Kaко Дора Бакојани ќе ја нарекува нашата земја?
Објавено во: Македонија 11 Февруари, 2019
Поранешната министерка за надворешни работи на Грција, и актуелен пратеник од Нова демократија, Дора Бакојани, во интервју за грчкото радио „Њуз247“ изјави дека за нашата земја ќе го користи новото име Северна Македонија.
Сепак, вели нема да може да каже Македонец премиер или Македонец министер, јави дописничката на МИА од Атина.
„Јас секогаш, соседната земја ја нарекував поранешна југословенска Република Македонија, што беше нејзиното официјално име. Сега кога официјално име е Северна Македонија, ќе ја нарекувам Северна Македонија. Она што нема да можам да го направам е да кажам Македонец премиер. Следниот премиер или господинот Заев ќе го наречам премиер на Северна Македонија. Македонец премиер и Македонец министер нема да кажам. Нема да кажам, бидејќи сметам дека тоа е основната и многу голема грешка на овој договор“ – вели Бакојани.
Вели дека нивното несогласување со Договорот од Преспа е длабоко политичко и суштинско, затоа што она што тие го кажуваат е дека долгорочно, ќе има ирендентизам.
Во септември лани таа изјави дека ако Договорот од Преспа биде ратификуван ќе мора да го почитуваат.
Бакојани, оваа година изјави дека владата нуди финансиски стимулации на пратеници, кои не се членови на Сириза, за нивна поддршка при гласањето за доверба, објави тогаш весникот „Катимерини“.
Дора Бакојани во 2008 година го блокираше членството на Македонија во НАТО.
Во грчкиот парламент минатата недела беше ратификуван протоколот за НАТО за Македонија.