26 Април, 2024
0.0284

Казахстан ја има прочитано украинската лекција

Објавено во: Колумни 20 Јуни, 2022

Добивај вести на Viber

На Меѓународниот економски форум во Петербург главен гостин беше претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев. По видео врски се обратија и кинескиот претседател Си Џинпинг и египетскиот Абдул Фатах Ал-Сиси. Домаќинот Владимир Путин, очигледно беше задоволен, особено на пленарното заседание. Модераторката Маргарита Симонјан, главен уредник на „Русија денес“ и „Спутњик“ беше во форма.

По воведните зборови на четворицата учесници на пленарната седница, почна дебатата модерирана од Симонјан, а главни беа Путин и Токаев. Голем дел од дебатата на почетокот беше даден на економијата, развојот, соработката...Но неизбежно беше и она што е најактуелно, војната во Украина. Претседателот Путин во тие рамки даде ретроспектива на односот на Западот кон суверени држави, па беа спомнати Југославија, Ирак, Либија, Сирија. Па признавањето на Косово, кое за Русија е урнек да ги признае самопрогласните републики на Донбас. А потоа да подготви и „специјална воена операција“ за заштита на населението на двете републики. Попрецизно инвазија во Украина.

Кога веќе стана збор за Украина, Симонјан го замоли претседателот Токаев, со забелешка дека станува збор за сложено прашање на кое може да се одговори различно, да одговори што мисли за неизбежноста и легитимноста на руската операција?  Токаев на провокацијата одговори мирно, без многу возбуда. Најнапред посочи дека во Казахстан граѓанското општество е зрело, отворено, па оттука се искажуваат и различни мислења.

„Би сакал да го одбележам следното: современото меѓународно право, тоа е Повелбата на ОН. Два основни принципа, ставени во Повелбата своевремено, денес дојдоа до взаимна противречност. Тоа е територијалната целосност на државата и правото на нацијата на самоопределување. Основачитена Обединетите нации, очигледно, во тоа време не го зеле предвид овој момент, а можеби намерно вовеле два принципа како компромис, кои сега си противречат.  Се разбира, штом тие си противречат, тогаш има различно разбирање. Некои велат дека територијалниот интегритет на државата е свет концепт, света категорија, додека други тврдат дека секој народ, кој е дел од одредена држава има право на своја држава и може да се отцепи од неа по своја волја“, рече Токаев.

КАКВО ПРАШАЊЕ; ТАКОВ ОДГОВОР

Па додаде:„ Општо земено, се проценува дека ако правото на нациите на самоопределување во реалноста се реализира низ целиот свет, тогаш наместо 193 држави, кои сега се членки на Обединетите нации, на земјата ќе се појават повеќе од 500 или 600 држави. Секако дека ќе биде хаос. Поради оваа причина, ние не ги признаваме ниту Тајван, ниту Косово, ниту Јужна Осетија, ниту Абхазија. И, очигледно, овој принцип ќе се применува и врз квази-државните територии, кои, според нас се Луганск и Доњецк. Ова е искрен одговор на вашето искрено прашање“, одговори Токаев.

Какво прашање, таков одговор. Казахстанскиот претседател на Путин му ја посочи Повелбата на ОН и меѓународното право, кое исто така важи и за Западот, кој се почесто наместо право користи свои „правила“.

Одговорот на Токаев може да се претпостави не му беше по кеиф на Путин, но токму затоа се претседателите на државите и другите раководители. Да ги искажуваат и заштитуваат интересите на своите држави, пред кого било. Затоа Путин јасно рече дека Русите имаат сојузничките односи со Казахстан, можно е да се рече братски, „ние сме членки на еден одбранбен блок – ОДКБ (Организацијата на Договорот за колективна безбедност), ние сме членки на една економска организација ЕАЕС(Евроазиски економски сојуз). Кому може во гава да му дојде мисла за нарушување на односите со Казахстан за кои било прашања. Тоа е глупост. Ние сме заинтересирани за зацврстување на таквите односи. Апсолутно, истото ќе беше и со Украина“ рече Путин.

Тука тој го искористи моментот, па забележа дека доколку со Украина имале сојузнички, добри, или само партнерски односи – никому не би му паднало на памет(за војна). Ќе немало проблеми ни за Крим, затоа што ако се почитувале човековите права, на луѓето кои таму живеат, рускојазичното население, ако се однесувале со почит кон рускиот јазик, кон културата. Обраќајќи и се на Симонјан за иднината, тој рече:„ Прво, ние сме подготвени да градиме односи со секого, без оглед на сегашните настани. А второ, сепак, гаранција на нашата безбедност, исклучително, можат да бидат  армијата и флотата.

НЕ Е ВРЕМЕ ЗА КАРАЊЕ

Гостинот од Казахстан остана задоволен од зборовите на Путин, барем пред публиката. „Благодарен сум му на Владимир Владимирович, кој денес на крајот исцрпно го истакна ставот на највисокото раководство, Кремљ, во однос и на Казахстан и на другите држави, а особено во однос на мојата земја. Навистина, ние немаме никакви прашања што би можеле да се преувеличуваат на еден или друг начин, сеење раздор меѓу нашите народи и со тоа нанесување штета на самата Руска Федерација“, рече Токаев. Но сепак не можеше да премолчи некои појави. Тој се пожали на искажувања на редица руски пратеници за  апсолутно неточни изјави за Казахстан, неточни изјави, на новинари, па дури и културни дејци.

„Овие изјави не ми се баш јасни. Како што велат, на чија воденица тураат вода овие луѓе, кои понекогаш на некој чуден начин коментираат, било одлуки на раководството на Казахстан или настаните што се случуваат кај нас“, заврши Токаев. Маргарита Симонјан не остана должна на искреноста на Токаев, која не ја очекуваше. Но не само таа. „Ви благодариме, Касим-Жомарт Кемелевич, за таквата навистина неверојатна искреност, ретка на такви формални, официјални настани, во врска со прашањето за Доњецката Народна Република и Луганската Народна  Република. Мислам дека тие пратеници и културни дејци за кои зборувавте, од кои еден ми е близок, го слушнаа и вашиот став. Можеби навистина сите треба да разбереме дека сега не е време да се караме и да  лееме вода на воденицата на оние што сакаат да не скараат“,  рече Симонјан.

Токаев замина дома, сигурно  не со чувство на триумфализам дека еве пред Путин искажал ставови кои не му се допаѓаат на домаќинот. Во јавноста во Русија и во Казахстан веднаш имаше реакции на зборовите на Токаев. Некои го напаѓаа, други го фалеа. Казахстан сега е во ситуација да игра не на две, туку на повеќе столици. Првата и најнеизбежна е Русија. Со неа има голема заедничка граница, но и руско малцинство, кое за волја на вистината се повеќе се намалува. Втора е Турција, која сака да навлезе во Централна Азија. Трета е Кина која е исто така голем сосед со Казхстан и која се повеќе вложува во таа земја. Последна е западната столица. Американците не сакаат да ја изгубат од вид Централна Азија, зашто своето влијание врз тој дел од светот би им помогнало во соперништвото со Русија. Особено сега кога е во тек војна меѓу Русија и Украина. Казахстан во ОН беше воздржан во осудата на руската инвазија и е под постојан притисок, како и други држави да се придружи кон санкциите против Русија.

САНКЦИИ БЕЗ МНОГУ ЦЕРЕМОНИИ

Инаку она што отворено, јавно пред Путин го кажа Токаев, не е нешто ново. Тоа тој сигурно му го кажал на затворени средби. Впрочем казахстански  официјални лица за признавањето на суверенитетот на Украина, за Донбас или за Крим се имаат изјаснето не еднаш. Токаев едноставно ја искажа државната позиција. Што не треба да зачудува, кога станува збор за одговорен политичар. Впрочем кој би бил интересот на Казахстан да ги признае двете самопрогласени републики или Косово, или Придњестровје  итн. Ако го ставиме Косово на страна, признавањето на другите републики веднаш би значело санкции од Западот. Без многу церемонии. И признавањето на Косово би имало последици за Казахстан. Можеби и поголеми отколку западните санкции.

Аркадиј Дубнов, руски политиколог и експерт за Централна Азија, забележува дека пред тоа, во просторот што ја опкружува Русија никој не си дозволил „искрено да ги каже работите со вистинското име“. Според него, Токаев на 17 јуни зборувал не само како претседател на Казахстан, тој зборувал и како поранешен заменик генерален секретар на ОН. „ Тој всушност го искажа ставот на светската заедница претставена од ОН. ОН, кои се некаква мерка за светскиот поредок и се препознати како „камен-темелник“ на светскиот поредок од страна на Русија, од Путин. И во оваа смисла, она што го искажа Токаев треба да биде високо ценето“, рече Дубнов.  

Токаев е искусен политичар. И нему му е јасно дека доколку ги признае републиките од Доннас и Косово, тогаш лесно може на северот од земјата да се јават сили, проруски, кои ќе бараат отцепување од Казахстан или пак ќе самопрогласат своја република. Или, пак, би се фатиле за оружје, па бунт, па војна, па поддршка од надвор и веќе видени сценарија. Казахстанскиот претседател во моментов игра слична на српскиот претседател Александар Вуиќ. Не сака да се кара ни со Русија, ниту со Запад. Ниту пак со други држави од некогашниот СССР.  

РУСИТЕ СЕ ИСЕЛУВААТ ОД КАЗАХСТАН

До кога ќе може да се држат работите под контрола. Особено по неки нови изјави од руски политичари. Не за оние за кои погоре зборуваше Токаев дека леат вода на туѓа воденица. Само еден ден по настанот во Петербург, потпретседателот на Комитетот на Државната дума за ЗНД, Константин Затулин, спомна некакви можни „територијални прашања“ со Казахстан. Тој забележа дека Токаев постапил некоректно и му се закани со со мерки „како со Украина“. Затулин веднаш беше „замолчен“ од вицеспикерот на Думата, Андреј Турчак, кој рече дека такви прашања немало и нема. И дека Затулин треба да си ја гледа работата, а за надворешната политика има кој да се грижи.

Сето ова навестува дека во наредниот период би можело да има некакви турбуленции на истокот од Русија. Но тоа сега неа најмалку и е потребно. Дотолку повеќе што во Казахстан рускиот јазик не е забранет, се користи во јавноста, па дури и политичарите во парламентот зборуваат на руски јазик. Да, има појави на закани кон луѓе кои користат руски јазик, но тоа е само знак дека во Казахстан има сили кои би можеле да се однесуваат како радикалите во Украина.

Најголем проблем за Русите во Казахстан не е јазикот и нивните права. Најголем проблем е што тие се иселуваат и заминуваат без намера за враќање. Така што по извесен период ова прашање и нема да постои. Сега ги има околу 10 проценти од населението, а беа околу 40 проценти. Казахстан, посебно Токаев тоа добро го знае и нема да дозволи нешто што ќе се случи по природен пат, иселувањето, тој да го забрзува користејќи мерки кои би довеле до војна, а можеби и до територијални загуби. Украинските лекции во Казахстан се научени. Па затоа и натаму Токаев ќе сака да игра и со Русија и со Кина и со Турција и со Западот. Тешко му е поради разните видови притисоци од сите четири страни, но се си има цена.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД