02 Мај, 2024
0.0240

Кое балканско прашање прво ќе се реши, Македонија – Грција или Србија – Косово?

Објавено во: Анализа 13 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Иако, детално никој ништо официјално не споменува, сепак се чини горливите проблеми на Балканот на Македонија и Грција и Србија и Косово влегуваат во завршна, финална фаза. Што ќе добијат, а што ќе загубат засегнатите страни. Можен ли е компромис? Има ли шанси од настаната ситуација сите да излезат како победници?За евентуалните глобални поместувања на Балканот, економските придобивки, но и порази, во серијалот на Фактор.          Високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон доаѓа во Белград, но и во Скопје. Се стеснува ли обрачот околу четирите балкански земји кои имат деценски односно дводецениски нерешени прашања. Влегуваат ли Македонија и Грција од една и Србија и Косово од друга страна во финална фаза. Се заокружуваат ли горливите и веројатно последните балкански проблеми. Косовскиот проблем е со шанси за побрзо решение од проблемот со името За универзитетскиот професор, Стево Пендаровски овие две прашања немаат допирни точки меѓу себе освен старата поврзаност во еден ист безбедносен комплекс на Косово и Македонија. Со други зборови, вели Пендаровски нестабилноста на Косово или неговата поделба скоро сигурно ќе предизвика домино ефект и кај нас. „Секое од прашањата има сопствена динамика со тоа што српско-косовскиот проблем влегува во решавачка фаза и ако сега не биде решен постепено ќе се трансформира во т.н замрзнат конфликт, а во грчко-македонскиот спор, секоја година од Букурешт до денес има барем по неколку "решавачки" фази , по што следи целосен вакуум на активности. Значи, во овој период на 2013-та развојните линии на двата спора сосема случајно се допираат при што, по моја проценка,  косовскиот јазел за разлика од македонскиот има поголеми шанси да биде барем делумно разрешен“, вели Пендаровски. Има ли Ден Д за Србија? Од друга страна повеќе информации се лиферуваат за српско косовскиот спор. Српскиот премиер Ивица Дачиќ истакна дека 16 април, денот кога високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон го поднесува извештајот во Европската комисија не е „Ден Д“, за европските интеграции на Србија. „Ниту 16 - ти април е „Ден Д“, ниту ќе се срушат сите наши соништа за ЕУ и Косово. Ќе осамне и 17 - ти април“, изјави Дачиќ. „Сакаме продолжување на дијалогот и сметаме дека тоа треба да биде пропратено со напредок во европските интеграции, затоа што Србија заслужува да добие датум“, рекол Дачиќ. Тој истакна дека Србија бара да се подобри понудениот договор за надлежностите на заедниците во српските општини на Косово и Метохија. Српскиот премиер исто така потенцирал дека не е коректно да се условува Србија со датум за почеток на преговорите со ЕУ. „Сакаме одржливо решение, но не по секоја цена“, истакнува Дачиќ и додава дека Србија не преговара за добрососедски односи со Приштина, туку за надлежностите на заедниците на српските општини во Косово. Овие два спора мора да се решат оти ја загрозуваат стабилноста Иако, двете прашања како по својата генеза така и по својата надворешна манифестација немаат ништо заедничко и теоретски и практично се многу различни, сепак заедничко им е фактот дека односите Белград - Приштина и Скопје - Атина се прашања кои и тоа како ја оптеретуваат, па ако сакаме и загрозуваат стабилноста во регионот, тогаш логично е тие да се решаваат во пакет, вели долгогодишниот новинар и аналитичар Тодор Пендаров. „Не смее да се заборави дека овие две прашања се влечат веќе две децении и предизвикале во изминативе 20 години многу проблеми кои ги надминаа границите на регионот. Зошто токму сега, се инсистира на решение? Мислам дека пред се во Србија е созреан фактот дека Косово не е дел од Србија. Ова го мислам пред се за актуелната Влада. Понатаму НАТО (тука мислам на САД) иако регионот е далеку од нивниот приоритет, сакаат дефинитивно да обезбедат стабилност на Јужното крило имајќи предвид дека пацификот сега станува актуелен, но треба да се имаат предвид и други фактори, на пример присутноста на Русија пред се преку енергетскиот потенцијал. Исто така и на Европа и е потребен стабилен регион уште повеќе што една нејзина членка Грција е директно инволвирана во создавањето на нестабилноста“, вели долгогодишниот новинар и аналитичар, Тодор Пендаров. „Горна Република Македонија“ нов предлог на Нимиц Медијаторот за решевање на спорот со името помеѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц на почетокот на неделава испорача нов предлог за името. „Горна Република Македонија“ според грчките медиуми е предлогот што Нимиц го ставил на маса пред Јолевски и Василакис. Дојче Веле на грчки јазик, повикувајќи се на извори во Обединетите нации, вели дека името содржи географска одредница, но таа наспроти грчките позиции стои пред одредницата за уредувањето „Република“, па многу лесно би можела да биде изоставена. Во поглед на употребата, според Дојче Веле, предлогот не предвидува едно име за севкупна употреба или „ерга омнес“ како што бара Грција, туку „најширока можна употреба“ на новото договорено име. Грчките официјали претставници за сега молчат и не го коментираат предлогот, иако според медиумите во Атина, не се задоволни од понуденото решение. Предлогот не го коментираат ниту властите во Скопје затоа што тоа било во интерес на процесот. Ештон доаѓа во Скопје, откако Нимиц испорача нов предлог за името Доброупатени во проблематиката тврдат дека во фокусот на посетата на високиот претставник наЕУ, Кетрин Ештон ќе биде спорот околу името и последниот предлог што го добија Скопје и Атина од посредникот Нимиц. Освен ова целта на Ештон пред се ќе биде да го поттикне непостоечкиот дијалог меѓу власта и опозицијата за сите отворени внатрешни прашања, кои како што изјави и евокомесарот Филе го уриваат имиџот на земјата во Брисел и меѓу земјите-членки. Редакција Фактор Утре: Што ќе изгубат, а што ќе добијат засегнатите страни. Кои се економските придобивки од решенијата на проблемите?      

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад