми дадоа инјекции ... Тоа значеше дека антибиотикот не смеам да го пијам. Ако во иднина ми го препорачаат ќе знам дека сум алергичен на него. Па така останав на витаминска терапија. И по две недели изолација, конечно вчера излегов од дома. После 37 дена, што самоизолација, што клиника, што изолација.

Како е надвор? Уште не знам. Со комшииве комуницираме нормално. Но има некои луѓе на кои кога  им кажав дека сум бил заразен од корона вирус  почнаа полека да се повлекуваат подалеку од мене. А ги сметам пријатели. Добро е што на пазар во продавницата во која пазарам месо, кога им кажав за коронавирусот ми посакаа брзо опоравување. Ниту се уплашија, ниту бегаа. Тоа дава некаква надеж дека ќе биде добро. На ваквата стигма не сум подложен само јас. Има еден човек кој отишол на работа и кажал дека вирусот го поминал без никакви симптоми и во самоизолација и дека е два пати негативен. Колегите почнале да се однесуваат како да е лепрозен! Бегаат од неговата околина. Е ова веќе загрижува.

ЗА КРАЈ

Сето погоре напишано покажува дека коронавирусот е сериозна работа. Не е „од мачка кашлица“.  И дека треба да се има и таков однос кон него. Во прв ред граѓаните. Но, сегашнава состојба покажа дека во државава треба да се создаваат и системи за вонредни состојби. Она што го имавме како наследство од СФРЈ го растуривме. Да се знае кој е надлежен и за што во одредени ситуации. Да се почитува знаењето. А не некои аналфабети залутани во политиката. Се надевам дека сега со  влегувањето во НАТО и почнување преговори со ЕУ конечно ќе почнеме да градиме нормална држава.

 И секако врз искуството од сегашната пандемија да се подготвуваме за во иднина. Особено што наесен најавуваат нова. Но и откажување од барање казни за она што е или не е направено. Зашто во март полесно е да се претскаже она што се случува во април, отколку во февруари или јануари.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД