Колку пари носат рачните изработки и може ли од нив да се живее?
Објавено во: Финансии 09 Јануари, 2017
Од правење рачни изработки може да се заработи дополнителен приход за потполнување на семеен буџет, но од тоа не може да се егзистира.
Ова од свое искуство го потврдува Елка Димовска од Скопје. Таа веќе пет години се занимава со рачни изработки. Димовска е невработена, а за плетењето вели дека отсекогаш го сакала, но откако добила комплименти од пријатели, почнала посериозно да се занимава со оваа работа и да ги продава шапките, шаловите, блузите и други парчиња облека кои ќе ги сплете.
„Тоа е моето хоби и така започнав, како хоби. На мојот профил на Фејсбук објавував фотографии од моите изработки. Добив поддршка и пофалби од моите пријатели и тоа на некој начин ми даде идеја дека можам да се обидам ова да го работам. Го работам веќе 5 години. Напорно е, но кога нешто го работите со љубов и уживање и не е толку тешко. Колку време ми е потребно за едно парче, се зависи од тоа што изработувам. Некогаш ми се потребни 2 часа, некогаш ден, два, а за некои покомплицирани работи ми требаат 15 до 20 дена. Плетам сè што ќе ми порачаат, со секаков конец и секакви игли“ – вели таа.
Димовска преку социјалните мрежи, преку блиски, преку пријатели, преку луѓето на кои веќе им продала дел од своите изработки доаѓа до нови купувачи. Сепак, додава дека рачните изработки не се ценат доволно кај нас.
„Искрено, за жал кај нас рачната изработка не се цени доволно. Ретки се тие што навистина ја ценат ваквата работа. Кога станува збор за заработката, во никој случај не може ова да биде основна дејност и да се живее од тоа, туку може да биде дополна за домашен буџет“ – додава Димовска.
Таа раскажува дека има и голема конкуренција и многу луѓе се занимаваат со истата работа во последно време. Сепак, вели дека нив не ги гледа како реална конкуренција, туку како луѓе со кои може да размени искуство, идеи, шеми, да сподели начин на работа.
Сања Атанасовска