18 Мај, 2024
0.1744

Ќе вработуваат народ, со пари од народот

Објавено во: Колумни 30 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Ај, што сите слушнаа како договараат милионски коруптивен договор, туку сега се обидуваат и да манипулираат. И тоа, кога веќе и самите не можат да ја оспорат веродостојноста на снимките. Не се договарала провизија од 25 милиони евра, се договарал попуст. Да не беше трагично, ќе беше смешно. Па сега и  кинезите ќе сме ги налутеле.  А тие дека многу фини,  почнаа да ги кријат и бројките од својот сајт, па после го блокираа пристапот до сајтот, ама заборавија дека од google неможе ништо да се сокрие.

А им гори под нозете. За тоа  повеќе од јасно потврдува фактот, што сега не само што пејат по трибини, туку пари делат „шаком и капом“. Штетите на земјоделците од поплавите ќе ги покриеле не 50, не 70, 100%. И платите на полицајците ќе ги покачеле.  Студентите мислам,  не ајпади,  што и да им побараат ќе им дадат. Се расфрлаат со пари , а велат и ќе го зголемеле вработувањето. Ќе вработувале народ, со пари од народот . И тие се свесни дека тоа не оди така, ама да се проба, зашто по сите шавови „бродот“ почна да попушта.

Значи се посегнува по мерки за вработување со кои се создава илузија дека ќе се забрза решавањето на проблемот на невработеноста, а всушност далекусежно се поткопуваат пазарните односи на трудот со што се предизвикува директно нарушувања на цените на трудот. Имено, планот е, одсега па натаму, секое идно вработување владата да го субвенционира со ослободување на плаќање на персонален данок и придонеси во период од 3-5 години. Нема што. Навистина стимулативно за работодавачите. Можат да ангажираат колку што сакаат работници со пониска цена од 35-36% од платата која имаат намера да им ја одобрат. Данокот и придонесите паѓаат на товар на државата, на буџетот т.е. на даночните обврзници. Само немојте да ги прашате- како не им текна порано? Тие тоа го знаеја и порано, но имаа респект кон пазарот и се воздржуваа. Но, само додека не им зажежи под нозете. За што се работи?

Површно гледано, се прави потез со кој, на извесен начин, домашниот бизнис  се приближува до ослободувањата кои ги имаат странските инвеститори. Меѓутоа, се прави нова поделба во домашниот бизнис. Ќе има бизниси кои ќе треба да се борат да остварат доволно приходи целосно да ги сервисираат  бруто платите на вработените и ќе се развиваат бизниси кои ќе вработуваат работници за кои 35-36% од платите ќе обезбедува државата, а за другиот дел ќе се грижи работодавецот. На овој начин не само што се создаваат нерамноправни услови за стопанисување меѓу работодавците, туку тоа може да доведе до отпуштања на постојно вработени со бруто плати, за да се вработат други (дури и помлади) за помали плати (за субвенционираниот дел). Поради тоа, голема е опасноста да се случи „префрлање  од шупло во празно“ во врска со намерата за намалување на бројот на невработеноста. А проблемот ќе излезе од контрола ако фирмите и државата усогласат компромис на штета на платите, во таа смисла што тие, иако се мали, би се намалиле кон минималната плата, што би било во интерес на работодавачите, а државата би плаќала  помали субвенции.

Да не го потенцирам проблемот кој ќе се појави од „великодушноста“ на владата кон бизнисмените. Државата секојпат може да дели, но од каде? Кој ставки од буџетот ќе се намалат? Или, злото ќе се свали врз корисниците на здравственото и пензиското осигурување. Та нели и нововработените треба да се лечат?

Ваквите консеквенци само укажуваат на апсурдноста на мерката. Таа е проблематична дури и за ослободувањата на странските инвеститори, но, може да се „проголта“ доколку станува збор за инвестиции со кои се унапредува техничко-технолошкиот развој на земјата. Меѓутоа, не може со ништо да се оправдува нарушувањето на цената на трудот во домашното стопанство. Последиците од тоа се долгорочни и ќе предизвикаат нови дисторзии. Која ќе биде цената која како индикатор ќе се зема во развојните планови и програми на фирмите, пазарната или субвенционираната? Што ќе биде со нив по укинувањето на субвенцијата, ако денеска таа им е јазичето на вагата да пристапат кон проширување на бизнисот само заради субвенциите.

Во овој контекст гледано очигледно е дека ваквата мерка претставува популизам кој го поткопува пазарното стопанисување и идниот развој врз пазарни односи. Факт е дека популизмот понекогаш е корисен за премостување на некои тековни проблеми. Меѓутоа, мора да се сфати дека  не може да ја супституира економската политика во вработувањето. Со популизам само се заоструваат развојните проблеми на земјата. Не   треба да се заборави дека невработеноста е пред се развоен проблем. На секаде се настојува тој да се решава  со динамизирање на развојот, а не со прераспределби на постојното богатство, преку субвенции од страна на државата. Тоа значи дека мора да се промени вкупниот амбиент за инвестирање- цени, курс, либерализација на увозот и тн. за дефинитивно да се  изгради извозно-ориентирана развојна стратегија која ќе создава и реални нови работни места. Само со таква стратегија вработувањето ќе биде постојана економска потреба на работодавачите, а не субвенционирана активност, која трае додека трајат субвенциите. Набрзо ќе се увериме дека понудените решенија се косат со здравата економска логика. Со нив единствено се пролонгира вистинското решавање на проблемите, а  се со цел да се обезбеди определен социјален мир. Но, во тој случај проблемите дополнително ќе се заострат и  продлабочат. И тогаш, нивното решавање  ќе биде  уште потешко, затоа што и економската ситуација во која ќе се наоѓаме ќе биде покомплицирана.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе