Кинеските инвестиции во Западен Балкан поттикнуваат корупција?
Објавено во: Балкан 24 Јули, 2017
Кинеските инвестиции во инфраструктурата на Западен Балкан ја поттикнуваат и онака раширената корупција во регионот, стои во најновата анализа на Институтот за безбедносни истражувања на ЕУ (EUISS).
Ова тврдење Институтот го поткрепува со податоци дека досегашните кинески инвестиции во патишта и железница од 5,5 милијарди евра дошле во Македонија, БиХ, Црна Гора и Србија така што „кинески компании добивале договори директно од владите, а не преку тендери“.
Анализите на Институтот со седиште во Париз ги следат ЕК и други тела на Европската унија.
Западнобалканските држави, се вели дека често морале да донесуваат посебни закони за кинески проекти за да ги задоволат барањата на Пекинг да се договорат директно со владите. Тоа создава нејасни празнини и исклучоци во законите и одлага усогласување на регионот со правилата и стандардите на ЕУ“.
Во анализата се додава дека притоа се ограничени за јавен увид и извештаите за бизнисите и оттаму е можно „државно мешање за проекти наместо оцена за изводливост. Кога скандал ќе избие на виделина, како во Македонија, сите детали за проекти финансирани од Кина доаѓаат до јавноста“.