14 Мај, 2024
0.0254

Јапонија и Русија се уште се во „војна“!

Објавено во: Свет 16 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

Шеесет години по потпишувањето на Заедничката јапонско-советска декларација, рускиот претседател Владимир Путин, вчера допатува во Јапонија. Според резултатите од првиот ден на посетата и средбата со јапонскиот премиер Шинѕо Абе, во неговиот роден град Нагато, засега може да се зборува за економски пробив во соработката.

Според прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, за време на преговорите лидерите на двете земји се договориле да се обноват контактите во формат „два плус два“, меѓу првите луѓе на министерствата за надорешни работи и за одбрана. Исто така разгледани биле редица двострани проблеми, вклучувајќи го и мировниот договор, територијалните прашања,и можностите за заеднички економски активности на Курилските острови, кои се под руски суверенитет, а за Јапонците се „Спорни северни територии“.

Советникот на Путин, Јуриј Ушаков поконкретен. Соговорниците го усогласиле текстот на документот со кој се обврзуваат експертите на двете земји да почнат подробни консултации за усогласување на формите и областите за заедничка стопанска активност на јужните Курилскио строви. Заедничката стопанска активност ги опфаќа риболовството, аквакултури, туризам, екологија, медицина и редица други. Документот ќе биде објавен денес, на вториот ден од посетата на Путин и тоа во Токио. Според Ушаков се што ќе се одвива на Курилските островиќе подлежи на руското законодавство, бидејќи „таатериторија е на Руската Федерација“.

За содржината на средбата вчера зборуваше и премиерот Абе. Според него разговарано е и за мировниот договор меѓу двете земји. Јапонија и Русија 71 година по завршувањето на Втората светска војна се’ уште се „наоѓаат“ во војна. Тие немаат потпишано мировен договор,иако тоа е превидено со Заедничката декларација. Што се однесува до заедничката економска активност, според Абе, таа ќе се одвива „во рамките на специјален јапонско-руски систем“. Каков  -можеби ќе дознаеме денес. 

Ова погоре се првите конкретни резултати од посетата на Путин на Јапонија. Абе годинава со Путин се сретна четири пати и покрај обидите за меѓународна изолација на рускиот претседател после присоединувањето на Крим кон Русија. Посетата беше најавувана пред две години, но поради санкциите кон Русија, поддржани и од Јапонија таа не се оствари. Веројатно денес ќе бидат потпишани и некои поголеми договори, со оглед на тоа што во руската делагација се наоѓаат и првите лица на Росатом,на „Гаспром“, на „Росњефт“Игор Сечин, и група големи претприемачи.

Економијата си е економија, но јапонската болка се Курилските острови. Се она што го прави Абе сега, заедно со Путин, е само обид да се создаде плодна почва за враќање на доверба за отпочнување разговори за решавање на тоа горливо прашање, пред се за Јапонците, како и потпишување на мировен договор. Пред некој ден Путин имаше интервју за јапонската телевизија „Нипон“ и весникот „Јомиури“. Во него тој истакна дека со Абе работат на создавање на атмосфера на доверба, пријателство меѓу двете земји и народи. И врз почвата на таа доверба да лежат и договорите за создавање услови за подготовка на мировен договор. За почеток, според него, би можеле да се постигнат резултати во заедничка економска активност, па посети на бившите жители на Курилските острови на местата каде што порано живееле…Путин вели дека Русија не се откажала од обновениот процес на преговори во 2000 година, туку Јапонија еднострано пред неколку години ги прекинала преговорите. Исто така Јапонија се присоедини кон санкциите кон Русија. Оттука и прашањето на Путин за тоа, колку е голем степенот на самостојноста на Јапонија во донесувањето на одлуките.Тој сака да знае колку би биле спроведливи евентуалните договори меѓу двете земји. Русија сака да биде на чисто на што може да смета во такви услови.  На прашање на новинарите дали Русија има други територијални проблеми, освен проблемот со Јапонија, Путин одговара дека Русија смета дека нема никакви територијални проблеми. Јапонија е таа која смета дека има територијални проблеми. А Русија е подговена да разговара за нив.

Не случајно Путин го поставува прашањето за самостојноста на Јапонија во носењето одлуки. Проблемот со Курилските острови се јавува на крајот од Втората светска војна. Поточно со договорот постигнат на конференцијата во Јалта меѓу САД, СССР и Велика Британија. Според него СССР влегува во војна со Јапонија после победата над Германија, но под услов да се вратат Сахалин и Курилските острови, кои Руската империја ги имимала загубено во текот на руско-јапонската војна во 1905 година.
Во август 1945 година СССР ги завојува островите, а во септември Јапнија потпишува акт за беспоговорна капитулација. Според условите од Потсдамската декларација, кои Јапонија ги прифаќа, нејзиниот суверенитет се ограничува на четири поголеми  и неколку помали острови. Во 1946 година Курилските острови официјално се вклучени во составот на СССР.

Во 1951 година СССР се откажува од потпишување на мировен договор  со Јапонија во Сан Франциско. Причина-недоволно обработен текстот на договорот во поглед на при надлежноста на Сахалин и Курилските острови. Формално војната меѓу Москва и Токио завршува дури во 1956 година со потпишување на Заедничката декларација, со која се воспоставени дипломатски односи и изразена подготвеност Русија да и врати на Јапонија два острови. Русија и овозможува на Јапонија да стане членка на ОН и се откажува од воени репарации. Според некои извори, Американците вршеле голем притисок и се заканувале доколку Јапонија се откаже од суверенитетот на своите острови. Во 1960 година Јапонија потпишува со САД договор за безбедност со кој е предвидено американско воено присуство во земјата, по што СССР ги анулира неговите обврски од договорот.  И оттогаш до денес трае проблемот на Курилските острови. А со нив и проблемот со мировниот договор.

Токму ваквиот однос на Јапонија е поводот Путин да прашува за нејзината самостојност во носењето одлуки. При ова се има предвид појавувањето на американски бази на Курилските острови доколкутие се вратат на Јапонија. Како што пренесоа некои медиуми, повикувајќи се на јапонскиот весник „Асахи“, таквата можност не ја исклучил директорот  на Советот за национална безбедност на Јапонија Сјотаро Јати во разговорот со секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев.

Повеќе експерти сметаат дека Русија нема никогаш да ги врати островите. Не само поради стравот Американците на нив да направат воени бази, туку и поради фактот што таа стопанисува со нив и со морските пространства околу нив. Евентуален компромис, како што се зборуваше во времето на Борис Елцин, на Јапонија да и се предадат два острова, а поголемите два да и останат на Русија и да се потпише мировен договор не би прифатиле голем број Јапонци. Тоа ќе се смета како предавство. И нема премиер досега кој размислувал во таа насока. Обидите на Абе се некаков прв чекор.Тој не смее да ја прифати формулата „два мене – два тебе“ особено во овие времиња. А не се знае дали и Русија е подготвена за предавање на два острови на Јапонија.

Има и друг проблем. Ако на северот е Русија, на југот е Кина и спорот околу ненаселените острови во Кинеското море. На нив претендираат и двете држави. И веќе се забележани првите искри околу тие острови. Се јавија и Американците како сојузници на Јапонија.Оттука и прашањето, за кого е најдобро одбрано времето да се размислува за решавање на децениски спорови. Се чини за Русија. И за Јапонија, но под услов да се согласи на руската понуда. А таа, според се, ќе биде некакво заедничко користење и експлоатација на богатствата на островите, морската околина околу нив, безвизен режим за Јапонците чии корења се од тие острови, но со зачувување на рускиот суверенитет врз островите.  А мировниот договор? Тој ќе чека подобр ивремиња. Така што неформално двете земји и натаму ќе останат со незавршена Втора светска војна.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Бактериите отпорни на лекови можат да направат „Ковид-19 да изгледа ситно“

Бактериите отпорни на лекови можат да направат „Ковид-19 да изгледа ситно“

ВАКА ММФ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ ДО 2026 ГОДИНА: Каде оди глобалната инфлација?

ВАКА ММФ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ ДО 2026 ГОДИНА: Каде оди глобалната инфлација?

НОВИОТ ШЕФ НА КРИПТО ГИГАНТОТ ТЕТЕР СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ГЛОБАЛНА АПОКАЛИПСА: Еве што се случува

НОВИОТ ШЕФ НА КРИПТО ГИГАНТОТ ТЕТЕР СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ГЛОБАЛНА АПОКАЛИПСА: Еве што се случува

(ВИДЕО) ИМА УАПСЕНИ: Израелски демонстранти ja расфрлаа помошта за Палестинците

(ВИДЕО) ИМА УАПСЕНИ: Израелски демонстранти ja расфрлаа помошта за Палестинците

ДРЖАВА ВО САД СИ ГО СМЕНИ ЗНАМЕТО: Која е причината?

ДРЖАВА ВО САД СИ ГО СМЕНИ ЗНАМЕТО: Која е причината?

УКРАИНА УАПСИ РУСИ: Планирале серија терористички напади во Киев

УКРАИНА УАПСИ РУСИ: Планирале серија терористички напади во Киев

НОВИОТ РУСКИ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА: Имаме хаос, војниците кои се враќаат ги праќаат во преполни болници

НОВИОТ РУСКИ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА: Имаме хаос, војниците кои се враќаат ги праќаат во преполни болници

Украина призна тактички успех на Русија во регионот Харков

Украина призна тактички успех на Русија во регионот Харков

ГЕРМАНЦИТЕ НЕ ПЛАЌААТ ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА: Сериозно го стегнаа ќесето, а сето тоа треба да го трпат вработените!

ГЕРМАНЦИТЕ НЕ ПЛАЌААТ ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА: Сериозно го стегнаа ќесето, а сето тоа треба да го трпат вработените!