18 Мај, 2024
0.0363

Каде исчезна Путин?

Објавено во: Колумни 13 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Денес во Астана требаше да се одржи тројната средба на претседателите на Руската Федерација, Владимир Путин, на Казахстан, Нурсултан Назарбаев и на Белорусија Александар Лукашенко. Но само пред два дена соопштено е дека таа нема да се одржи поради презафатеност на рускиот претседател. И веднаш почнаа шпекулациите. Де, болен е, де ова, де она. Патем да кажеме дека ова не му е прв пат на Путин да исчезнува од јавноста. Така беше и есента 2012 година „го снема“ од видикот. За потоа да се каже и официјално дека имал болки во грбот. Дали од вежбање џудо или од нешто друго. Сега новинарите си припомнуваат дека Путин тешко одел таа година и на Самитот на земјите од АРЕС во Владивосток , а по некој месец и во Истанбул бил придржуван од тогашниот премиер на Турција Реџеп Ердоган за да седне во фотељата. При сето ова портпаролот на Путин, Владимир Песков, тоа што претседателот не се појавува во јавноста од крајот на минатата недела, вели дека е сврзано со пренатрупаноста на и затворените средби. Инаку, Песков, опшишувајќи колку е здрав Путин вели дека ракувањето на претседателот е толу цврсто што „крши раце“. Крши, не крши, ама вчера беше остакажана и неговата средба со колегиумот на Федералната служба за безбедност. Официјален Кремљ во обидите за деманти направи низа гафови, кои новинарите вешто ги открија. Во смисла да се користат материјали од средби одржани порано, а да се покаже дека тоа се случило, „еве вчера“. Ваквата практика на Кремљ не е нова. Уште во советски времиња, речиси државна тајна била здравствената состојба на лидерите. Впрочем  повозрасните се сеќаваат на генералните секретари на КПСС Леонид Брежњев, Јуриј Андропов или на Константин Черњенко. Сите беа тешко болни. Но, за тоа ни збор не се изуствуваше се до нивната смрт. Како дописник од Москва бев сведок на ист таков случај со претседателот  на Руската Федрација Борис Елцин. Меѓу првиот и вториот круг на гласањето за претседател, во јуни 1996 година, тој беше однесен во болница поради инфаркт, меѓутоа тој факт умешно беше скриен од избирачите. Тој не излегуваше во јавноста, а на телевизиите покажуваа снимки од некои негови средби, снимени неколку месеци, но неемитувани дотогаш. Тие требаше да покажат дека тој е мошне витален, а фразата за тоа дека „претседастелот цврсто се ракува“ потекнува токму од негово време. И за него тогаш изјавуваа дека небаре крши раце при ракувањето. На гласачкото место Елцин се јави не каде што живееше, туку во санаториумот во Барвиха, блед и тешко движејќи се со извештачена од бол насмевка. Ако гласаше на неговото гласачко место тој ќе мораше да минува улица, па да се качува по скалии и тешко дека ќе го издржеше тоа. Како и да е јавноста беше изманипулирана и Елцин ги доби изборите, но во постела остана се до почетокот на август, кога мораше да дојде на инаугурација, која беше со многу скратена церемонија, токму поради лошата здравствена состојба на претседателот. Тоа се гледаше, но никој гласно не го изговараше. Сите молчеа или се обидуваа да го скријат фактот дека тој е болен. Интересно е што практика да бега од јавноста или да се крие од неа, имал и Јосиф Сталин. По нападот на Советскиот Сојуз од страна на Германија на 22 јуни 1941 година, советските војски доживуваат катастрофални загуби. За една недела Германците практично го уништуваат Западниот фронт, милиони советски војници се запленети, илјадници авиони и тенкови се уништени. Сталин и членовите на Политбирото не знаееле што да прават. За се им биле виновни генералите кои не успеале да ја сопрат германската инвазија. Се одело до таму што бил направен антагонизам меѓу нив и меѓу политичарите. А се тоа нанесувало штета во војната. Имало игри, политички интриги, и еден ден Сталин го снемало од јавноста. Велат доживеал нервен слом. Два дена владеело безвластие. Никој не сакал да потпише ништо, ниту да преземе одговорност. А Германците продолжиле да наппредуваат. Сите го барале Сталин, генерали, го барале неговите другари од Политибирото, а тој никому не се јавувал. Овие последниве како да биле ставени на искушение. Но кога го нема мачорот, глувците оро водат. Знаејќи со кого си имаат работа, тие подготвиле стратегија, да направат некој вид ултра политибиро со мал број членови, а прв човек да биде Сталин, а тие, четири пет души, да се пикнат околу неговиот скут. Така предвиделе Државен комитет за одбрана. Сталин по дводневно „медитирање“, а некои велат искушување на другарите-болјари, ги примил на дачата. На прашањето кој ќе биде прв човек на комитетот му рекле: „ Па, ти другар Сталин“. На овој му лекнало. Му станало јасно дека неговото опкружување нема намера да го тргне од власта. Ова го тврдат и некои биографи на Сталин и додаваат дека воените порази  се негова одговорност, не само поради тврдењето дека ќе нема војна со Германија, туку и поради штетата направена на земјата и неспособноста да биде заповедник. Тие тврдат дека „Само диктатор што ги убил сите можни соперници може да го преживее тоа. Во секој друг систем тоа би предизвикало смена на власта, но таква смена не била можна во Советскиот Сојуз“. Еден од идолите на Владимир Путин е токму Сталин. Со сите негови крволоштва, чистки, убиства, интриги и успеси да се вратат некои поранешни држави во Советскиот Сојуз, а одвоени од него по доаѓањето на власт на болшевиците, предводени од Владимир Илич Ленин. Секако на Путин му импонира и воениот успех на Сталин во Втората светска војна, независно колку жртви даде Советскиот Сојуз. Па, еве едно размислување. А не ги искушува ли Путин луѓето од неговото опкружување? Или се повлече да подготви некаков одговор на се поголемите искушенија што ја чекаат Русија? Се разбира ако не е болен или презафатен. Тој има голема популарност, но работите не стојат така како што ги покажува кремлевската пропаганда. Првото полувреме околу украинската криза го доби Барак Обама. Во меѓусебната „битка“ за приклонување на Европа, победи американскиот претседател. Сега во тек е второто полувреме. Противник на Русија е и Европа, иако со некои колебливости меѓу членките на ЕУ, а не само САД. Тежок натпревар за Русија. Како ќе заврши, можеби зависи и од сегашното исчезнување на Владимир Владимирович. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе